Пазарот за мобилни телефони и натаму се намалува
28 август 2019Бројот на продадени смартфони во светот опаѓа. Особено е намалена побарувачката по скапи телефони. Тоа го покажува студија објавена од страна на институтот за истражување на пазарот Гартнер. Во вториот квартал од годинава вкупно биле продадени 368 милиони смартфони, што е за 1,7 проценти помалку од претходната година.
Лидерот на пазарот Самсунг, по шест квартали едноподруго со загуба, конечно можеше да забележи плус, покажуваат објавените бројки. Но, веќе во изминатите години била намалена побарувачката по најновиот изум на Самсунг - С10, се вели во анализата.
Побарувачката за ајфони на Епл исто така се намалува, иако со побавно темпо отколку од почетокот на годината. Очигледно денешните сопственици на топ модели не гледаат причина да ги менуваат своите апарати за многу пари, вели аналитичарот на Гартнер, Аншул Гупта. Немало ни доволно поттик за корисници со телефони од средната класа да се префрлаат на поскапи модели.
„Сметам на тоа дека поголем дел од продажбата ќе биде во ценовната категорија од 300 до 400 долари“, прогнозира Гупта. Тие апарати за многу корисници нудат доволно опции, оценува тој.
Повеќе:
Лажни смартфони како заштита од крадци
Сината светлина од смартфонот ве поттикнува да јадете колачи
„Пазарот уште повеќе ќе се намалува“
И покрај американските санкции, кинескиот ривал Хуавеи доби нови клиенти и се приближи кон поставената цел - светски број 1. Особено на домашен терен конкурентот на Епл доживеа подем. Со 58 продадени милиони смартфони Хуавеи има 20 милиони продадени апарати повеќе отколку што Епл има продадени ајфони.
Сепак, американските мерки против кинескиот концерн Хуавеи севкупно ќе го закочи пазарот за смартфони, сметаат експерти од оваа област. Се гледа дека Самсунг и кинески ривали како Ксиаоми ќе земат дел од колачот на Хуавеи, веи Гупта. „Сепак, не мислам дека продажбата на Хуавеи целосно ќе се распредели на други играчи на пазарот. Затоа пазарот уште повеќе ќе се намали."
Повеќе: Хуавеи во Германија? Лош бизнис!
Самсунг во вториот квартал остана број 1 на светскиот пазар и според пресметките на Гартнер го зголеми својот пазарен удел од 19,3 проценти во истиот период лани на 20,4 проценти годинава. Уделот на Хуавеи е зголемен од 13,3 на 15,8 проценти, но сепак има намалување откако компанијата во мај годинава беше ставена на црната листа од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Со тоа американски компании само со специјална дозвола може да имаат бизниси со Хуавеи.
Ферфон и натаму се бори
Епл има пазарен удел од 10,5 проценти, а веднаш зад него е кинескиот производител Ксиаоми со девет проценти. Ферфон пак забележува само минимален удел, па така Епл секој ден продава повеќе телефони отколку холандскиот производител за шест години заедно. Сепак, Ферфон и натаму вложува во одржливо производство на смартфони и го презентираше третиот модел на команијата. „Ферфон 3 докажува дека фер и одржлив третман на ресурсите може да се поврзе со комфор и технички напредок", изјави шефицата на фирмата Ева Гувенс во вторникот во Берлин. Во споредба со втората Ферфон-генерација од пред четири години, цената на новиот модел е намалена од 525 евра на 450. Ферфон сака што е можно повеќе делови од телефонот да ги произведува одржливо и под достојни услови за вклучените работници.