Ширењето паника поради гасот му користи на Путин
13 јули 2022Најкатаклизмичкото сценарио за идната зима би можело вака да изгледа: германската економија се бори со најтешката рецесија по Втората светска војна. Колабираат цели индустриски гранки, загрозени се безброј работни места. Милиони луѓе седат и се смрзнуваат во домовите, во неможност да ги платат високите сметки за гас. Други бараат прибежиште во јавни загреани простории.
А политиката е преоптоварена со распределбата на преостанатиот расположлив гас. Хемиски фабрики против пекарници, фирми против приватните домаќинства: земјата тоне во хаос и огорчени делбени битки.
Доколку навистина дојде до таму, без дилеми, тоа би бил политички кошмар. Затоа Роберт Хабек не греши предупредувајќи дека целото општество би било ставено на тест доколку Русија ја остави затворена славината за доток на гас од Северен тек 1.
Но, кого всушност би сакал да го протресе министерот за економија со ваквите изјави? Драстичните предупредувања од политиката и економијата одамна почнаа да создаваат клима на страв, а тоа му користи само на еден човек - на Владимир Путин.
Ќе се претвори ли сервисирањето на Северен тек 1 во политички маневар?
Од далечната Москва, рускиот претседател може опуштено да набљудува како 2000 километри западно сѐ се врти околу него. Дали тој техничкиот рутински термин ќе го претвори во политички маневар? Ќе го искористи ли десетдневното сервисирање на гасоводот за засилување на кризата со гасот во Германија? Или Русија сепак ќе продолжи да ги исполнува обврските за испорака? Прашања кои во Берлин со недели се вртат како на бескрајна лента.
Притоа, одговорот секогаш е ист – сеедно кому е поставено прашањето: никој не знае! Тоа е барем искрен одговор. Но, непрекинатата преокупација и кружење околу оваа голема неизвесност придонесува оправданата загриженост постепено да прерасне во паника. Вклучувајќи ги и пазарите на суровини, што дополнително ги подгрева цените на енергенсите – токму според намерата на Путин. Оној кој секојдневно слика нови хорор сценарија, треба да е свесен за овој факт.
Паничарската дебата го замаглува погледот врз напредоците
Широко распространетиот мерак за апокалиптични приказни води до замаглување на погледот врз реалните случувања, вклучувајќи го и веќе постигнатиот напредок во областа на енергетската безбедност.
Прво: резервоарите со гас во Германија во меѓувреме се полни со преку 60 проценти од капацитетите. Тоа не е доволно за добро пребродување на есента и зимата, но е на правилен пат.
Второ: Норвешка и Холандија се алтернативни снабдувачи на гас, кои имаат желба да помогнат во рамките на своите можности.
Трето: Потрошуваката на гас во Германија во изминатите месеци бележи назадување, тоа ја намалува нашата зависност од увоз на енергенси.
Четврто: Бундестагот и Бундесратот само што усвоија закони, со кои конечно може да се забрза потребното темпо во енергетската трансформација кон обновливи извори на енергија.
Политиката треба да зрачи оптимизам
Ако се земе сево ова предвид, претстојната зима може и вака да изгледа: секој од нас штеди енергија онаму каде може – при греење, при туширање, на работа и во слободното време. Политиката целно ги поддржува оние кои економски се на удар на растечките цени. А во јавната дебата преовладува проценката дека ситуацијата е сериозна, но не и безизлезна.
Сценарио, кое претпоставува извесен оптимизам. А токму него мора политиката сега да го шири.