Патувањето на Грета- ПР катастрофа за германската железница
16 декември 2019Тоа е сценарио кое им е познато на повеќе патници во германската железница (Дојче Бан): Возот е пренатрупан, сите седишта се зафатени и немате друга опција освен да седите на подот. Дури и ако сте Грета Тунберг. Шведската тинејџерска климатска активистка се најде во таква ситуација во неделата враќајќи се од Климатската конференција на ОН во Мадрид. Никаква особена приказна се додека Грета не постираше фотографија од патувањето (насловна фотографија) на Твитер. На неа, Грета седи на подот на возот, опкружена со нејзиниот багаж. Во текстот вели дека патува „во преполни возови низ Германија“ на пат кон дома.
Фотографијата предизвика бура од реакции на Твитер каде Грета има 3,6 милиони следбеници. Многумина од нив се шегуваа со условите во возовите на Дојче Бан- критикувајќи ги турканиците и доцнењето.
„Добредојде во Германија, јавниот транспорт тука е хаос“, ја предупредува еден твитерџија Грета.
„Вистинско Дојче Бан искуство“, додава друг.
Дојче Бан одговори на твитот на Грета со соопштение во кое тврди дека младата Швеѓанка имала карта за прва класа на релацијата од Касел до Хамбург, односно во најголемиот дел од своето патешествие низ Германија.
„Ќе беше уште подобро доколку известеше и колку пријателски и компетентен беше нашиот тим кој се грижеше за тебе во првата класа“, и порачаа од германската железница на Тунберг.
Кој создава заблуди?
Следуваа коментари на социјалните мрежи дека Грета ја довела во заблуда јавноста со својата фотографија. Таа им одговори со објаснување дека нејзиниот воз од Базел бил откажан, па била принудена да седи на подот во два други воза попат. Најпосле успеала да седне во Гетинген.
„Но тоа секако не е проблем и никогаш не реков дека е“, напиша тинејџерката.
„Преполните возови се одличен знак и тоа значи дека побарувачката за патување со возови е голема!“, дополни Тунберг.
И со тоа приказната заврши, барем за Грета Тунберг и за нејзиниот долг пат до дома. Но за Дојче Бан, таа се чини секогаш одново почнува кога концернот ќе се најде во центарот на вниманието на јавноста од погрешни причини. Овојпат не беше само недостатокот на возови и на места во нив, туку и односот на тимот за односи со јавност на компанијата кон своите гости.
Дојче Бан денеска соопшти дека планира да инвестира 12 милијарди евра во нови возови во следните неколку години, најголемиот дел од кои ќе бидат наменети за брзи возови.