Бегачи од часови или спасувачи на климата?
29 март 2019Себастијан Гриме е пред матурирање. Но, овој 19 годишник вели: „Моите приоритети се поинакви". Дванаесет часа, понекогаш и повеќе секој ден тој е посветен на активности поврзани со движењето „Петоци за иднина".
"Само демонстрации не се доволни. Поголемиот дел од активностите овде се одвиваат во нашето слободно време“. Вчера тој работеше на документот со заеднички барања, усогласуваа ставови со останатите членови, подготви вести за националните групи и сето тоа од девет часот наутро до два часот по полноќ.
Листа со заеднички барања
Гриме е дел од сточлената „Работна група за изготвување на заеднички барања". Нивната цел: изработка на заедничка национална листа на барања за движењето – „Петоци за иднината". За ова тие се консултираат и со научници, и читаат научни анализи. Гриме вели дека работел според извештајот на ИПЦЦ на 150 страни, за клима на Обединетите нации. „Ние се обидуваме врз основа на ова да поставиме конкретни барања до политиката."
Од средина на декември секој петок низ Германија протестираат ученици со барања за одржлива политика за заштита на климата. Нивниот пример е 16 годишното девојче од Шведска, Грета Тунберг, активист за животна средина, која се здоби со меѓународно внимание по неколкунеделен штрајк кој пак предизвика низа петочни протести низ светот. Овој петок Тунберг ќе го поддржи германското движење во Берлин.
Јавни обиди за дискредитација
Критичарите велат дека „Петоци за иднината" е само едно емотивно движење без суштина. Првиот човек на германските Либерали (ФДП) – Кристијан Линднер неодамна изјави дека климатската политика е „работа за професионалнци". И поранешниот градоначалник на Нојкелн, Хајнц Буховски, во еден коментар за весникот „Билд“ напиша дека поголемиот дел од младите демонстранти сосем свесно погрешно го толкуваат движењето – како „дозвола за бегање од часови". Буховски не е осамен со ваквите ставови.
Матурантот Себастијан Гриме се противи на ваквите тврдења. „Ако господин Линднер ни вели дека оваа работа треба да им ја оставиме на професионалци, тогаш јас го прашувам него дали го прочитал извештајот ИПЦЦ." За Гриме се контрадикторни и обвинувањата дека е ова само повод за бегање од часови. И аналитичарите на протести го имаат истиот став: „Бегање од часови во никој случај не е мотив за луѓето кои излегуваат на протести," вели професорот Себастијан Кос од Институтот за јавна администрација на Универитетот во Констанц.
Одлуки со поддршка од базата
Повеќе од 350 локални групи брои движењето "Петок за иднината" според сопствени информации. Секоја група испраќа по еден делегат, т.н. "Дели" во сојузниот пленум. Тој пак се состанува еднаш неделно преку телеконференција и меѓу другото се дискутира и околу тоа кога ќе биде следната голема акција со штрајкови, дали ќе се отвори сметка за донации и дали ќе канат политичари на настанот. За предлозите одлучуваат локалните групи и една недела подоцна пленумот ги гласа заклучоците. „Демократија од базата" го нарекуваат процесот активистите од "Петоци за иднината". Тие се вмрежуваат преку групи на апликациите Ватсап, Инстаграм, Фејсбук, Телеграм или Слек. Имаат свој оддел за односи со медиумите кој во рок од само неколку минути одговара на прашања на новинари и издава соопштенија.
Луиза Нојбауер е меѓу првите кои во Германија ги отпочнаа протестите „Петоци за иднината". Оваа 22 годишна студентка по географија, медиумите ја опишуваат како германската Грета Тунберг. Нојбауер ја запознала Тунберг на климатската конференција во Катовице. „Си помислив дека мора брзо да смениме многу нешта и мора да бидеме многу гласни", вели Нојбауер во интервју. „Нашите протести предизвикуваат јавен притисок кој ги повикува на одговорност носителите на одлуки и го зголемува притисокот за преземање мерки." Централните барања на Нојбауер се да се задржат поставените климатски цели и побрзо да се напушти употребата на јаглен, а не дури во 2038 година.
Научниците велат дека младите имале успех
Аналитичарите за протести се импресионирани од замавот што го зема движењето. „Тие темата за климатските промени ја ставија на сосем друг начин на дневен ред", вели аналитичарот Себастијан Хаунс, кој воедно е и професор на универзитетот во Бремен. Тој смета дека младите многу нешта прават исправно за од иницијативата да се развие одржливо социјално движење. Многу учесници на петочните протести ризикуваат неоправдани часови. За да имаат вистинска тежина според Хаунс им требаат сојузници. „Им требаат други чинители кои ќе ги поддржуваат и кои ќе ја прифатат нивната кауза."
Нив, „Петоци за иднината" ги доби во изминатите недели. Сојузот за животна средина и заштита на природата издаде официјална изјава за солидарност. Политичари од речиси сите политички партии декларираа солидарност со „Петоци за иднината", дури и канцеларката Ангела Меркел го пофали ангажманот на младите. Движењето доби поддршка и од „професионалците": 23 илјади научници, „Научници за иднината", потпишаа став во кој се подржуваат протестите.